Ангел Димовски – Чауш, ретроспективно-монографска изложоба

14.02.2024 02:18
Ангел Димовски – Чауш, ретроспективно-монографска излжоба

Ангел Димовски – Чауш е роден на 5.11.1952 г. Во Крнино, Велешко. По завршувањето на средното уметничко училиште (1973) запишува историја на уметност со археологија на Филозофскиот факултет и апсолвира 1977 г. Со отворањето на Факултетот за ликовни уметности (во 1980), студиите ги продолжува на одделот за скулптура и во 1984 г. дипломира во класата на Петар Хаџи Бошков. Иако неколку творби потекнуваат од претходниот (средношколско/студентски) период, всушност, средината на осумдесеттите години се смета за негов вистински почеток и ликовно/естетско себеизнаоѓање. Тогаш станува член на ДЛУМ и уште со појавувањето на традиционалните изложби, кај стручната и пошироката јавност влеваше впечаток на оформен автор кој уште на стартот го има дефинирано скулпторскиот израз со нагласена индивидуалност. Таквиот впечаток се должи на убедливоста, зрелоста, визуелната профилираност и изграденост, на восхитувачката, непосредна доживувачка приемчивост на скулптурите. Респектибилното чувство уште од тие моменти ниту избледело, ниту се намалило. Тоа се потврдува и со ретроспективно-монографската изложба во Националната галерија – објектот „Чифте Амам“ со која одбележува јубелеј-50 години творештво претставувајќи се со импозантна бројка од 180 дела.

Генералната нитка вткајана уште во најраните остварувања откриваше дека станува збор за благ, нежен, флексибилен, толерантен, сталожен, одмерен и кроток творечки и човечки карактер, но од друга страна, во младоста тој беше пргав, немирен авантуристички дух. Чауш (прекарот му е од средното уетничко училиште и претставува чин во османлиската војска, а го означува оној што заповеда, оној кој издава наредби) беше еден од првите приклоници и протагонисти на хипи движењето во нашата земја. Такви склоности го упатуваа на многу љубопитствени и далечни дестинации, туристички и студиски патувања (Италија, Шпанија, Германија, Египет, САД и др.) Но повеќе од четири децении по 5-6 месеци од годината престојува на Азурната обала каде што црта и слика мотиви и портрети создавајќи илјадници творби (поради тоа е избран и за член на француското друштво на ликовни уметници La maison des artistes).

Во скулпторските остварувања изведени во дрво се забележливи извесни тотемски/афро аналогии кои допираа до инспиративни поттици длабоко понирани до архаичните, примитивистичките слоеви од една страна, истовремено кореспондирајќи и акцептирајќи ги тековите на модернизмот. Чауш успешно и ефектно го спојуваше примарниот, примордијалниот импулсивен творечки агенс и теденциијата за оттргнување од анахроното, традиционалното и класичното со јасна намера да се биде во тек со актуелното време. Кога веќе го пронајде својот естетски принцип, кога го оформи, го вообличи, го „искристализира“ ликовниот скулпторски ракопис, му беше сосема јасно дека „се пронајде како автор“ така што ниту имаше потреба од некакви промени, ниту пак некој од стручната фела тоа го очекуваше. Тоа по што беше препознаванниз овие пет децении само продолжи да се доусовршува, дефинира и да се етаблира на македонската ликовна сцена како трајна вредност, како стабилен, истраен, искрен, непроменлив, непоколебливо оформен уметник. Во скулптурата која му беше и остана примарна, сладострасна и непресушна животворна творечка нужност (изведена во дрво, бронза, алуминиум, бронза, гипс или друг материјал), инспиративен лајт мотив и неисцрпен мајдан му беше природноста и грациозноста, елегантноста и суптилноста, но и здржаната, притаената, непретенциозна женска еротичност. Освен поединечните нарцисоидни претстави со специфичен говор на нивните волуминозни, горделиво извиени (често и „украсувани“, измазнето полирани или гравирани), стилизирано моделирани тела низ неколку групации - балерини, танчерки, старлети и сл., повремено се појавуваа и љубовни метафорични двојки. Не ретко се отстапуваше простор и за некои апстрактно асоцијативни/фигуративни форми, но и птици како „телесни и ерогени вертикали“.

Бидејќи Чауш по вокација е скулптор, за да се согледаат достигнувањата во оваа област, ќе беше сосема доволно преку ваквите остварувања да се потврдат претходните убедувања за него како уметник. Но, особено во последните десеттина години, љубопитниот и истражувачкиот дух му овозможија се повеќе да посветува време и внимание и за друг вид творештво – слики, слики-објекти, цртежи, акварели и сл. во кои истражува и создава комбинирајќи и употребувајќи невообичаени и несликарски материјали. Дијапазонот на тематско мотивски претсави и сцени е од обредно/митски, ритуално/арабескни знаковни третирања, до асоцијативни и алегориско фигуративни карактеристики кои ја докомплетираат неговата творешката физиономија.

Во 2010/11 италијанската издавачка куќа MDS го застапува во Catalogo Internazionale d,Arte Moderna, а негови дела се наоѓаат во колекции ширум светот.