Сексуални и општествени перверзии

28.05.2013 11:52
Сексуални и општествени перверзии

Знаете што е плетизмограф? Тоа е направа која го мери „пенилниот притисок“ кај пациентот, односно набрекнатоста на неговиот пенис, односно времето на неговата реакција на различни вербални или визуелни дразби. Плетизмографот всушност е пластична цевка исполнета со жива и споена со осетлив нанометар со кој се регистрира и најмалиот пенилен притисок кај пациентот којшто, полу-облечен, седи во мрачна лабораторија. (Силвер Лотрингер, критичкиот истражувач на „порно-терапевтските методи“ со кои наводно се лекуваат девијантните сексуални практики вели: „Нема ништо поперверзно од речник кој изгледа сериозно. Значи, секому неговата сопствена перверзија“. Книгата на Лотрингер, која е главен извор за денешниот текст, издадена е 2007 и се вика Overexposed: первертирање на перверзијата.)

Плетизмографот е изум на Курт Фројнд, чиишто истражувања во текот на четириесеттите години на 20 век доведоа до создавање машина која ги мери варијациите во големината на пенисот според волуменот на крвта која е содржана во него или минува низ него. Фројнд е и кум на зборот плетизмограф, име кое доаѓа од грчкиот збор плетис (маса, големина) и плетисмос (повеќекратно зголемување). Чехословачката армија брзо се заинтересирала за истражувањата на Фројнд, со цел да ги отстранат можните хомосексуалци помеѓу регрутите. По Втората светска војна Курт Фројнд емигрирал во Канада и таму ги продолжил своите истражувања, работејќи со сексуални деликвенти.

Ќе спомнам и некои други бизарни кафкијански направи што ги користат современите терапевти. Една од верзиите на плетизмографот, на пример, се вика пенилен трансдуктор. Станува збор за гумен прстен кој го обвиткува пенисот; прстенот е споен со направа составена од два столба, од кои едниот е исполнет со жива. Направата е поврзана со калибратор, акрилен ваљак на кој се обележани степени. Најниската точка означува обем од 6.5 см, а највисоката точка претставува обем од 14 см, со меѓустепени од 5 мм. Со помош на ваљакот калибрацијата се префрла на полиграф: еден милиметар раст во обемот на пенисот одговара на еден милиметар запис на полиграфскиот молив. Трансдукторот најчесто се користи за истражување на спиењето. Се знае дека мажите во текот на РЕМ спиењето имаат ерекции. Тоа се нарекува ноќна пенилна набрекнатост. Но, последниве години пенилниот трансдуктор често се користи за истражување на девијантното сексуално однесување, кај педофилите, на пример. На екран се пуштаат порнографски слики од различни видови и се мери „пенилниот притисок“ при различни слики.

Слични направи се користат и за истражување на сексуалните дисфункции кај жените. На пример, се зема малецок термистор - направа осетлива на температурна промена - и се прави штипка која е поврзана со термограф. Жената ја зема таа штипка и ја закачува за една од усните на вагината. Кога ќе надојде крвта, се менува температурата и тоа соодветствува на степенот на возбуденоста.

Постои и пупилометар, апарат кој ја мери дилатацијата на зениците во однос на предочената дразба. Пупилометарот го користат офталмолозите, но и истражувачите на разни „бихевиорални пореметувања“ (пред сè, сексуални). Кога сме возбудени, познато е, нашите зеници се шират. Така, на пример, на сексуалните перверти им се пуштаат разни порно слики и се мерат нивните очни реакции. Пупилометарот работи така што проектира инфрацрвена светлина врз окото. Постои телевизиска камера што е фокусирана на зеницата. Зеницата е оцртана и калибрирана на мониторот за следење на изгледот на окото, со кој се мери големината на зеницата. Надразбата доаѓа, предочена е, а пупилометарот ги мери дилатацијата и констрикцијата.

Ваквите направи денес се користат во таканаречената бихевиорална терапија чија цел е да го модификува однесувањето. Некои бихевиористи сметаат дека фокусот на нивната дисциплина е експерименталната, мерлива анализа на однесувањето. Еден од тие сексуални бихевиорални терапевти соголено вели дека „тие дејствуваат врз комуникацијата во сексуалното подрачје“.

Порано бихевиоралните терапевти ја користеле таканаречената „аверзиона терапија“. Станува збор за застарена лекарска метода со помош на која се ограничувале или казнувале деликвентните чинови. Методата се нарекувала „директна аверзија“ и се состоела во здружување на електричен шок или одвратен мирис („пруска киселина“) со непожелните чинови. На пример, аверзионата терапија стандардно се применувала врз хомосексуалците, но често била повеќе психолошка отколку директно физичка; терапевтот се обидувал кај пациентот да создаде стопување на консеквенците од некој чин со неговиот претпоставен ефект врз саканата личност по пат на ментална или морална аверзија; ако тоа не помагало се прибегнувало кон „директна аверзија“. На пример, трансвеститот добивал електро-шокови додека се пресоблекувал; хомосексуалецот бил теран да повраќа секогаш кога ќе добиел ерекција итн. Се разбира, тие методи денес се сметаат за варварски, но малтретирањето во „цивилизираното општество“ сега има сосема нови форми а перверзиите често се третираат со дабетер перверзии кои ги отсликуваат и општествените девијации, не само личните.

Денес, да речеме, наместо аверзионата терапија се користи таканареченото мастурбационо заситување или „задушување“. На пример, поединци кои сакале да создаваат залихи од пешкири во психијатриските болници биле лекувани на начин да им се дадат уште пешкири - да се претоварат и заситат со пешкири, сè додека целата просторија не биде исполнета со нив. Потоа тие се откажувале од пешкирите. (Истата метода врз скопскиот плоштад - земајќи споменици наместо пешкири - ја примени еден познат овдешен пациент-терапевт кој истовремено со помош на „мастурбационото заситување“ се лечи и себеси и целото општество.)

Според Лотрингер, сексуалноста до неодамна беше поврзана со тајновитоста и се претставуваше како емблематска за сето најскриено во нашата индивидуалност. Тоа го гледаме и кај Фројд, чијшто наследен јудео-христијански модел потрагата по вистината ја изедначува со исповедањето на гревовите. Но, Лотрингер прашува: „Што ако ритуалот на исповедањето ја надживеал својата функција, а сексуалноста денес станала сосема надворешна и видлива? Што ако во дискурсот за сексот веќе нема никаква вистина која би се испорачувала, туку само неверојатно празно дрдорење кое симулира друштвеност?“ Запрепастувачката преобразба во современите обичаи, т.е. правилата за однесување, Лотрингер пред сè ја гледа во променетиот став спрема мастурбацијата. Сè до длабоко во 20 век траело лудилото поради детското „самозлоставување“ и родителите применувале најрадикални мерки да ги спречат децата да мастурбираат. Мастурбацијата била поврзана со вината и со тајната, не само кај децата. Денес мастурбирирањето не само што не е тајно, туку отворено се препорачува, па и подучува, како незаменливо орудие за сексуална терапија и средство за унапредување на сексуалното искуство. Дури самото вербализирање, бескрајното дрдорење за сексуалноста, како да ја „укинува сетилноста“ на сексот. Лотрингер вели: „тајните што можат да се искажат воопшто не се тајни, односно не се секретни. Тие се еден вид општествени излачувања, т.е. секрети“.

Својата предизвикувачка книга Лотрингер вака ја завршува: „Сексуалноста, за која бескрајно се говори, која се тестира и внимателно испитува, сега масовно се произведува како природен инстинкт. Колективно лекувана, индивидуалната сексуалност всушност се уништува. Задоволството, кое е направено предвидливо, станува површно. Задоволството се претвора во секојдневна домашна работа, и во досада. Наместо да ги продлабочува најголемите мистерии на човечкиот род, тоа нè претвора во кучиња.“

Слики: Gottfried Helnwein

ОкоБоли главаВицФото