Розетни македончиња

30.04.2014 10:05
Розетни македончиња

1.

Le Carre` вели: „Кризите се академски прашања. Скандалите не се. Не разбравте ли веќе дека е важна само надворешноста?“. Ние навикнавме да живееме на површината, да ја живееме формата без содржина. Да реагираме само на полуидиотски надворешни дразби, а не и на суштински проблеми. Но и тоа е искуство, стекнато колективно знаење, коешто предупредува дека ако чепнеме под површината – нѐ чека гнилеж. Скршете го сјајното огледало и ќе потонеме. Сите до еден, во матнион Вардар. Загребете ја обвивката и се појавуваат вистинските лица. Затоа мора да бидеме лицемери, да веруваме во лицемерството, зашто тоа ќе нѐ доближи до доблеста. Лицемерието ни е новата вера, што и да мислат оние во црквата. Та и наминувањето во нивните „храмови“ е само уште една форма на еклатантно лицемерие. Зашто веќе на излезот продолжуваат со уште поголема хипокризија.

Ѝ служиме на надворешноста, на формата, на иноксираната површина како оние три саксии среде заробенана со мостови река. И жалнине врби во нив, пожални дури и од нас. Ѝ служиме на маската, на шминката врз Ништото, на празниот збор и мислата без корен. Позлатата ни стана фетиш, стиропорот приход.

Писателон божем егзалтирано извикува: „Негуваме јасно изразена некрофилска естетика“, и заминува да му даде награда на памучниот колега. Е зашто баш „некрофилска естетика“? Па куклите во излозите немале – глави. Бреее, каква длабокоумност! А всушност, не сакајќи, токму погаѓа во центарот. Разбирањата за естетиката ни се толкави, одвај допираат до куклите во излозите! Ама, побарувањата ни се поголеми, така (што би рекол Сарајлија)?

2.

Далеку од секаков сомнеж е фактот дека идеологијата – која и да е, каква и да е – ги окупира свеста и сетилата, го поттикнува обликувањето на нашите верувања и погледи, како на светот во целина така и на одделни витални прашања. И тие наши верувања и погледи ни ја даваат онаа неопходна животна цврстина да (мислиме дека) постапуваме исправно, дека сме – во право. Иако, (нај)често, како што е тоа во нашиот случај, ниту знаеме што е тоа во што веруваме, ниту пак на кои основи истото се темели. Зашто таа икона на нашето ново вјерују не е насликана, зашто тоа никој не ни го објаснил! Само бегло натрупаните поими од типот традиција, конзервативизам, идентитет, корени, либерализам… без сериозна теориска / научна поткрепа, а особено без секојдневен позитивен пример токму од страна на пропагаторите, е само смешно сеење магла. Комунистите, со право, беа / се обвинувани за одродувањето од сопствената идеологија (која што, патем, барем во почетокот, ја живееле), но тие се покажуваат како мали деца споредени со денешнава идеолошка фарса. Кога денес отворено би било објавено дека никој нема потреба ни од идеологија, уште помалку од идеолошки објаснувања, играта би била почесна. Но не е така. Луѓето имат потреба од некакви (идеолошки) смерници, очекуваат (идеолошки, системски, темелни) ставови; (сакаат да) веруваат во некакви визионерски насоки за сопствената и иднината на своите деца, ако не повеќе тогаш барем пред мигот кога одлучуваат на избори.

Па оттука, она што најчесто се вергла во јавноста, дури и од највисоки државни, црковни и не знам какви други инстанци, а поврзано со таа толку сакана традиција, со некаков современ конзервативизам (наспроти гнасниот либерализам), за нашиот идентитет, морал, херојско минато и иднина… има ли поткрепа во барем некакви конкретно разработени / елаборирани (но и научно верификувани) тези, студии, ставови? Или доволно е да се именуваат нештата како такви (конзервативни, традиционални, морални…) и идеолошката приказна е – завршена? И секојдневието не е битно, постапките не се ценат или земаат предвид, туку само зборовите?!

Ако (конзервативно) се пропагира силата на индивидуата, зошто истите индивидуи се „сортираат“ по етнички и партиски принцип? И зошто државата би била – пред сѐ? Ако децата се центарот на грижата на семејството и на државата, од каде такво непримерено детско хулиганство по улиците и низ училиштата? Ако (конзервативно) се пропагира (социјалната) грижа за другите, за оние кои немаат, зошто тоа се прави со цел да ги направиме зависни? Ако е (конзервативно) идеолошки исправно less government is better, како се удавивме во морето прописи, регулации, укази, покази? Ако е неопходна конкуренцијата, тогаш – каде е? Ако централизираната власт е либерална измислица, зошто сѐ уште ја имаме? Ако свртувањето кон традицијата и корените ја подразбира грижата за таа традиција, дали тоа ги подразбира ракијадите и пивтијадите, или пак вистинската грижа за културното наследство, за јазикот, за уметноста? И уште многу ако...! Или ние, повторно, измислуваме некој нов наш пат во… што?

3.

И повторно, каде и како да ги прочитаме – директно или индиректно – назнаките за новата филозофија на нашето живеење, на новата идеологија што ни се проституира, пардон процесуира, пред очите секој божји ден? И како да ги откриваме тие (општи или поединечни, или заеднички?) наклони кон конзервативизмот, кон традицијата, кон корените? Онака, како „претседателон“ со седумка просек, ама и менторот му, за кои нашето „читање“ на каменот од Розета е – научен факт, верификуван од Паљурци до Табановце? И треба да го вметнат во нивниот учебник? И тоа да го учат студенти?

Оттука, ако формално збунува отсуството на сериозна елаборација (барем) на темелните вредности – ако воопшто има такви – на актуелната „идеологија“, или нејзините стратешки појдовни точки, дотолку позбунувачки е воинствениот фанатизам на (очајно очајните малкумина, дури и со еден „претседател“ и неговиот ментор!) нејзините мегафони во пропагандистичкиот поход за новото македонче. Или тоа по правило оди обратно пропорционално? И што всушност од новата идеолошка матрица ни покажаа последниве години пресоблечениве „филозофи“? Веќе ги спомнав социјалистичките „гревови“ на минатото од типот на „Гранит“ и „Бетон“ (што, всушност, воопшто не е подалеку перверзното поистоветување на естетиката со кукли во излогот!), па фактот дека гостите од Америка ни се потсмевале заради „Дракстор“ и слично, ама, на пример, токму денес тие бетонско гранитни реликти од минатото се повторно во цврста идеолошко монетарна спрега низ државава. А богами и во умот на едно човече: „Првпат во сопствената историја моќна македонска градежна оператива („Бетон“, „Гранит“ и редица други) гради свој плоштад, со свои содржини, споменици, музеи, порти. Првпат во историјата скромните Македонци – Трајче, Мирче, Стојче, Страше… се исправаат и стојат гордо се фотографираат со Воинот, Гоце, Јане, Карпош“. Та ете го новото македонче на новава идеологија, ете го каде се криело, пардон – се исправало. Ете ги новите мали трајчиња, мирчиња, стојчиња… сосе уште помалите аљошчиња (sic)… како „горделиво“ се фотографираат со нивните предци. А што друго и би правеле со нив? И фотографиите ќе ги носат во Манитоба или Минхен, Сиднеј или Норчепиг, Зигарамурди или некое друго свирипичино и ќе ги покажуваат на децата. Оние кои веќе не знаат ни збор од македонскиот им јазик!

Или можеби ќе бидат погорделиви и посамосвесни ако почнат да се препознаваат во каменот, оној од Розета? Дали така ќе станат – розетни македончиња? Што му доаѓа нешто како гранитни, базалтни или од што ли веќе беше направен тој фамозен за нашето потекло камен?

4.

Понатаму, битен сегмент во „новиот“ идеолошки дискурс е билдањето на националното чувство, идентитетот, етногенезата и консензуалните корења во длабокото минато. Како она погоре: нема веќе скромни македончиња, има Розетни (демотски) Македонци. Што ќе рече: што подлабоко, тоа подобро! Ние, via Розета, успеавме да стигнеме и до древната Македонска династија, до Филип, Аце и целото им семејство, натопорени на високине столбови и константно разладувани од бистрата фонтанска вода од Рашче заради пресилните емоции предизвикани од нивното враќање меѓу нас. (Сѐ си мислам дека толку не биле бањати цел живот).

Но, патем, „новата“ идеологија како полека да се откажуваше од целокупното друго наследство, материјално и нематеријално, сѐ со цел да се стаса подалеку напред во минатото. Иако, и тука, вообичаено, кај локалниве гласноговорници се јавуваа(т) непријатни и прилично аматерско дилетантски разлики, несвојствени за овој тип „умни“ расправи. На пример, ако за едни настојчивото прекинување со словенските корени на македончето, (пардон, Розетните Македонци), е qonditio sine qua non, кај други идеопамфлетисти, како на пример непрежалениот ни Сарајлија, се јавуваа темни петна во идеолошката матрица, па дури и Антиката ја промовираше во происход на Антите!

Паралелно со сечењето на сопствените корени и нивното пресадување на поплодна античка почва, нашиве длабокоумни дилетанти и нереализирани историци ги испосекоа и корените на другите на балканиве. И тоа онака, ко Гордиев јазол, што ќе рече александровски „гордо“ и аристотелски „мудро“, и му обзнануваат на светот дека Грците дошле од Месопотамија, иако всушност биле измислица на Ото од Баварија; дека Етрурците паднале од Марс; дека македонските корени ги наоѓаме длабоко во предисторијата итн. За нашиве идеопамфлетисти историјата не е magistra vitae, туку ќуп со злато!

5.

Ваквиот наш херојски пат низ минатото – подалечно и поблиско – како да стана шаблон за принтање „нови“ и „нови“ читања на историските настани, преточувани низ сите достапни сегменти на општественото битисување, од музеи, спомен куќи, цртани, документарни и играни филмови и серии и слично. Идеолошки е опортуно и особено важно да се говори за нашиот историски вознес, за нашите подвизи од типот на црешовото топче и други глупости, без оглед на контекстот, историските факти и аргументи, вистината… Дисторзијата на перцепцијата се движи до тие височини што и културното наследство се посматра низ призмата на новата идеологија пресоблечена најчесто во националистичка облека. Веќе спомнатоно човече од точка 1, потпишано како „режисер и публицист“, се пени: „Досега секоја разгледница и секој документарен прилог низ ТВ-мрежите низ годините, како по правило, беа визури со Ристиќева, Настиќева палата, мотиви од отоманското минато, Чаршијата, Јајапашината џамија, амамот… со ред градби што се проектирани и направени во македонското ропско минато“.

На ваквите, да простите, идеолошки имбецили, кои до вчера пелтечеа за Нам Џун Пајк а денес го трампаат за Аце Македонски, дури и не може човек да им забележи. Па дури ни фактот дека само неколку месеци подоцна, и денес, паѓаа(т) во несвест по велелепниот стиропор на обновениот српски театар. Е како тој театар не ги потсетува на „македонското ропско минато“? Или, идеолошката директива вели поинаку?

Сосема во стилот на латинската Asinus asinum fricat (Магаре чеша магаре), нашиве хомо новус идеолози го простреа чаршавот на омразата и каде што може и каде што не може, и каде што по нешто знаат и таму каде што ама баш ништо не знаат. Меѓутоа, диктатот на квазипатриотскиот идиотизам, бескрупулозно поттикнуван и поддржуван во јавниот збор, доведе до безмалу целосно негирање на сета претходна историја, култура, уметност… сиот општествен живот и мисла, цртајќи „морална и интелектуална бедотија на етаблираните македонски културни и научни работници“ кои што, ете, „не постојат за европската и за глобалната наука и култура“, ни порачува полуписменион „аналитичар“. Кохортиве налудничави самопрогласени експерти и интелектуалци, низ призмата на т.н. македонски комунизам, просто збришаа сѐ што постигнаа првите херојски генерации по 1945 година и оние по нив до 1990 година.

Но затоа, која е замената за таа некогашна „бедотија“? Ова што го гледаме денес, овие џуџуња со бели листови наместо биографии, инсталирани само и исклучиво преку одделни неписмени партиски центри и одговорни единствено пред неморалните канони на властелата? Тие ли ќе ни ги отворат прозорците кон светот, и кон кој свет? Од маргините кон центарот? Од шљам во наука?

6.

И токму ваквите медиокритети не можеа да ја поднесат сопствената потпросечност, личната кратковидост и мизерија на духот. Затоа и воинствените походи за уништување на сѐ што било создадено, идеолошко негирање на постигнувањата и замена на очигледните вредности со фразеологија и дилетантизам. Залегнати ко двоножни крлежи врз вратот на цела држава, создаваат илузии дека токму тие се нашата интелектуална големина, нашите нови идеолози. А всушност и понатаму живеат на маргините, и нивни и наши, на перифериите на вистинскиот македонски, одработувајќи за секој кој е спремен да плати. И, како што вели Гошев во една прилика, „слугите се секогаш на голема мака. Никогаш не се сигурни дали доволно одработиле за газдите. Постојано трчаат да ја натфрлат нормата. Но колку повеќе се трудат, појасно се гледа нивната ретардирнаост на сите други полиња“.

А на газдите пак не им пречи што, на пример, само пред десетина и нешто години, во едни поинакви политички услови, истиве локални платеници, меѓу кои, се разбира, и омиленото ми маалско „филозофче“, па она сарајлијче, па она човечено што се потпишува како „режисер и публисцист“ и уште неколкумина такви стрип ликови, со некои сосема други „очи“ (или беа џебови?) ги гледаа македонскиве политички прилики. Не само оние од блиското минато, воздржано воспевајќи ги и социјализмот, и титоизмот, и југословенскиот марксизам … и творештвото во дадените услови. Ништо тогаш не им пречеше, дапаче. Дури и Тито беше фраер, а титоизмот (кој доби третман на идеологија) и сталинизмот беа ко бог и шеширџија. Арно ама, со текот на политичките прилики и следејќи го звукот на парите, зашто одеднаш касата се преврте, благонадежниве станаа традиционалисти, народњаци, кознервативци од прв ред, иако тој ист конзервативизам едно време го беа нарекувале круто и догматско запирање на една стварност! Што е дефинитивно точно, и поинаку не може да биде. Освен ако не запнете со сила и го претворите во најпосакувана идеологија на балканите. Некогашните модернисти и постмодернисти, копнежот по елитизам, никогаш остварен, мораа да го трансформираат во популизам. Одеднаш, улизувајќи им се на новите властелини и вршејќи ја својата поништувачка функција, „новоосвестениве“ популконзервативци ги определија сите останати идеологии – а со нив и луѓето – за невалидни, ирационални, неиздржани.

Затоа, за овој тип идеолози не важи латинската чувај се од човек што прочитал само една книга. Тие тој проблем го немаат зашто очигледно прочитале повеќе од една книга. Но кај Андриќ, низ устата на Мустафа паша Скопљак, извира една друга мудрост којашто вели дека не е будала оној што не прочитал ниту една книга, туку оној кој верува дека е вистина тоа што го прочитал!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Скулптури на сликите:
 Hannes Hummel

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото