Прошетката во природа позитивно влијае на мозокот

19.04.2024 01:03
Прошетката во природа позитивно влијае на функционирањето на мозокот

Во денешното сè позабрзано темпо на живот пронаоѓањето начини за опоравување од стресот станува сè потешко. Во потрага по рамнотежа многумина се насочуваат кон природата како извор на мир и ревитализација.

Оваа практика не е нова: многу народи и култури одењето во природа го сметале за клучно за својата благосостојба. Древните Грци во Асклепионите, центри за исцелување, шетале во преубавите градини како дел од терапијата. Исто така, јапонските зен градини се замислени за да ги стимулираат медитацијата и поврзувањето со природата.

Во истиот дух, јапонската практика на „капење со шума“ или на јапонски шинрин јоку, е дел од јапонската традиција и се однесува на целосно препуштање на природата со сите сетила. Оваа практика, која во Јапонија е препознаена како превентивна медицинска метода, може да подразбира прошетка во шума, уживање во мирисите на цвеќињата, пишување хаику, медитација или длабоко вдишување воздух.

Зошто во Јапонија се капат со шума?

Иако корените на оваа практика потекнуваат уште од будистичката традиција, терминот „капење со шума“ го смислила јапонската влада во осумдесеттите години на минатиот век со цел стимулирање на менталното здравје на своите граѓани и поврзување со природата. Денес во Јапонија постојат повеќе од шеесет локации специјално означени за капење со шума, а оваа практика стана привлечна за посетителите од целиот свет.

Експериментот покажа дека прошетката ги намалува нивоата на стрес - но само ако таа се одвива во природа

Свеста за значењето на природата за менталното здравје сè повеќе расте и веќе со децении е предмет на бројни научни истражувања. Докажано е дека природата има позитивен учинок на нашето расположение и намалувањето на стесот, преку прошетка, градинарство или гледање фотографии од природа. Истражувањата покажаа дека престојот во природа позитивно влијае и како терапевтска практика, особено на оние лица кои страдаат од хроничен стрес и симптоми на депресија.

Меѓутоа, едно од прашањата на кое научниците сè уште се обидуваат да најдат одговор е - зошто природата толку нè привлекува? Зошто кога ќе засјае сонцето копнееме по бегство во природа?

Теоријата за „биофилијата“, иако сè уште не е потврдена со научни докази, предлага дека нашата природна тенденција за поврзување со природата всушност е еволуциско наследство. Како вид еволуиравме во непосреден контакт со природата, па можно е да имаме длабоко вкоренета тенденција да ѝ се вратиме. Во тој контекст, сè популарно е прашањето на кое научниците се обидуваат да дадат одговор: кои невробиолошки механизми стојат зад влијанието на природата на стресот, односно како природата влијае на нашиот мозок?

За да испитаме како природата и урбаната средина влијаат на мозочната активност со моите колешки спроведовме истражување на институтот Макс Планк во Берлин, во рамки на групата Лиза Мајтнер за невронаука на животната средина.

На почетокот, во лабораторија ја измеривме мозочната активност на испитаниците користејќи магнетна резонанца, со посебен фокус на активноста на амигдалата, регион во мозокот задолжен за процесирање на емоциите како што се страв и стрес.

Потоа, една група испитаници отиде на едночасовна прошетка во шума, додека другата група беше упатена на прошетка во урбана средина. По враќањето повторно ја измеривме мозочната активност за да ги утврдиме ефектите на природата и урбаната средина на невралните процеси поврзани со стресот.

Резултатите открија дека активноста на амигдалата, поврзана со стресот, се намалила само по прошетката во природа, но не и по прошетката во урбана средина, сугерирајќи дека престојот во природа позитивно влијае на деловите од мозокот поврзани со стресот. Ова истражување за првпат пружи докази за позитивното влијание на природата на мозокот, кои покажуваат дека одењето во природа не само што благопријатно влијае на нашето субјективно доживување на стресот, туку има и позитивни ефекти на неврално ниво, на деловите од мозокот кои се одговорни за стресот.

Додека претходните научни истражувања главно се фокусираа на субјективните одговори на испитаниците за нивното расположение и стресот по престојот во природа, оваа студија првпат го покажува влијанието на природата на објективно измерената активност на мозокот, па може да има импликации за урбаното планирање, како и за здравствениот сектор.

На пример, со оглед на тоа дека само еден час прошетка во природа беше доволен за да се утврдат позитивните ефекти на природата во однос на невралната активност одговорна за стресот, можно е редовните посети на природата да имаат долгорочни благопријатни ефекти особено за лицата со ментални проблеми предизвикани од хроничен стрес, како анксиозност и депресија.

Откритијата за влијанието на природното опкружување на нашиот мозок треба да имаат пресудна улога во урбаното планирање

Резултатите од оваа студија можат да имаат важна улога во обликувањето на политиките на урбаното планирање, кои се темелат на научни докази. Тие покажуваат дека градските паркови и зелените површини не се само простори наменети за рекреација, туку и неопходни елементи за зачувување на менталното здравје, како и здравјето на мозокот.

Имајќи го тоа предвид, урбаното планирање треба да тежнее кон креирање зелени површини така што тие ќе им бидат достапни на граѓаните од сите слоеви од општеството, без оглед на нивниот социјален и економски статус. Со други зборови, пристапот до природата не е и не смее да биде луксуз загарантиран само за жителите на потесниот центар на градот кои имаат привилегија да си дозволат балкон со поглед на река, туку треба да е клучен дел од јавниот простор пристапен за сите граѓани.

Земјаќи ги предвид научните сознанија кои укажуваат дека природата го стимулира здравјето на нашиот мозок, урбаните планери би требало да ги насочат своите напори кон тоа зелените површини да бидат распространети и достапни во непосредна близина на животниот простор на секој поединец.

Во денешниот свет со сè поприсутниот стрес и сè позначајните последици на климатските промени (на пример, пожарите и поплавите), можностите за опуштање во зеленило ќе станат сè поретки, што може да има негативно влијание и на менталното здравје на современиот човек.

Со оглед на тоа дека половина од светската популација живее во урбани подрачја, кои постојано се шират, од суштинско значење е жителите од градовите да имаат пристап до паркови или шуми, каде можат да пронајдат засолниште од секојдневниот стрес.

Ако само еден час во природа е доволен за да се оствари позитивен ефект на мозочната активност поврзана со стресот, редовните прошетки во природа би можеле да бидат еден од наједноставните и најевтините начини за намалување на стресот и подобрување на менталното здравје.

И во секторот здравство таканаречените зелени рецепти - лекарски препораки за престој во природа - можат да помогнат како превентивни мерки

Наодите од ова истражување имаат значајно влијание и за здравствениот сектор, особено во контекст на препишувањето таканаречени зелени рецепти.

Зелените рецепти претставуваат иницијатива која на здравствените работници им овозможува да препишат престој во природа, како прошетка во парк или физичка активност на отворено, како превентивни мерки кои ги унапредуваат здравјето и општата благосостојба на пациентите.

Практиката за издавање зелени рецепти веќе се применува во земји како Нов Зеланд, Финска, Канада и Јапонија, а можат особено позитивно да влијаат на лицата во ризик од развој на анксиозно пореметување или депресија.

Треба да се има предвид дека се потребни дополнителни истражувања за подетално да го разбереме влијанието на природата на биолошките механизми поврзани со менталните нарушувања, како и дека патот до издавање зелени рецепти наместо лекови е мошне долг, меѓутоа, разбирањето како природата влијае на нашиот мозок секако е еден од чекорите во таа насока.

Исто така, важно е да се истражи кои елементи на природата придонесуваат за нејзините лековити ефекти - дали е во прашање зеленилото, мирисот на шумата, тишината, црцорењето на птиците, сето тоа заедно или можеби нешто сосема друго.

Затоа во нашето моментално истражување го испитуваме влијанието на прошетката во три различни природни опкружувања - во шума, во градски парк и покрај езеро - на мозочната активност поврзана со стресот. Ова но и идните истражувања имаат потенцијал да ги направат зелените рецепти клучни за унапредување на менталното здравје, особено во урбаните подрачја кои се соочуваат со предизвици како последиците од климатските промени и сè поголемиот стрес.

Како што се шири глобалната урбанизација, зачувувањето и креирањето зелени оази во градовите станува не само пожелно, туку и неопходно за зачувување на благосостојбата на населението. Освен што функционираат како природни филтри на воздухот и ги ублажуваат ефектите од урбаните топлотни острови, зелените површини го стимулираат менталното, но и здравјето на мозокот. Затоа, со зачувувањето на природата не ја заштитуваме само нејзината - туку и сопствената благосостојба.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Susana Bauer

Извор: https://klima101.rs/