До 2010 година се иселиле 447.000 луѓе, а потоа престанавме да броиме!

01.10.2015 10:03
До 2010 година се иселиле 447.000 луѓе, а потоа престанавме да броиме!

Алармантна е состојбата со одливот на кадри и население во странство, тврди опозицијата која во Собранието поднесе „Информација за проблемот со сè поголемото иселување, особено на младите од земјава“, која се најде и на дневен ред на денешната собраниската седница.

Во отсуство на податоци од државните институции за тоа колку луѓе ја напуштиле земјата, опозицијата во информацијата ги наведува податоците од последниот извештај на Светска банка за иселувањето, објавен во 2010 година, и на службата за статистика на ЕУ, Еуростат, која располага со податоци за периодот од 1998 до 2012 година.

Според Светска банка, 447.000 луѓе се иселиле од земјава заклучно со 2010 година, според што Македонија влегува во групата земји со најмногу емигранти. Земјава е рангирана на 23 место во групата од 25 земји со најмногу емигранти, односно со 21,9 отсто емигранти од вкупното население.

Повеќе од 230.000 македонски граѓани од 1998 до 2012 година се иселиле од Македонија во Европската Унија и во САД, покажуваат податоците на Евростат. Тоа е повеќе од 10 отсто од населението во државата. Податоците покажуваат дека само во земјите на ЕУ моментно живеат околу 180.000 македонски граѓани со привремен престој. Од нив најмногу се во Италија - 78.000, потоа во Германија - 58.000, во Австрија - 16.000, во Словенија - 9.500. Со државјанство во САД се стекнале 6.378 Македонци.

Според официјалните податоци, за една деценија вкупно 56.506 Македонци добиле странско државјанство. Дури 11.444 Македонци се трајно иселени во Германија, а потоа следува Австрија каде што државјанство добиле 6.070 Македонци, Белгија каде што се издадени 2.726 државјанства на македонски граѓани, Шведска со 2.833, Италија со 2.610, Словенија со 1.726 и Велика Британија со 1.376 пасоши за македонски државјани.

Во периодот од 2002 година до 2008 година се забележува и масовно одобрување странски државјанства за македонските граѓани. Во тој период околу 5.000 луѓе годишно добивале пасош во друга земја. Но, се претпоставува дека бројката е многу поголема, бидејќи не се знае колку луѓе имаат нерегулиран престој.

Бројките се алармантни и по тоа што 16 отсто од граѓаните што мигрирале во странство, постојано или привремено, во 2012 година се млади, од нив 12 отсто се со високо образование, а 8 отсто со средно и друг вид образование.

Опозицијата посочува и на фактот дека бројките за граѓаните што ја напуштиле земјава се многу поголеми, со оглед дека повеќе од 10 години во земјава немало попис на населението.

Според опозицијата, лошите економски услови се првата и најважна причина што ја поттикнува емиграцијата. Сиромаштијата и невработеноста само придонесуваат кон зголемување на бројот на оние што се одлучиле да ја напуштат земјата.

„На Македонија ѝ се случува трагедија со одливот на младото население. Владата сè уште не сфати дека не само што губи идни ресурси, туку губи и средства што ги инвестирала во развојот на образованието на младите луѓе. Во блиска иднина Македонија нема да ја одбегне демографското стареење на населението, туку ќе се соочиме со екстремност на целосно стара држава“ - смета опозицијата.

И бизнисмените сметаат дека високата стапка на емиграција предизвикува потреси на пазарот на висококвалификуваната работна сила, бидејќи тоа се кадри, особено во техничките области, кои продуцираат иновативност и развој во домашните компании. Од Стопанската комора велат дека реалниот сектор ги чувствува последиците од одливот на квалификуван и млад кадар во странство.

Експерти и граѓански активисти што се занимаваат со проблематиката на младите и нивното иселување велат дека главни причини за иселувањето на младите и другиот кадар се економски: бесперспективноста, недостигот на работни места, ниските плати, но во поново време сè позначајна причина станува немањето политичка и друг вид слобода.

- Загрижувачки е и тоа што во последните две до три години се иселуваат и оние млади кои и во земјата имаат добро работно место и се добро платени, а како главна причина го наведуваат немањето слобода, односно наведуваат дека се задушуваат бидејќи се ограничени во многу нешта - вели политикологот Здравко Савевски.

Според граѓанскиот активист Марјан Забрчанец, една од причините зошто младите ја напуштаат земјата се и штетните политики.

- Повеќето од младите не веруваат во институциите и во народните претставници, сметаат дека државата ја водат малкумина, кои гледаат само за себе. Но, уште пострашно, младите во исто време немаат голема доверба во себе и сметаат дека не можат многу да променат во вакви општествени услови кога државата е узурпирана од партијата - вели Забрчанец. Иселувањето од Македонија веќе не е тренд само меѓу младите луѓе, вели тој, и веќе не е вест што се прима со зачудување од страна на граѓаните.
- За жал, за ова општество, иселувањето стана нормална појава, како логичен чекор во борбата за подобар живот. Прагматичноста одамна надвладеа над „патриотизмот“, граѓаните сè повеќе се свесни дека розовите приказни што ги гледаат на ТВ не кореспондираат со празнината во нивните фрижидери - подвлекува Забрчанец.

Извор: Слободен печат
Слики: Charlie Davoli