Ида - нов стожер на полската кинематографија

13.01.2015 10:24
Ида - нов стожер на полската кинематографија

Најкраткиот начин да се препорача филмот „Ида“ (2014) на Павел Павликовски би бил: „Црнобел филм за калуѓерка. Ама добар е, гледај го.“

И навистина, доколку го симнете и одгледате (а сте љубител на, квалитетен европски филм без здивената холивудска динамика), ќе откриете дека е можно да се направи филм во кој главниот протагонист е млада калуѓерка. А филмот воопшто не е здодевен!

Во 80 минути, колку што трае филмот, вешто е вклопено и парче историја од почетокот на шеесеттите, за време на комунистичка Полска (каде што впрочем се одвива дејствието), па назад до Втората светска војна и последиците од холокаустот.

Покрај историскиот контекст, кој ненападно се насетува од кратките дијалози на ликовите, акцентот е сепак ставен на кратката и бурна средба на младата Ида спремна да се замонаши, со нејзината тетка која ѝ е единствена преживеана роднина. Расветлувајќи го минатото и приказната за родителите на Ида, двете жени се запознаваат и го преиспитуваат сопствениот начин на живот една наспроти друга, преку дихотомијата курва-светица.

Од естетски аспект, се работи за доста фино скоцкано парче „седма уметност“. Црнобелите кадри кои се менуваат бавно, заедно со вештата наштиманост на светлоста и сенките, ви го насочуваат вниманието онаму каде што е најпотребно: во очите на ликовите, а преку нив и во внатрешноста на черепната кутија, каде се одигрува втората сижејна линија во драматиката на нивните мисли.

Режисерот Павликовски во едно интервју околу филмот вели дека она што сакал да го постигне со начинот на снимање не е да ја направи сликата имитација на реалноста - кон што целат речиси сите филмови. Напротив, сликата треба да биде самата реалност, сугестија наспроти репликација, начин да се избегне псевдо-реализмот на вишокот движења на камерата. Токму затоа филмот е снимен со долги, статични и непрекинати кадри. Кога ќе го одгледате, ќе го запомните повеќе како сонлив пејзаж, отколку како проста реплика на реалноста, вели Павликовски.

Уште една битна работа која провејува во самата срж на филмов е минимализмот. Од сценографијата, преку дијалозите во кои речиси и да нема вишок зборови, па сè до музиката. Тишината која се протега низ поголемиот дел од филмот се вклопува толку добро што се чини дека макар и најмеката амбиентална музика не би легнала толку природно како отсуството на звук кој го става во преден план визуелното. Се разбира, не е сè така тивко. Во станот на тетката на Ида најчесто врти плоча со класична музика, а сцените каде што во зачадени простории одекнува џезот на Џон Колтрејн наизменично со полска музика од шеесеттите, се незаменливи.

Она што е исто така забележливо во текот на целиот филм е интересната просторна распределба во кадрите. Луѓето неретко се поставени на самото дно на кадарот, нивните ликови се понекогаш дополу пресечени дури и во миговите кога говорат и очекуваме да бидат централно поставени. Штом по некое време ќе се навикнете на таквата перспектива (и ќе се ослободите од потребата да ѕирнете некаде под работ на екранот за да ја добиете целосната слика), ќе сфатите дека таквата пропорција која остава повеќе простор за небото отколку за луѓето е вистинско филмско освежување, кое не ве остава да се презаситите од ликовите. Поентата е веројатно да се долови одредена дистанца од човечката, премногу човечка драматика и да се остави простор за крупната слика и околината која без оглед на сè останува индиферентна на животните превирања на личностите.

Таа растовареност и „простор за дишење“ се пресликува и во самата содржина. Патетиката и вишокот емоција се вешто одбегнати и покрај развојот на приказната, кој содржи доста потенцијално емотивни елементи - откопувањето на коските на родителите на Ида, каењето на Ванда за грешките од минатото и перспективата еден млад живот да се затвори засекогаш зад манастирските порти.

Иако самиот наслов на фимот (кратко и едноставно, Ида) сугерира приказна базирана на еден лик, сепак невозможно е да се премине преку јачината на тетката на Ида - Ванда Груз, која рамо до рамо со внука си, се изборува за симпатиите на гледачите и неретко ја засенува младата Ида со својот специфичен шарм и жар за животот од кој повеќе нема што да изгуби. Тој впечаток на блага надмоќ можеби се должи на фактот што Ванда (Agata Kulesza) е одлична актерка со долгогодишно искуство, додека пак девојката која ја глуми Ида - Agata Trzebuchowska, само што го доживеа своето деби во филмот на Павликовски, кој инсистираше токму таа да ја игра улогата иако не е актерка. Во секој случај, можеби токму таа резервирана уштирканост и речиси невешта внимателност кои ја карактеризираат Ида до самиот крај на филмот, се вистинскиот рецепт кој доловува девојка која до својата 18-та година била лишена од допир со реалниот свет и одгледана во строго христијански дух.

Во секој случај контрастот помеѓу Ида и Ванда е она што го прави филмов интересен за анализирање. Уште од мигот кога Ида неволно го напушта манастирот и стапнува во станот на својата единствена роднина, сиот контраст на нејзиниот досегашен живот е отелотворен во таа четириесет-и-нешто годишна жена. Секогаш со цигара во раката за да ги удави мислите, доволно алкохол во крвотокот да го протурка денот и секогаш различен маж во креветот кој си заминува во утрата - би бил сублиматот на секојдневието на Ванда.

Оваа промискуитетна алкохоличарка, со бурно минато и уште побурна кариера на судијка која во младоста праќала луѓе во смрт под палката на Сталин, Ида за сето време ја прифаќа помирливо. Повеќе како само различна од себе, отколку како грешник. Со тек на време се развива симпатија и разбирање помеѓу двете жени, посебно откако ќе го реконструираат минатото кое секоја од нив ја довело до тековниот начин на живот.

Проникливиот интелект и аурата на присутност и доминантност кои сè уште ги поседува, нè спречуваат да ја сожалуваме или презираме Ванда Груз. Дури и во мигот кога конечно се крши нејзината брана на пркос и сета потиснувана бесмисла ја преплавува во утрото кога одлучува да си го одземе животот, воопшто не можеме да речеме дека тоа е емотивен миг. Самиот чин на самоубиство таа го извршува толку нагло и прецизно, дури и совршено естетски. Како да се работи за само уште една дневна рутина после утринскиот туш, мачкање путер на лебот... и одлучно скокање низ прозорецот додека звуците на омилената грамофонска плоча свират ведра класична мелодија.

Како во животот, така и после својата смрт, Ванда не повлекува никој друг во вителот долу со неа. На официјалната погребна церемонија некои безимени „другари“ по идеологија, само ги спомнуваат нејзините заслуги за државата на професионален план и никој не пролева ниту солза.

Ида, пак, која се чини дека ништо не може да ја одврати од намерата да продолжи по зацртаниот пат да се закалуѓери, дури ни фактот што е родена Еврејка а не христијанка, сепак доживува одреден пресврт. Зборовите на Ванда, кои навидум не допираат до неа, сепак ја натерале младата девојка да ја преиспита својата одлука и барем на кратко да го одложи мигот на конечно стапување во служба на Бога. „...Која ќе биде симболиката и поентата на испосничкиот живот, ако немаш никакви гревови од кои би се прочистила? ...Што ако сфатиш дека нема Бог?“

Ида е премногу кратко дел од надворешниот свет, за да може истиот вистински да продре до неа, па сепак констатирајќи дека не е спремна да се врати од каде што дошла, одлучно се обидува да ги прими толку презрените искуства во кондензирана форма. Ги облекува фустанот и високите потпетици на тетка си, пие алкохол, пали цигара и му дозволува на момчето кое веке некое време ја сака да ја љуби физички. За сето време ја задржува аурата на незаинтересираност, како сето тоа да му се случува на некој друг, или како да се набљудува самата себеси од дистанца. Како животните задоволства, истите тие кои долги години ја одржуваа тетка ѝ во живот, да се само жрва која треба да се издржи во служба на некоја повисока цел. И тоа во најмала рака целта да не дозволи во својот иден испоснички живот мирот да ѝ го одзема помислата дека пропушта нешто подобро. Дека можеби сепак има нешто таму надвор што би го направило вредно другиот живот.

Додека напуштајќи го момчето кое ѝ нуди заеднички живот со „вообичаените секојдневни расправии“ ѝ ја навлекува повторно манастирската облека, Ида веројатно повлекува равенство. Равенство меѓу тој секојдневен живот со сите вообичаени осцилации и перспективата на бескрајните денови во манастирот.

Иако за миг се почувствува неспремна да се предаде на испосничкиот живот, на самиот крај, брзајќи по патот со хаотични мисли осликани за прв пат во нејзиниот поглед, Ида веројатно го презре сето она што може да ѝ го понуди животот. Љубовта, задоволството, луксузот на човечките грешки и пороци веројатно останаа недоволни за неа.

На крајот на краиштата, Ида и Ванда беа многу слични во една работа: волјата. Потребна е исто толку железна волја да се понесе бремето на живот испразнет од содржина, колку и да се истрае во животот на талкач со разранета совест.