Еј, ало, има ли некој таму, ние сме овде!

08.12.2012 12:11
Еј, ало, има ли некој таму, ние сме овде!

На тешките животни приказни кај нас отсекогаш се гледало како на туѓа лоша судбина. И тоа е така. Колку полошо живее човекот, толку приказните за другиот му изгледаат позастрашувачки, а неговата лична позиција сè помалку извесна и безбедна, со измешани чувства на задоволство што тој не е во кожата на другиот, но и несигурност дека можеби „лошото“ и не е толку далеку од него.

Потребата да се дистанцираме од трагичното и безнадежното самата по себе не е лоша, ниту штетна. Напротив, дистанцата често дава поголеми можности и повеќе перспективи во мобилизација на помошта, зашто кога сме „надвор“, полесно и пообјективно можеме да ги видиме работите и решенијата на проблемот. Работата се влошува оној момент кога веќе не можеме да го држиме потребното растојание, и кога магичното „пу, пу, пу“ за „грозните“ и неприфатливи работи од кои сакаме да бидеме што подалеку, веќе не помага. Затоа што, променливата и несигурна позиција долж линијата „внатре – надвор“ е исклучително мачна. Таа нè става во постојано исчекување на опасноста, во тескобност која трае и која лесно нè замолчува и парализира. Како кога сте тешко повредени и чувствувате дека секое непромислено движење може да ве докрајчи. Човек тогаш мирува, трае и чека, со надеж дека некој, или нешто ќе се појави, ќе го извлече и спаси. И спремен е да чека, зашто верува дека иако лоша, тоа е неговата најбезбедна позиција, и сè надвор од неа може да биде само полошо, и поопасно.

И сето тоа и не би било толку страшно, кога од другата страна навистина би имало некој, во улогата на помошник, стручњак, експерт, човек, некој кој ја има храброста, вештината и вистинското чувство за навремена проценка на условите и доброто на другиот, некој кој може да се носи со улогата на помагач, водач, сервисер. Но, таков нема. Од другата страна НЕМА НИКОЈ. Одеднаш сите ние сме тука, на едно место, на купче, сите од оваа страна, повредени и сосема немоќни, и во почетната фаза на освестување, дека таму, на другата страна навистина нема никој.

Зашто, оној на кого се чека, со надеж дека постои и кога-тогаш ќе се појави, минува низ уште поголема несреќа и несигурност - лична, професионална, институционална. Тој само навидум е таму, од другата страна. Празна фигура на „човек без дистанца“, речиси стопен со несреќата на несреќникот, чија состојба не може да ја види, без притоа да не ја поврзе и протне низ сопствената уште поголема несреќа. А нема на каде ни да се повлече кога му е доста, дури и да сака, зашто „делува“ во стеснет простор, буквално згмечен меѓу казнено-корективните процедури и обезличените дилетантско-технократски реформи на неговата матична куќа, што не може ни да ја препознае, а камо ли во неа да го најде своето лично, професионално и еснафско, најмалку човечко, засолниште.

Наставникот, затоа, нема да го оцени ученикот според тоа што гледа дека знае, туку според заканата дека ќе биде казнет ако го оцени подобро!!! одошто знае. Затоа ученикот ќе добие пониска оценка, во самозаштита на наставникот. Доколку пак ученикот поднесе пријава против наставник-насилник до надлежното Министерството (на што инаку има право) ќе одговара директорот, зашто не умее да си ги држи учениците во ред и за сè нешто го вознемирува инспекторатот. Наставниците пак, ќе се здружат во поддршка на наставникот - насилник, за да го обесхрабрат ученикот, зашто истото утре може да ги снајде и нив. Инспекторот ќе настапи со предлог со кој, сега веќе „проблем-детето“, е подобро да се префрли во друго училиште, каде што никој не го познава, или да си полага приватно, од дома, зашто не можело да се жртвуваат другите деца за едно. А едно, може? И жртвата, за што е?

Затоа и судијата може да ви каже дека и тој има фамилија за ранење, па не може да пресуди како што треба, и ќе ве прати да барате друго чаре. Лекарот на клиника ќе ви ја каже лошата дијагноза, но ќе се пожали и колку му е тешко, и како за ништо веќе нема средства и пари. Вие ќе мора да се сложите со тоа, но останува дијагнозата, која бара сосема друго внимание и фокус. Социјалниот работник нема да пријави семејно насилство, зашто насилникот му се заканува и нема кој да го заштити, но затоа ќе ја советува мајката, во бракоразводната постапка, да фаќа врски ако сака да си ги задржи децата, зашто екс-сопругот „имал грб“. Социјалната служба нема да предложи најдобро решение за никого, па макар се работело и за дете на работ од животот, затоа што тоа повлекува вклучување на повеќе институции, кои не соработуваат, зашто биле преплавени, па затоа и „глуви“ и незаинтересирани...

Одговорноста на поединецот, од било која страна тука, е што ја прифаќа ваквата, долгорочно погубна деперсонализација на однесувањето, релациите, и конечно, на себе самиот. Притоа, тој се служи со еден од најпримитивните механизми на одбрана - негација на реалноста во која живее. Престрашен, човекот во Македонија останува во истата таа реалност заглавен, негирајќи ја како и сè друго, но и нè преземајќи ништо, зашто одбива да ја види. Затоа, тој толку долго, макар и попусто се надева. За него и најлошото место, само затоа што е извесно, е најсилното упориште и можеби единствениот доказ дека сè уште е жив. Затоа пристанува да не се помести, да не гледа и не слуша, и да прифати сè, само да не го снајде уште полошо. Затоа, на другите и „туѓи“ судбини останува глув, иако е само чекор до нив. Затоа не може да се здружи, да протестира, да се избори, да помогне. За него општото добро е непозната и нереална одредница, која што тој не може да ја осознае, уште помалку да ја разбере и да поверува во неа. Уште понедостапни му се нијансите на кусите и долгорочни перспективи, планови и визии, зашто тој никогаш не научил активно да гледа во иднината, освен катастрофички, од што бега како од црн ѓавол, зашто навикнал да се плаши, или нереално да очекува таа (иднината) самата, магично да се подобри.

И повторно, од другата страна НЕМА НИКОЈ. Институциите на системот, одамна веќе не се потпорна точка и место на заштита, за кого било. Тие веќе не се закрила ни за своите луѓе, оние од кои наивните сè уште чекаат поддршка и професионална помош. Затоа, одамна веќе нема наставници, професори, лекари, социјални служби, судии, административци, професионалци од која било област, кои ги следат состојбите, умеат и сакаат да испланираат стратегија, пристапи и протоколи на постапување, кои потоа знаат и како да ги прилагодат и следат, за да го помогнат и поттикнат индивидуалниот развој.

Човекот во Македонија институционално изумира. Животот сè почесто се гази и исчезнува, во обидите да се сведе на бројки, техники, конта и норми, кои би морале да бидат само индикатори, а не цел по себе. Да бидат показатели на условите кои самите мораме да ги градиме и унапредуваме, за да одиме напред. Да се негира таа процесност, и животот да се прифати како след на механички наметнати одредници, низ кои треба само да се помине, од раѓањето до смртта, без трошка сопствено учество, значи да се негира учењето, осмислувањето и менувањето како животворни компоненти на тоа да се биде. А ние, сите ние, од која било страна, почнуваме токму така да се однесуваме, и така да исчезнуваме.

Кога е тоа состојба на цел еден народ, на најпогодените исто колку и на помагачите, на најслабите исто колку и на појаките, на сиромашните и на оние добростоечките, тогаш целото општество и заедницата во него се тешко болни. Тоа е сосема различна состојба од онаа која ја препознаваме како криза, со која веќе знаеме да се носиме и справуваме. Денес, живите луѓе во Македонија живеат со тешка болест, независно од тоа каде успеале да се засолнат и како, и колку се згрижени.

Извор: Глобус
Слики: Suzanne Marie Leclair

ОкоБоли главаВицФото