Невидена тортура над Џулијан Асанж

05.06.2019 00:33
Невидена тортура над Џулијан Асанж

„Работејќи на терен со Обединетите нации, а претходно со Црвениот крст гледав луѓе кои беа апсени и испитувани после терористичките напади од 11 септември, и воени заробеници кои беа лошо третирани секојдневно. Бев сведок на ужасите во воените зони кои во физичка смисла беа полоши, но никогаш не видов некој толку многу да се прогонува, а со толку малку основа. Во дваесетте години работа со жртви на војна, насилство и политички прогон не доживеав случај група демократски држави да се здружи за намерно да изолира, демонизира и злоставува еден поединец толку долго време“, рече меѓу другото специјалниот известувач на ОН за тортура, Нилс Мелцер на новинарската конференција која ја одржа во петокот во Женева по повод притворот на најпознатиот светски свиркач Џулијан Асанж.

Основачот на Викиликс моментално се наоѓа во затворот Белмарш во Лондон, каде отслужува 50 неделна казна затвор заради кршење на условната казна пред седум години кога, плашејќи се дека ќе биде испорачан во САД, се сокри во еквадорската амбасада во Лондон.

На почетокот на април британската полиција со сила го извлече од амбасадата и го премести в затвор, а минатонеделната најава на американското Министерство за правосудство потврди дека неговите стравови беа оправдани: ако биде испорачан, американската влада казнено ќе го гони заради кршење на 17 точки од Законот за шпионажа, за што теоретски би можел да добие дури 170 години затвор. Асанж во Америка веќе е обвинет за хакирање и за тој престап би можел да добие пет години затвор, а во меѓувреме и властите во Шведска најавија дека повторно ќе го отворат случајот за силување за кој го обвинија државјанки од оваа земја.

Мелцер во петокот ѝ се обрати на јавноста затоа што здравјето на Асанж се влошило до таа мера што тој не бил во состојба ниту да учествува во судската расправа преку видео-линк, па во меѓувреме е преместен во затворската болница.

Известувачот на ОН им соопшти на новинарите дека го посетил Асанж во затворот на 9 мај и дека неговата здравствена состојба уште тогаш била „алармантна“. „Многу е ослабен, не може да ја задржи храната и не беше во состојба да води разговор“, рече.

„Изгледаше изразено вознемирен и преокупиран. Поставуваше многу прашања, скокаше наоколу, не беше во состојба да ги процесира моите прашања. Делови од разговорот водеше нормално, а потоа повторно запаѓаше во состојба на агитираност“, соопшти.

Известувачот на ОН напомена дека го посетил Асанж со двајца психијатри, кои исто така заклучиле дека тој ги „покажува сите симптоми на жртва која е изложена на психолошка тортура која трае долго време. Зборуваме за силен и континуиран стрес, хронична тегобност, голема психолошка траума. Експертите кои беа во мојот тим рекоа дека неговата здравствена состојба е изразено загрижувачка и дека, доколку не се преземе нешто итно, штетата би можела да биде непоправлива“.

Нилс Мелцер

Викиликс во 2010 година објави класифицирани податоци од американската војска кои му ги доставила воената разузнавачка и свиркач Челси Меиниг, со чија помош се разоткрија злосторствата на американската војска над цивилите во Ирак и Авганистан.

Оттогаш, Асанж е изложен на „постојано и сѐ поинтензивно злоставување, од систематскиот правосуден прогон и арбитрарното затворање во еквадорската амбасада, преку опресивна изолација, малтретирање и надзор во амбасадата, па до намерно колективно подбивање, навреди и понижувања и отворено поттикнување насилство и повторно повикување на негово убиство, рече Мелцер.

Известувачот на ОН овие координирани напори на низа држави исто така ги смета за „загрижувачка криминализација на истражувачкото новинарство и кршење на американскиот устав и меѓународните човекови права“, а покрај американската и шведската влада ја повика и владата на Австралија затоа што не преземала ништо за да го заштити својот граѓанин.

Австралиското Министерство за надворешни работи и трговија на овие обвинувања реагираше со соопштение во кое се изразува уверување дека Асанж „го третираат адекватно“ во лондонскиот притвор и ги отфрла тврдењата дека „австралиската влада е исто така одговорна за психолошката тортура на г. Асанж“.

Со твит се огласи и британскиот министер за надворешни работи Џереми Хант, кој пак рече дека Асанж „своеволно се сокрил во амбасадата“ и дека „бил слободен да ја напушти и да се соочи со правдата“. На тоа Мелцер му одговори дека Асанж бил слободен како некој што „седи во гумен чамец во базен полн со морски кучиња“.

Мелцер од британските власти побара да не го испорачуваат Асанж во САД затоа што таму ќе биде „подложен на политизиран монтиран процес“, што е евидентно од фактот дека неговиот досегашен третман бил „мошне близок до намерно и наменско применување репресивни мерки со цел да се скрши“.

Побара и да му се дозволи пристап до правната документација и компјутер, за да може да прави белешки и да комуницира со адвокатите и додаде дека тоа не би претставувало „никаков специјален третман“.

„Едноставно се работи за тоа дека треба да му се овозможат средства кои му се потребни и на кои има право за да може да ја подготви сопствената одбрана. Тоа сигурно би помогнало барем донекаде да се ублажат последиците од притисокот кој се врши над него и кој уште сега е натчовечки“, заклучи известувачот на ОН.

Извор: https://www.portalnovosti.com