Загадувањето на воздухот и ризикот од депресија и анксиозност

28.02.2023 01:28
Загадувањето на воздухот и ризикот од депресија и анксиозност

Бројни научни студии разоткриваат колку негативното аерозагадување може да влијае на нашата здравствена состојба, а една од најновите, која ја спроведе Универзитетот во Пекинг, објавува докази дека долготрајното вдишување загаден воздух доведува до поголема опасност од депресија и анксиозност, дури и во случај на ниски концентрации на загадувачките материи.

Авторите на истражувањето, објавено во медицинското списание JAMA Psychiatry, 11 години следеле 389 000 поединци од базата со податоци на Обединетото Кралство (UK Biobank). На самиот почеток никој од нив немал дијагноза депресија или анксиозност.

Истражувачите ја анализирале здравствената слика на учесниците до датумот на дијагностицирање на депресијата или анксиозноста, до губењето на можноста за следење, смрт или до 29 февруари 2020 година, без оглед кој од овие фактори настапил прв.

По завршувањето на студијата, кај 13 131 лице била дијагностицирана депресија, а кај 15 835 анксиозност. Според научната анализа, оние кои биле изложени на највисоки нивоа на аерозагадување имале 16 проценти поголема веројатност да развијат депресија, односно 11 проценти поголема веројатност за појава на анксиозност.

Меѓутоа, ни оние кои живеат во подрачја со помало аерозагадување не се поштедени од негативните ефекти по менталното здравје. Зголемен ризик од депресија и анксиозност исто така е забележан меѓу жителите кои вдишуваат воздух чии годишни концентрации на загадувачки материи се пониски од пропишаните вредности во Обединетото Кралство.

„Наодите покажуваат дека се неопходни построги стандарди или регулативи за контрола на загадувањето на воздухот, како и дека намалената изложеност на поголемо количество загадувачки материи на воздухот може да го ублажи товарот од депресија и анксиозност“, се заклучува.

Превод: Алек Кузмановски

Слика: Vladimir Manzhos

Извор: https://www.ajc.com/