За викендичката што се гради пред Мавровка

25.07.2020 01:00
За викендичката што се гради пред Мавровка

За викендичката што се гради пред Мавровка, најдобро да ја оставиме да се догради, всели и да почекаме година две да се разработи горниот апартман и истиот да се понуди на Booking.

Тогаш и само тогаш, во координирана акција на повеќе служби, да испратиме андеркавер инспектори, со задача да се претстават како брачен пар од Шведска на одмор во МК и истите да пробаат преку рецепционерот да стапат во контакт, односно дознаат, кој е газдата или инвеститорот на објектот или барем дали е од Скопје. Тоа може да го направат така што ќе кажат дека не им се допаѓа собата и дека не одговара на сликите од сајтот и дека сакаат да зборат со газдата.

Рецепционерот во намера да ги одврати ќе им каже дека газдата не е тука но дека ќе му пренесе и тука можеби и да се дознае името или да се слика со тајна камера некоја фотографија од газдата со рецепционерот која виси позади шанкот. По добивањето на таа информација, и доколку не е матна сликата, и по нејзиното префрлање од еден диск на друг, истата по тајни канали и шифрирани методи би се пренела директно до претседателот на државата кој треба да свика итен совет за безбедност на кој за првпат се појавува посочената слика од газдата на објектот на некој голем екран во некоја темна сала за состаноци. На оваа средба и министерот за внатрешни за првпат покажува на екранот со долго стапче додека прави брифинг на сите во салата. Во тензична атмосфера присутните тука даваат зелено светло и откако ќе се направи позитивна идентификација на ликот на газдата на објектот со помош на пријателски странски служби, истиот дополнително ќе се следи уште неколу месеци со изнајмување на стан преку улица од неговиот дом, во кој би претстојувал тим за надзор од неколку офицери на македонското разузнавање. По неколкумесечна обработка, финално би се утврдило дали навистина тој човек е газда на тој објект или е ова патка, лажно сценарио на непријателски земји кои сакаат дестабилизација на земјата и пошироко на регионот.

По финалната потврда, но не порано од 2054-та, а во координирана акција на повеќе служби би се преминало на конечно лишување од слобода на инвеститорот и рушење на објектот. НО. Рушење е можно само на поткровјето од викендичката затоа што во меѓувреме долниот кат станал Мавровски Театар на Апсурдот, установа од национален интерес, заштитена со законот за културно наследство.

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Јавни простори
Јавни простори
Активизам / Јавни простори / Екологија
Јавни простори / Книжевност
Јавни простори / Став
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото