Местото на левата политика е меѓу масите

20.12.2019 00:38
Местото на левата политика е меѓу масите

Разговор со познатиот словенечки социолог Растко Мочник за судбината на критиката и теоријата и организациските облици на левото дејствување.

Живееме на полупериферијата на светскиот систем во момент кога едно релативно стабилно уредување на светот се руши насекаде. Во историјата веќе имаше периоди политичката ситуација во некои земји и региони да биде очајна, но без разлика на тоа, критиката и теоријата цветаа. Денес тоа не е случај. Па ни кај нас, каде би имале основа од која би продолжиле. Зошто?

Не би рекол дека денес нема критика и теорија. Само ги нема во просторите каде некогаш се создаваа и каде сѐ уште ги бараме. Ги нема на универзитетите, во институтите, во стручните списанија... Од масовните медиуми одамна се прогонети. Тој процес на истерување на теоријата и критичката мисла од јавноста не беше насекаде подеднакво интензивен, но сега, повеќе или помалку, е завршен секаде во Европа. Точно, веќе имаше мрачни времиња, а теоријата и критиката издржаа. Но каде беа теоријата и критиката, на пример, во мракот на царска Русија? Во емиграција, во народните, анархистичките и социјалистичките кружоци, во субверзивниот печат. Денес ја имаме Европската унија па веќе нема каде да мигрирате, но субверзивната јавност сѐ уште се држи. Само да потсетам на неодамна починатите Имануел Валерстин и Самир Амин и нивните „школи“. Или на теориската критика на инаку левата светско-системска теорија и исто така левата теорија за „развојот во неразвиеноста“ од страна на „политичкиот марксизам“ (Роберт Бренер и неговата „школа“). Па на француските економисти како што се Мишел Хасон, Кетрин Самари, Жан-Мари Арибе... Постојат силни леви организации надвор од политичкиот и академскиот естаблишмент, како Attac, CADTM (Комитет за анулирање на долгот на третиот свет), новосоздадената лева алтернатива на Европската унија, ReCommons Europe која ја анимира Ерик Тусен... Постои групата Згрозени економисти, Économistes atterrés. Тие формулираа мошне прецизна и компетентна критика на економската политка на ЕУ, со предлози за алтернативна политика. Кај нас во југословенскиот простор навистина нема толку моќни алтернативни групации, но сепак интелектуално дејствуваат многу моќни и продуктивни жаришта кои ја создаваат левата теорија и ги анализиираат актуелните процеси. Ако погледнете на интернет, ќе најдете мошне квалитетни сајтови со текстови кои не можете да ги читате ни во весниците ни во стручната публицистика. Но излишно е да ви го зборувам тоа, вие ја познавате левата теорија и критика на југословенските простори подобро од мене. Повеќе или помалку „Новости“ редовно ја следат теоретската продукција на нашите простори: со својата работа се исклучок меѓу медиумите и извршуваат функција од историско значење. Додуша, проблем е што теоријата и левата политика немаат институционална поддршка, кај нас се плод на ентузијазам и жртвување. Оние што ја создаваат теоријата мораат да прават глупости за да преживеат, а преживуваат сирова самоексплоатација така што за теоријата останува малку енергија и време. Денес првата борба на теоријата и критиката е битката против биополитиката на современиот капитализам. Чистите теоретски преокупации доаѓаат на ред дури подоцна.

Своевремено ги критикувавме јавните интелектуалци како мандарини, чиј збор се пренесува некритички. Но денес сме сведоци на рушење на самиот концепт јавен интелектуалец. Кај нас велат дека нема луѓе кои би биле морални вертикали и чиј збор би имал тежина. Што е причина за сето тоа?

Ми се чини дека токму тие јавни интелектуалци многу придонесоа за истерувањето на теоријата и уништувањето во јавноста. Меѓу проминентните медиумски ѕвезди беа - и сѐ уште се - на пример, таканаречените нови филозофи. Сега веќе не се толку нови, но сѐ уште ја срамат филозофијата. Во што се состои нивниот трик? Ја присвоија радикалната реторика на левицата - а она што го кажуваат со таа реторика е она што се очекува од нив: десничарска тривијалност. Здраворазумски флоскули - а „здравиот разум“ е владејачка идеологија. Додуша, „јавниот ум“, како и самата „јавност“ најчесто беа илузија. Зборувајќи реално, тоа беа или елитистички интелектуални кругови или апарати на вледејачката идеологија. Исклучоци се пресвртните периоди: не толку просветителството кое беше елитистичко, колку периодот пред и после Октомвриската револуција, па југословенскиот социјализам. Интелектуалната експлозија од дваесеттите години во Советскиот сојуз сѐ уште се извор на теориска и уметничка инспирација! Тогаш се создадоа низа концепти кои после Втората светска војна требаше повторно да се пронајдат: материјалната егзистенција на идеологијата (Волошинов-Алтисер), несвесното - структурирано не како „говор“ туку како идеологија (Волошинов-Лакан), дополнителниот елемент (Малевич-Дерида). Во сликарството „монохромот“ прв го создаде Родченко во 1921 година, а не Клајн и Ротко после Втората војна. За Родченко тоа беше крајот на уметноста во традиционалната класна смисла - а за овие подоцна тоа беше само еден модернизам меѓу многуте.

Во Југославија треба да се погледне бројот и квалитетот на теоретските и културните списанија, нивото на издавачките програми, што и колку се преведуваше - критички и теоретски - оригинално се пишуваше и во живо се дискутираше за современите процеси и практики во социјализмот - па гледаме дека нашите мерила се премногу високи за сегашните времиња. Гледам две главни причини за декаденцијата: економска причина е комерцијализацијата, а политичка буржоаската демократија како институција која спонтано тежнее кон тривијалноста и едноумието.

Кафеанска дебата

Се случија промени во структурата на јавното мислење. Она што релативно одамна го опиша германскиот филозоф Јирген Хабермас во својата книга на таа тема во меѓувреме само се радикализираше?

Хабермас навистина утврди дека масата во општеството уште од дваесеттите години на 20 век станала потрошувач на политиката. За жал, луѓето ги читале само неговите описи за херојското доба на револуционерната буржоазија - и не посветувале внимание на она што произлегло од тоа кога буржоазијата ја презела власта. Денес историјата се случува на маргините, во позадина - она што е на површината е само сѐ потешка, сѐ побрутална репродукција на еден нечовечки и асоцијален систем. Денес постојат пустина официјални јавности и дивина од теоретски иницијативи, интелектуални продори, актуелни анализи. Етаблираната „јавност“ не е јавност зашто е монополизирана во рацете на буржоаската политика - а „андерграундот“ повторно не е јавност зашто му недостасува инфраструктура и се распаѓа во мали, мошне продуктивни, но неповрзани групички.

Често истакнувате дека теоријата е прогонета од универзитетите. Каква е иднината на установите на високото образование ако сме сведоци на нивниот бродолом? Дали бродот што тоне треба да се спасува или да се напушти?

Ова е навистина академско прашање. Теоретичарките и теоретичарите не ги пуштаат на универзитетите и институтите, па така немаат прилика да бидат прашани дали треба да издржат во институционална герила или да создаваат автономни алтернативи. Автономијата е нивна судбина - само што е без институционална инфраструктура и, секако, без пари.

И медиумите доживуваат повеќекратнаа структурна криза. Од една страна таа е технолошка, од друга комерцијална, а нивниот одговор како да е самоубиствен: сѐ поголема залепеност за политичката каса и пропаѓање на интересот за општеството. Тогаш како денес треба „да се брани општеството“, како што е насловена една збирка на Мишел Фуко?

Пропаста на медиумите е спектакуларна, но разбирлива. На почетокот на сегашната буржоаска демократија бев шокиран кога гледав дека јавната телевизија и јавното радио ги имитираат приватните радија и телевизии. Но тоа е само лажлив впечаток. Јавните медиуми не ги поддржуваат приватните, туку само ја репродуцираат доминантната идеолошка форма. А во таа форма спаѓа и вложувањето на спонзорите. Спонзор на приватните медиуми е капиталот, а на јавните владејачката политика. Капиталот создава рекламен дискурс зашто треба да ја комерцијализира својата хиперпродукција - а владејачката политика повторно бара реклама зашто треба да ја компензира својата „хиперпродукција“, односно отсуството на идеи. Излезот е во создавање алтернатива. Во самоорганизација на општеството. Како што беше во минатото. Големиот процвет на алтернативата во Југославија во доцните седумдесетти и во осумдесеттите години беше производ на самоорганизацијата на културно експроприраната младина. Такво нешто не може да се декретира - но верувам дека повторно ќе се случи, порано или подоцна.

Таканаречените социјални медиуми, од восхитот од демократизацијата што требаше да го донесат, се претворија во нова мора. Како да се избегне морализирањето а да се биде критичен кон нивните учиноци?

Социјалните мрежи носат кафеанска дебата. Само што кафеаните некогаш беа интелектуални жаришта. Значи, кафеаната не е соодветна аналогија. Можеби би можеле да кажеме дека малограѓанството, творецот на претенциозно наречените социјални мрежи, со својата објективна пролетаризација субјективно ја презема лумпенпролетерската идеологија. Тоа е нивниот начин за да се спротивстават на исчезнувањето на својот слој. Секако, не е добро да се морализира - можеме едноставно да го анализираме класниот карактер на тоа милје. Малограѓанството е внатрешно противречна категорија. Милан Кангрга во 1971 година во „настапувањето на средната класа“ гледаше опасност за југословенскиот социјализам. Беше во право. Но сега процесот се движи во спротивен правец: во Југославија селаните и пролетерите се трансформираа во средна класа - денес се пролетаризира средната класа. Тоа би можело да биде објективна основа за нејзина радикализација на левата платформа.

Имагинацијата и партијата

Во каква врска се непостоењето силна политичка левица и пренасочувањето на јавното мислење кон десно, за што сме сведоци насекаде, а особено кај нас, со налетот на историскиот ревизионизам? Зошто нашите левичарски групи и партии не се способни да изградат сопствена структура на некоја посилна „контрајавност“, туку имаат само тактика на продор во мејнстримот, а и во тоа не се особено успешни?

Положбата на левите партии е нешто посебно. Додуша, таа се конституира како една партија меѓу многуте во апаратот на буржоаскиот парламентаризам - но нејзината намера е да го уништи тој апарат за репродукција на капитализмот и да воведе социјалистичка демократиија, политички апарат за премин во социјализам. Затоа и практиката на левите партии значително се разликува од практиката на буржоаските партии. Тежиштето на левата партиска практика не е во парламентот, парламентот е само трибина за пропаганда. И евентуално средство за поправки во рамки на постоечкиот систем. Но главното подрачје на левата политика е меѓу масите. Партиските кадри можат да учат од масите за реалните животни услови на работните луѓе, од нив можат да научат за класниот однос кон тие услови и кон носителитте на нивното одржување и обновување. Заедно со работните маси партијата прво создава идеолошка платформа за анализа на објективните процеси на нечовечкиот и асоцијален капиталистички систем. Поаѓајќи од идеолошката преобразба на својата свест, работните маси започнуваат социјалистичка општествена трансформација.

Во наше време левите политички формации се ангажираа или во апаратот на буржоаскиот парламентаризам, каде постигнаа значајни резултати, како на пример, Левица во Словенија (зголемување на минималната плата, зголемување на минималната основа за студентските хонорари, укинување на дополнителното приватно здравствено осигурување, некои интервенции во станбената политика итн.) или пак работат на градење политичка платформа, како на пример, Раднички портал. Но досега ниедна лева формација не успеа да се ангажира во двата правци на левата политика. Сепак сум оптимист зашто левите политики, и покрај својата досегашна едностраност, постигнаа висок квалитет на политичка анализа и нејзино претставување - и мошне важна вештина во рамки на непријателскиот буржоаски парламентаризам.

Песимизмот и оптимизмот, рече филозофот Теодор Адорно, не се теоретски појдовни точки. Дали тогаш ни недостасува лева имагинација?

Едноставно, недоставува политичка сила. Имагинацијата најчесто се раѓа од спонтаното дејствување на бунтовните маси. Постојано никнува од илјадници творечки кружоци, студентски групи, самоорганизирани иницијативи. Но тогаш треба политичка сила, апарат кој е способен да ги сочува овие достигнувања на имагинацијата, да ги организира, да им обезбеди трајност во конкретни форми прилагодени на конкретни историски ситуации. Накратко, покрај имагинацијата треба партија. Поучен пример е египетската пролет. Почна како спонтано масовно движење, полно со антисистемска имагинација - а на изборите победи политичка формација која веќе со децении работи меѓу масите. Заврши во рамки на периферниот општествено-политички систем, се загуби творечката имагинација. Без партија како колективен интелектуалец и материјален политички и идеолошки апарат, имагинацијата се губи во песокот на историјата.

Како тогаш теоријата повторно да стане практична и како материјална сила да учествува во промената на светот?

Тоа ќе биде резултат на колективна работа, можеби на повеќе генерации. А можеби и тоа не е толку далечно. Сега времето поминува брзо. Негативните услови веќе се тука. Творците на теории се исфрлени од идеолошките апарати, веќе се дел од работните маси, експлоатираните, угнетените. Теоретичарките и теоретичарите ја развиваат класната свест, работничките и работниците ги прифаќаат како свои. Со тоа се создава експлозивна смеса, идеите стануваат материјална сила. Сила за историски промени.

Слики: Stefan Nandancée

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Општество / Став / Теорија / Историја
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Теорија

ОкоБоли главаВицФото