Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (9)

11.04.2024 10:26
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (9)

„Бигор шарпланинецот: приказни за пријателството и за храброста, Ферид Мухиќ, „Три”


Во јануари 1979 година Бигор наполни 4 месеци. Како и секоја година, и таа зима стадото на браќата Матранчи беше симнато во Полог, тие беа дома во Желино. Решив да им го однесам Бигор да видам што ќе речат за него луѓето кои најдобро ги познаваа шарпланинците. Како што ми кажа по телефон Јусуф, најмладиот од браќата Матранчи, шарпланинците останале со стадото, само еден мажјак, една женка и три кутриња биле во дворот на куќите во Желино. Кутрињата беа машки, еден месец постари од Бигор.Тоа беше идеална прилика Бигор да го почувствува мирисот на овците и да се душне со своите собраќа, шарпланинците. Според договорот, два дена подоцна, во сабота, стигнав со Бигор пред портите на куќите на Матранчи во Желино. Нè пречека Јусуф, најмладиот од браќата, кој ги отвори ширум двете крила од големите порти. Бигор и јас влеговме со автомобилот во голем, поплочен и многу чист двор. Само во еден агол од дворот имаше еден куп снег. Јусуф ме покани да влезам, да се одморам, но го убедив дека е подобро веднаш да го погледне Бигора и да ги пушти трите кутраци да си поиграат со него.

Иако сè уште неформиран и премногу млад, Бигор му „полнеше око“ на Јусуф Матранч. По тоа како се насмевнуваше додека го гледаше како се движи, како го испитува непознатиот простор, како го држи опавчето, видов дека многу го бендиса. Ги пофали изгледот на главата на Бигор, силната муцка, широкото чело и остриот поглед. Веќе знаев дека Матранчите никогаш не ги земаа в раце своите кутриња, ниту ги галеа кога ќе пораснеа. Имено, кога еднаш на нивното бачило во Градска Ливадица никако не можев да измерам висина на два многу големи шарпланинци бидејќи беа исклучително недоверливи, го повикав Џеладин, средниот брат Матранч, му објаснив што ми е проблемот и го замолив да ги викне кучињата и да ги задржи да ги измерам.

„Не можам ни јас да ги фатам. Тие се постојано со овците и никој да не може да ги оддели од нив.“ За да ме увери, зеде од бачилото две-три парчиња месо и ги викна кучињата. Тие дојдоа, но не му се доближија. Од 4-5 метри мавтаа пријателски со опашките, го гледаа Џеладин, но не сакаа да му пријдат ни чекор поблиску. Целта на ваквото постапување била кучињата примарно да се приврзат со овците, дури и со објектите кои им се доверени на чување, наместо со човекот. Шарпланинецот многу лесно, трајно и цврсто се врзува со човекот. Се случувало некој да договори да купи овци, но да се премисли затоа што нема или не може да најде добри овчарски кучиња кои лесно би го прифатиле новото стадо. При купување овци од Матранчи тој проблем не постоеше. Нивните надалеку прочуени шарпланинци беа дополнително бинго за среќниот купувач, бидејќи одеа топ-тан сосе овците, за кои тие се грижеа цел живот. Кој ќе го купеше стадото овци од нив, знаеше дека ги добива и кучињата, кои едноставно продолжувале да ги чуваат истите овци. Затоа не се зачудив што Јусуф не само што не побара од мене дозвола да го земе Бигор в раце за да го разгледа внимателно и одблиску, туку љубезно но решително одби да го стори тоа кога јас му го предложив.

Откако Бигор малку се привикна на новиот простор и чудните миризби што се ширеа во дворот, кои очигледно многу го возбудуваа, Јусуф ги пушти трите кутриња на Матранчите. Тие беа прекрасни петмесечни шарпланинци, типичен „џинс“, сој одгледуван само од Матранчите. Високи, со големи шепи и дебели нозе, крупни глави со црна маска на муцката. Како вид, сите нивни шарпланинци беа „карабаши“, со светло крзно чиј распон на боите се движеше од слонова коска, преку кремова до пченична и медова, со црна маска и веѓи, од каде што и потекнуваше името Кара-баш – Црна глава. Бигор очигледно беше многу импресиониран од овие тројца свои убави далечни роднини. Тие се собраа околу него, возбудено го душкаа и во еден момент почнаа да рипаат и да се креваат на задните нозе, обидувајќи се да му застанат со предните шепи на грбот. Бигор тоа го протолкува како предизвик да се тркаат и почна да трча.

                                       

                                         ***


„Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка”, Блаже Миневски, „Матица македонска”

 

Мајка ми Јустанијана (Јанка) е родена на 11 јуни 1878 година во Охрид. Потекнува од семејство во роднински врски со Кузман Шапкарев и браќата Миладинови. Има завршено гимназија во Софија и студира филозофија.Во тоа време кај вујко ѝ Јаким Балев, во куќата на аголот од „Цар Симеон“, идат разни луѓе, се одржуваат разни средби. Вујко Јаким е газда на „Ломски ан“ и на гостилницата „Охридско езеро“. Мајка ми живее со неговите три ќерки, во полна куќа.Тука често доаѓа и Гоце. Тој станува пријател на семејството; прифатен е како близок другар на мајка ми.Колку што знам, уште како ученичка потпаѓа под негово влијание. Како предана пријателка на Делчев и братучеда на Климент Шапкарев, станува учесничка во македонското револуционерно движење на кое ќе ги предаде целата душа и младост.Тoкму Гоце ѝ го дава револуционерното име Јанка и со тоа име влегува во историјата.Во периодот од 1898 до 1904 година е учителка во Скопје, а таму директор е Петар Поп Арсов, еден од раководителите на Организацијата. Под негово водство, заедно со учителките Славка Чакарова и Ленка Кронева, го формираат женскиот револуционерен комитет „Света Ирина“. Подоцна, како учителка во Драмско, се движи со четата на Гоце.

Го прекинувам читањето, ги затворам очите и замислувам какво би можело да биде движењето со четата. Дали понекогаш седнувале негде скраја и, дури комитите дремат, тие се галат по дланките .Така, во тревата. Или, можеби, седеле подалеку еден од друг и се погледнувале без да ги забележат другите. Можеби Гоце замислувал каква ѝ е кожата под панталоните од црн шајак, какви ѝ се табаните во плетените чорапи, врзани над колената. Или само оделе, а тој го чувствувал трепетот зад неа, чекајќи да се смрачи, да се распоредат по селото, да бидат сместени таа во една, тој во друга куќа, и кога сите ќе заспијат, а тој тешко спие, спие само час-два пред мугрите, значи кога сите ќе заспијат, да се спушти од чардакот во страничната уличка, потоа полека да се доближи до џамот, што таа веќе го има оставено отворен, со еден скок да се фати за симсот, да се потпре со коленото на ѕидот, да се префрли во собата и да го направи тоа што сака.

Во клучниот момент ги отворам очите, го грабнувам глувчето и се враќам на сведоштвото на Магда. Таа, се разбира, нема фантазии како мене. Вели дека под раководство на Гоце прават бомби што ги праќаат во Дупница. Кога е откриена групата, Јанка е осудена на сто и една година, но Организацијата успева да ја извлече од затворот облечена во чергарски алишта. Токму Михаил Герџиков, преправен во ќумурџија, лично ја носи во шумата. Пред заминувањето на Делчев за последен пат во Македонија, се среќаваат кај вујко ѝ Јаков; тогаш таа му го дава знамето со девојка од едната и лав од другата страна. Му подарува и елек плетен од неа. На вечерата биле најблиските пријатели. На крајот, татко ми го молел да не оди, се понудил самиот да замине место него, но Гоце не прифатил. На испраќање, насамо му рекол: „Мишел, ти знаеш, јас милеам за две нешта – Македонија и Јанка. Ако стане нешто со мене, чувај ги двете. Ако некогаш се родат кај Тебе чувства кон Јанка – земете се!“

„Окно” во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски” и оваа година објавува фрагменти од делата кои беа во конкуренција за наградата Роман на годината за 2023 година. Претходните извадоци прочитајте ги овде.