Велосипед што го прочистува воздухот

17.12.2013 10:48
Велосипед што го прочистува воздухот

Активните велосипедисти кои редовно возат во градска средина знаат дека честопати возењето велосипед значи дишење голема количина издувни гасови од автомобилите. Но, што ако велосипедот може да го прочистува воздухот?

Група дизајнери од Бангкок собрани околу компанијата Lightfog Creative and Design дизајнираа велосипед кој го прочистува воздухот.

Идејата за ваквиот еко-концепт на велосипед се состои од филтер кој се наоѓа на воланот помеѓу рачките, што треба да го прочистува воздухот за време на возењето. Уредот за прочистување би требало да ја користи сончевата енергија за да ја полни својата батерија, а крајниот резултат е почист воздух за сите.

„Возењето велосипед го намалува сообраќајниот метеж во градот. Освен тоа, сакавме да му дадеме поголема вредност на велосипедот, преку способноста да може да го прочистува воздухот“, вели директорот на Lightfog Силават Виракул.

Иако ваквиот велосипед сега за сега сè уште е само идеја, се надеваме дека наскоро ќе биде направен првиот прототип и ќе започне масовното производсто.

Во иднина, ваквите велосипеди би можеле да бидат дел од решението за проблемот со загадениот воздух во Скопје и другите градови во Македонија.

Извор: discovery.com