Доживотна дисквалификација на ДПМНЕ

26.03.2014 15:32
Доживотна дисквалификација на ДПМНЕ

Пред две недели се одржаа парламентарни избори во Северна Кореја. На мегдан излезе и младиот лидер на земјата Ким Јонг Ун. По возбудлива кампања, во високо компетитивна атмосфера, беше избран како единствен кандидат со 100% гласови во својата избирачка единица. Светот со жалење и потсмев реагираше на вестите од Кореја, нарекувајќи ги изборите недемократска претстава во режија на севернокорејската тоталитарна држава. Но, зошто? Да беше присутна набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР на овие исклучително добро организирани избори, не се сомневам дека во нивниот конечен извештај ќе стоеше дека изборите биле „спроведени ефикасно, и (...) главно (...) тивко и уредно, без забележани процедурални неправилности.“ Цитатот (со мои незначителни кратења) е од Извршното резиме на Конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР од минатогодишните локални избори во Македонија и објективниот читател веднаш ќе забележи дека извештајот ќе ги отсликуваше корејските избори безмалку исто толку реално како што тоа го стори со нашите.

Македонските локални избори 2013 беа вистински триумф на измамата и бесчестието, во кои партиско-полицискиот режим на ДПМНЕ беше фатен како го фалсификува избирачкиот список и личните карти и како организирано разнесува лажни гласачи од странство (да споменам само две од илјадата „процедурални неправилности“). Меѓутоа, во Извештајот на набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР „процедуралните неправилности“ што реално се случија на изборите, кои слободно можеа да се оквалификуваат како „тотално лажирање на изборите, демократијата и владеењето на правото “, воопшто не беа споменати или оквалификувани. Таму минатогодишните тоталитаристички избори беа прогласени за „ефикасно спроведени избори, тивки, уредни и без процедурални неправилности“. Откога со грубо фалсификуваната позитивна оценка на првата страна од Извршното резиме и даде легитимитет на диктатурата на ДПМНЕ и понатаму да го уништува македонското општество, во Извештајот потоа на 37 страници жуборат еуфемизирани забелешки, наредени како кандирано овошје и ситни колачи.

Како е можно, ќе се запраша добронамерниот читател, Извештајот толку многу да отстапува од фактичката стварност, што наместо да ја унапредува и помага демократијата во Македонија, тој и сипа бетон во чевлите и ја спушта во бунар, легитимирајќи ја изборната измама како демократска? Необјасниво. Ако размислуваме крајно добронамерно, тоа е можно како последица на методолошкото слепило поради кое најважната оценка за изборите - дали се работи за демократски или недемократски избори – луѓето од набљудувачката мисија ја носат врз основа на претходно создаденото доктринарно мислење за земјата во која патуваат. Демек, бидејќи знаеме дека Кореја е тоталитарна држава, тамошните „ефикасни и мирни“ избори се доказ за тоталитарната контрола и неслобода, а бидејќи во туристичкиот водич со кој тргнале на пат за Македонија пишува дека таа е демократска држава, истите „ефикасни и мирни“ избори на набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР им биле доказ за нивната демократичност. Трагедија.

За среќа, пријателите од ОБСЕ/ОДИХР имаат прекрасна шанса да ја поправат својата ужасна грешка од минатогодишните локални избори, зашто „пиштолот што се чади“ и крунскиот доказ за државно-партиската измама од минатата година, е сеуште актуелен. Тоа е избирачкиот список во кој постои брилијантно цврст доказ дека заради криминално местење на изборните резултати власта фалсификувала лични карти на граѓани од Пустец. Имено, секогаш кога е фатена на дело, власта на ДПМНЕ реагира на за неа единствениот можен начин - најглупаво и најинфантилно што е воопшто можно. Бидејќи не смее да ја признае вината, власта го повторува злосторот, не го корегира или крие, туку го прави јавен, со сила претворајќи го во „законски“ и „нормален“. Поради тоа, кутраците од Пустец се сеуште во списокот, па набљудувачите од ОБСЕ/ОДИХР можат конечно да направат нешто корисно за македонската демократија и да ја делегитимираат измамничката партиско-полициска власт.

Но, што се прави кога ќе се фатат злосторниците кои го лажираат натпреварот или земаат недозволен допинг, со што го нарушуваат основното начело на сите натпревари за еднаквоста на учесниците во играта? Светот има свеж пример во најуспешниот велосипедист на светот Ленс Армстронг, кому му беа собрани докази дека со години употребувал допинг. Поради сторената измама на Армстронг му беше доживотно забрането да учествува на спортски натпревари и ретроактивно му беа одземени сите победи и медали. Нормално е дека ако за обичните спортски игри важат толку строги санкции за казнување на измамниците, за најголемиот мирнодопски злочин против народот и државата - изборна измама и кражба на демократијата - казните би морале да бидат барем споредливо строги како и спортските.

Затоа, за лажирањето на изборите и крадењето на демократијата, на ДПМНЕ мора да и’ се изрече доживотна забрана за учество во политичкиот живот на Македонија и ретроактивно да и’ се одземат сите лажирани изборни победи. Ви изгледа малку нереално, како детска бајка? Да, но остварувањето на таа бајка е единствениот пат за повторно ослободување на Македонија.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат