Лажни, но попрво тажни идентитети

09.08.2017 11:07
Лажни, но попрво тажни идентитети

Својот автобиографски роман „Добриот Сталин“ Виктор Ерофеев го почнува со луцидна, но брутална вивисекција на неговото и општочовечкото незнаење за сопствените родители и за минатото од кое сме создадени: „Родителите се неразвиени негативи. Од сите лица што ги среќаваме во животот, најмалку ги познаваме своите родители, токму зашто и не ги среќаваме, туку таа иницијатива изворно е преземена од нивна страна: тие нè среќаваат нас. Папочната врпца никогаш не е пресечена – ние сме создадени од нив токму толку колку што не ги разбираме. Така е обезбеден колапсот на знаењето. Сето друго е сочинето од погаѓања и претпоставки“.

Навистина, да си постави човек задача да седне со молив в рака и да напише што знае за своите родители - не сеќавања за настани, слики и емоции, туку што навистина знае за нив, ќе се згрози над фактот дека нема да може да исполни ни цела страница. Ако оваа срамна темница на непознавањето, овој „колапс на знаењето“ почнува веќе од нашите родители, колку ли малку вистини знаеме за нивните родители, за нашите баби и дедовци? Направете си го овој суров тест, почитувани читатели, и ќе видите дека нема јунак во безвремената библиска земја, во вечното завештание на Алехандро Магно, што ќе може да ги напише сал имињата на своите осум прабаби и прадедовци, од чиишто гени е произлезен. Но, нека не ве шокира овој резултат, зашто таков јунак - „од мајка роден“, нема да се најде никаде на нашата луда планета.

Усвоени заблуди

Ако, значи, вселенската темница на нашето тотално незнаење се отвора во сета своја мрачна и студена шир, веќе од третото колено на нашите непосредни предци, од чиишто неисечени папочни врпци уште се сопнуваме, колкаво ли е незнаењето за предците од пред повеќе колена, со векови наназад? Или, уште повеќе, колкаво ли е нашето неразбирање за неброените мириади никаде незапишани, необележани, незапаметени и апсолутно непоимливи настани од кои е создадено нашето минато? А, сепак, секој од нас го гради своето самоспознавање, својот идентитет, своето национално самочувство, токму врз фундаментите создадени од ништо друго туку од празнината на сопственото незнаење, на „погаѓања и претпоставки“, како што ламентира Ерофеев, и од предзаспивни скаски, легенди и митови. И – каков што е случајот и со секое друго незнаење – колку што е тоа поголемо, толку е помала свеста за него кај луѓето, а колку што е помала оваа самосвест (за сопственото незнаење), толку е поголема самоубеденоста во усвоените заблуди.

Кусата историја на нациите и национализмите обилно ни ја докажува оваа парадоксална обратна пропорција: на колку поголема заблуда бил втемелен основачкиот национален мит, толку поекстремни и поострастени армии на луѓе тој мобилизирал, и толку повеќе невини жртви и несреќи создавал. И обратно: нациите воспоставени на реални и скорешни настани – а сите нации се скорешни, како и на настани и личности ослободени од илузивната мистика на митолошкото или сакралното; значи, национално-основачки, но световни, граѓански и овоземски херојства и епопеи, за коишто постојат многу документи, докази и живи сеќавања на основачката генерација, тие нации и национални чувства не предизвикуваат зла страст и несреќа, најверојатно затоа што не ги мобилизираат најагресивните и најнетолерантните глупаци.

Погодивте, пишувам за отровниот вмровски мит за македонската национална суштина, за најглупавата лага на сите времиња – дека македонската нација потекнува директно од Алехандро, а дека за нејзиното државно и културно остварување пресудни ти биле токму вмровските бандити. Оваа накарадна и умоболна митологија Груевски и ВМРО на криминален и незаконски начин, со измама, закана и злоупотреба на сите државни ресурси, насила им ја наметна на сите Македонци, како сифилистична рана да ја носат на лицето наместо нос. Оваа грда национална краста го „краси“ центарот на македонската престолнина во обличјето на заумната и бездарничка симболика на таканаречениот „проект Скопје 2014“, но нејзините бацили се расеани секаде низ оболеното тело на нашето општество. Овие два лажни идентитета за само една деценија авторитарна контаминација, успеаја нашата нација да ја дефинираат токму како што е најциничната дефиниција на нацијата од Карл Дојч: „група луѓе обединети со помош на заблудата за своето минато и со омразата спрема своите соседи“.

Разорен идентитет

Но, најтажното во овие лажни идентитети е што се тие происход на вистински народни трагедии и историски несреќи, чиишто болни мемории се потем носени како исечени корења завиткани во бегалски бовчи, во повеќе егзодуси низ дваесеттиот век. Вмровскиот мит го создадоа – во времето кога само поединци ја сонуваа македонската држава – сите оние што сеќавањето на родната земја го однесоа во соседна Бугарија, од кајшто вмровците сонуваа за Македонија убивајќи Македонци. Вториот мит - оној за Александар, настанал - исто како што во времето на прогонството на Израелитите настанал и митот за Мојсеј – како ирационална утеха на бегалците што беа со меч и оган избркани од своите огништа во Северна Грција, за да се расеат по светот, а мнозината да се вратат најблиску до својот некогашен дом – во новородената Социјалистичка Република Македонија. Двете болни носталгии, со време престорени во горки ресентимани, и носени во патолошка вонисториска бременост, ги породија овие два мита што немаат никаква врска со настанувањето и суштината на современата македонска држава, но поради кои Груевски и ВМРО го разорија модерниот граѓански македонски национален идентитет.

Така што, лажните идентитети за ВМРО и Алехандро, што ја доведоа во прашање егзистенцијата на македонската државна и културна посебност, се попрво тажни идентитети, зашто се исткаени на основа од стари но стварни трагедии и солзи, во која се вплетени криминалните аберации и психопатиите на Партијата што сакаше сите да нè измисли одново.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото