Да се преброиме

16.01.2016 14:56
Да се преброиме

Отсекогаш сум тврдела дека тоа што е Македонија мала, според површина и според население, е своевидна предност. Површината е таа колкава што е, колку население има – не знаеме. Колку гласачи има – уште помалку знаеме. Сè што знаеме е дека секој се знае со секого и дека е во некаква крвна (или крвничка), сватовско-кумовска, пријателска, деловна, и каква уште не релација. Да, ќе изумев. Имаме и партиски релации. Ако дозволите, би се фокусирала на последниве, државотворни, релации. Кога и да е, ќе дојде денот на парламентарни избори, така што, во недостаток од мериторни податоци и релевантни инструменти – ќе мора да извлечеме индикатори по пат на дедукција.

Би тргнала од тефтерчето на бившата министерка за внатрешни и длабокопартиски работи, од фајловите на бившиот министер за сообраќај и партиски врски и од фиоката на актуелниот советник за јавност, приватност и тајност. Сите ние, имавме прилика да чуеме (богами и да се восхитуваме) со каква минуциозност се разработени списоците на стабилните, помалку стабилните и потенцијалните гласачи на ВМРО-ДПМНЕ. Сосе соодветните закани и уцени, или награди и благодарници за „нашите“, „комуњарите“ или „индијанците“. Оттаму, не ме чуди кога аналитичарите кои предвидуваат вакви или онакви исходи од изборите ја применуваат стандардната математика: 150.000 вработени во државна администрација + 150.000 придобиени од нивна страна + 100.000 од карти (лични, де) = 400 илјади гласови за ВМРО ДПМНЕ - фикс.

Дали е баш така?

Ќе ве потсетам на големата акција за обнова и освежување на горенаведената партија, наречена „Нов бран“, ако не грешам. Беше рекламирана и по дневните весници, а целта беше да се заменат „изморените“ партиски кадри со нови и свежи. Така, барем, читавме по весниците. Тоа што реално се случи, беше внатрепартиско поткажување, хушкање и докажување кој му е полојален и најлојален на Груевски. Не на партијата. Жртвите на оваа (за мене сосема неразбирлива) кампања, останаа изневерени, деградирани, разочарани и бесни. Со многумина од нив, лично се познавам. Што мислите? Дали тие луѓе кои, навидум, со Јововска преданост говорат и работат за ликот и делото на Груевски, кои уредно се појавуваат на сите партиски состаноци и митинзи, дали тие навистина ќе го заокружат неговото име кога ќе дојде денот?

Да ги спомнеме и оние, засега, 150 луѓе со разбудена свест и совест кои побарале од специјалната јавна обвинителка да бидат заштитени сведоци за случаите кои се во нејзина надлежност. Оние случаи во кои се работи за узурпирање и злоупотреба на власта. Не е тешко да се претпостави дека се работи за членови од првиот ешалон на партијата кои имаат што да кажат, односно да посведочат. Можеби некои од нив ги гледаме на медиумите, во непосредна близина на Груевски. На камен-фрлање близина.

Според тоа, независно колку лифтови ќе бидат расипани, независно колку превозни фирми ќе бидат задржани по технички прегледи, независно колку вистински лични карти се направени за непостоечки гласачи, независно колку гласчки ќе дојдат од Пустец и околупустечко, независно колку мајки ќе бидат карани, колку шамари делени, или ендеци полнети, независно колку е Македонија мала – има доволно луѓе да се направат вистинскиот избор. Уште утре.

 

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња