Мрачна ситуација

25.09.2009 11:59
supiot1.jpg

Откажувањето на САД од инсталирање на противракетниот штит (ПРО) на територијата на Чешка и Полска на прв поглед изгледа, а така и ќе биде претставено на сите руски медиуми, како голем успех на руската дипломатија

во заштита на интересите на националната безбедност. Всушност, несогласувањата со Америка во врска со тој проект беа бесмислени од самиот почеток.

Вревата која по тој повод се крена во Кремљ беше несоодветна. Радарот во Чешка и десетте лансирни рампи во Полска не ја загрозуваат руската одбрана. Ако веќе зборуваме за реална опасност по нуклеарната безбедност на Русија, повеќе основи за вознемиреност би требало да имаат другите аспекти од глобалната противракетна одбрана на САД, како, на пример, елементите на ПРО на територијата на САД, во нивните поморски бази, на нивните крстосувачи итн.

Ние се разбесневме од други причини: што мајка бараат некои други дечишта во нашето маало, и тоа без наше одобрение?!

А однесувањето на „туѓите дечишта“, да бидеме искрени, исто така беше многу далеку од мудра стратегија. Самата идеја за штит кој ќе ги чува САД и нејзините сојузници од можниот ирански нуклеарен напад претпоставуваше дека Американците се помириле со тоа дека Иранците ќе имаат своја атомска бомба. Тој сигнал на иранските мули им даде одврзани раце. Тоа значеше дека можат безгрижно да се фрлат на работа и да ја довршат започнатата нуклеарна програма.

Меѓутоа, тука е и факторот Израел, кој нуклеарен Иран го доживува како директна опасност за својот опстанок. Како исход на тоа го имаме речиси неизбежниот превентивен удар на Израел врз иранските нуклеарни постројки, или со други зборови, нова голема војна на Блискиот исток. Некој ќе рече дека тоа и беше макевијалистичкиот план на Американците. Но ним не им одговара да бидат вовлечени во уште еден воен судар.

Планот на републиканската администрација за поставување ПРО во централна Европа не беше заснован на сериозна геополитичка анализа. Уште од времето на Реган противракетниот штит стана идеолошки, речиси религиозен поим.

Демократите овој проблем го доживуваат сосем спротивно и затоа толку лесно, речиси со задоволство, се откажаа од плановите на своите претходници. Но наивна е нивната надеж, подгреана од вашингтонската четворка блескави кремлински лобисти (Кисинџер, Бејкер, Сајмс и Грем), дека со своите постапки ќе го трогнат Кремљ, кој потоа најпосле ќе им се придружи на останатите членки на Советот за безбедност во носењето одлука за сериозни санкции против Иран, што би го оневозможило остварувањето на нивниот нуклеарен проект и би спречило катастрофа.

Кремљ има сосем поинаков дневен ред. Со заканите дека на Иран ќе му се испорача ракетниот комплекс С-300, за што веќе е потпишан договор, а најверојатно е и исплатен, Израел дефинитивно е притиснат во ќош и оставена му е само подотворена врата за спас. Низ неа се протна Нетанјаху за време на својата неодамнешна тајна посета на Москва.

На Израел му се јасни сите негативни политички и воени последици во обидот за нуклеарна кастрација на Иран. Тој сега мора да смета само на своите сили, иако знае дека го очекуваат нови бранови на терористи-самоубијци и нови ракетни напади од Сирија, кои внимателно ги поставуваат нашите геополитички сојузници.

За време на семинарот на институтот Хадсон, ја зграбив приликата да поразговарам за тоа со Мошае Јалон, началник на генералштабот на одбраната на Израел во периодот 2001-2005. „Подготвени сме за тие удари, ќе ги издржиме“, ми рече тој.

Меѓутоа, одговорот на Иран и исламските фундаменталисти нема да се ограничи само на Израел. Сигурно ќе бидат уништени нафтените платформи во Саудиска Арабија и ќе биде затворен Ормунскиот премин. Извозот на нафта од Блискиот исток ќе биде прекинат. Чекистичко-нафтеното опкружување на Путин веќе задоволно трие раце и се насладува со ова сценарио. 200 долари за барел? 300? 400? Нема крај на нивната восхит додека го пресметуваат очекуваниот приход за себе и за руската економија.

Неумоливо се приближува денот на израелскиот напад на Иран, кој одамна повикува на негово уништување. За Ахманидеџад, ударот од Израел е многу побитен од каква било атомска бомба. Прво, тоа ќе ја зацврсти неговата позиција, разнишана по последните избори. Второ, иранскиот претседател слепо верува во доаѓањето на дванаесеттиот „скриен“ имам и смета дека провоцирајќи катастрофални настани на Блискиот исток го забрзува неговото доаѓање.

И во тој стремеж не е единствениот.


Извор: Грани.ру


ОкоБоли главаВицФото