Хронологијата на еден агенс

11.08.2021 22:36
Хронологијата на еден агенс

Les Malheurs de la Vaccine, карикатура од почетокот на 19 век; Историјата на вакцинацијата гледана од економска гледна точка: застарениот инокулист ја продава својата аптека додека докторот Едвард Џенер, лево, го следи скелетот со скалпел.

 

„Седмиот ден се пожали на тегобно чувство под пазувата, деветтиот ден изгуби апетит и имаше блага главоболка“, во мај 1796 година запишал творецот на првата вакцина, англискиот селски лекар Едвард Џенер (1749 – 1823), опишувајќи ги реакциите на дванаесетгодишното момче Џејмс Фипс, син на неговиот градинар, инаку првиот пациент во историјата чија имунизација е детално документирана. Како што тоа се случува во историјата на научните идеи, поединецот може да одигра одлучувачка улога, но ретко само еден човек доаѓа до идејата – во годините пред експериментот на Џенер, неколку други момчиња и девојчиња ширум Европа неколку лекари се обиделе да ги имунизираат на сличен начин. Џенер бил првиот кој недвосмислено укажал на механизмот на вакцината, изум кој спасил најмногу човечки животи откако човекот почнал да го истражува светот.

Новите, чудесни вакцини како mRNA и други, развиени од илјадници истражувачи во текот на една ковид година, во суштина се базираат на истата идеја од крајот на 18-иот век, која Џенер ја применил во експериментот со Фипс. Колку и да е напаѓана и погрешно толкувана, идејата за спречување на болеста со вакцина е генијално едноставна - со воведување безопасен агенс во телото (умртвен вирус, на пример), имунолошкиот систем однапред се обучува за подоцна да го препознае опасниот предизвикувач на болеста. И тоа беше доволно за да се искоренат многубројни смртоносни болести и да се продолжи човечкиот живот.

Агенсот не предизвикува болест, но телото во него ја гледа причината за болеста, го придвижува имунолошкиот одговор, го уништува и го учи како потоа, во иднина, да го убие секој микроорганизам поврзан со овој агенс. Конвенционалните вакцини како агенс обично го користат самиот вирус што предизвикува болест, но кој претходно, во долг и неизвесен процес, бил умртвен или ослабен во лабораторија за да не доведе до болест; се додаваат и адјуванти кои го зајакнуваат имунолошкиот одговор. Со избувнувањето  на пандемијата со Ковид-19 беше јасно дека процесот на ослабување на вирусот ќе трае предолго, па научниците се обидоа да користат поинакви агенси.

Едвард Џенер ја изведе својата прва вакцинација врз Џејмс Фипс, момче на возраст од 8 години, на 14 мај 1796 година. Слика на Ернест Борд, почеток на 20 век.

Вакцините што ги развија рускиот Гамалеја институт и Оксфорд Астра - Зенека користеа трик претходно развиен за вакцината против ебола: агенсот е сосема поинаков вирус од кој телото во суштина не се разболува, но во кој со генетска модификација се внесени клучните информации за САРС КоВ2.  Така, со измама, безбедно се создава имунолошки одговор; додека се развиваат антитела кон овој безопасен микроорганизам, имунолошкиот систем всушност развива антитела против Ковид-19. Патот на mRNA вакцините што ги користат Фајзер-Бионтек, Модерна, но и други компании, како агенс ја користат информационата РНК.

За да го измамат имуниот систем, mRNK вакцините воопшто не содржат некаков вирус или друг патоген, ослабнат или неослабнат, туку ги пресретнуваат гласниците во клетките поттикнувајќи ги да реагираат на заразата, иако заразата ја нема. Овие вакцини во телото внесуваат само еден mRNK синџир, чиста молекуларна информација кој содржи податоци за само еден протеин (таканаречен „spike“ протеин) на корона вирусот. Молекулата mRNK во телото влегува спакувана во капка маст, без никакви додатоци или опасни супстанци, рибозомите го читаат и го создаваат фамозниот „spike“ протеин, на истиот начин како што би се случило кога клетката навистина би ја нападнал вирус (кој никаде го нема), за да го поттикнат имуниот систем и да го поттикнат телото да развива соодветни антитела.

Џејмс Гилрој, „Кравчето или прекрасните ефекти од новата инокулација!“; карикатура од 1802 година со вакцинирани пациенти кои се плашат дека ќе им пораснат кравји израстоци.

 

Против бактериите 

Џенер до идејата дошол уште во седумдесеттите години на 18-от век соочувајќи се со епидемијата на смртоносни мали сипаници, предизвикани од денес истребениот вирус вариола, некогаш вистинска десна рака на смртта меѓу микроорганизмите. Иако во тоа време ништо не се знаело за бактериите, на Џенер му било познато верувањето дека имунитет на мали сипаници имаат млекарите кои претходно ги прележале не толку опасните кравји сипаници. Џенер имал широко образование и со научна метода која ја стекнал со биолошки проучувања, тој го истражувал бапското верување и сфатил што се крие зад она што се нарекува механизам на стекнување имунитет.

За да го провери експериментот, Џенер барал здраво момче и го избрал Џејмс Фипс, кој го вакцинирал со гнојот земен од раката на една заболена млекарка. Шест недели подоцна го заразил момчето и со вариола, но момчето не се разболело, бидејќи кравјиот вирус припаѓа на истото семејство вируси како вариолата, па организмот развил имунитет на него. Од сите дванаесет слични експерименти и претходни уште шеснаесет студии на случај, Џенер го осмислил концептот на заштита од заразни болести. За имунизација користел сличен вирус на вариолата, го нарекол според латинскиот збор vacca (крава) и според тоа го добил името целиот метод на вакцинација.

 

Германска карикатура од 19 век на која се гледа како Фон Беринг го произведува серумот за вакцина.

До суштински продор во разбирањето на механизмот на вакцинацијата дошло благодарение на работата на францускиот хемичар Луј Пастер (1822 – 1895), кој ја сфатил и ја објаснил природата на заразните болести што ги предизвикуваат бактерии. За разлика од вакцината на Џенер со сличен природен вирус, Пастер ја создал првата вештачка вакцина. Во седумдесеттите година на 19-от век, тој со соработниците открил вакцина против антракс, а во 1885 година и вакцина против беснило, која е базирана на претходни сознанија на други научници. Во меѓувреме, 1854 година, Роберт Кох ја открива бактеријата што предизвикува туберкулоза и врз база на тоа сознание, во 1908 година настанала и првата вакцина против оваа болест, која денес прерасна во BCG вакцина што според закон ја примаат сите новороденчиња. И како кампањите на имунизација станувале сè пософистицирани и сè повеќе засновани врз разбирање, се зголемувал и списокот на вакцини кои со закон се пропишани како задолжителни.

Во текот на педесеттите години во целиот свет се водела кампања за вакцинација против полио вирусот кој предизвикува детска парализа што често се наведува како пример на успешна имунизација (денес IPV вакцина). Паралелно се развивале и вакцини против дифтерија, тетанус и голема кашлица (DTP вакцина), сипаници, рубеоли и заушки (MMR вакцина) кои речиси ги истребиле овие болести.

Околу 1950-ти: Најголемото семејство (со 20 деца) во САД се вакцинира против полиомиелитис (детска парализа) во акцијата за масовно вакцинирање.

 

Против вакцината 

Можеби звучи изненадувачки но антиваксерското движење не е само безопасна нововеквна појава кај корисниците на социјални мрежи што немаат друга работа, тоа има подлабоки историски корени. Движењето против вакцините повремено успевало да мобилизира голем број следбеници и да доведе до отворени судири. За време на кампањата за вакцинација, на почетокот на 20-иот век, доаѓало и до вистински револуции. Така во 1904 година во Рио де Жанеиро, во Бразил, избила побуна под името Revolta da Vacina. При имунизацијата во колонијалните земји отпорот против вакцините се претворал во крвопролевање. Најекстремен облик на отпор е сечењето на вакцинираната рака што во текот на шеесеттите и седумдесеттите е забележано вп Лаос, Камбоџа и Виетнам.

Всушност, стравот од вакцината е стар колку и таа самата. Во една статија од 1807 година во Лондон, вакцината која штотуку била воведена во лекарската практика, во долгото набројување на првите противници на вакцинацијата е опишана како „моќно и ужасно чудовиште со рогови на бик, копита на коњ, челусти на морска аждаја, заби на тигар, со опашка на крава и сите зла од Пандорината кутија“, кое му нафрлило на човештвото, а особено на „несреќните новороденчиња на сиромашните“. Нејзиниот ефект, заедно со илустрација на препотопски ѕвер, тогаш опишуван „не со стотоици, ниту со илјадници, туку со стотици илјади“ жртви што би можела да ги земе.

Во секоја нова кампања за имунизација, во текот на два века, се формираше фронт меѓу противниците и поддржувачите на вакцината кој долго време беше поврзан со рововите на стариот конфликт помеѓу европската буржоазија и работничката класа. Во 21 век, таа војна се пресели на Интернет и на електронските медиуми, за да со пандемијата на корона вирусот добие планетарен карактер.

Леток против вакцинација од 1807 година.

Откако Џенер го претставил својот метод на вакцинација пред Кралското друштво во Лондон, тој почнал широко да се користи во борбата против лошата зараза на големи сипаници. Но речиси веднаш се појавило и првото движење против вакцинација – списанијата објавувале карикатури на вакциниран човек што се претвора во крава. Откако британскиот парламент во 1840 година изгласал закон со кој се вовела бесплатна имунизација, како прв државен акт на оваа тема, отпорот дополнително се зголемил. Со законот за принудна вакцинација на новороденчиња од 1853 година (Compulsory Vaccination Act), отпорот станал организиран и се преселил на теренот на политичката борба. Во Ипсвич, Нели, Митфорд и уште неколку англиски градови дошло до жестоки нереди, а до крајот на годината во Лондон е основана Лига против вакцинација, која го собрала јадрото на противниците на методот на лечење на Џенер.

Интересно е што стравот од вакцината се карактеризира и со класната борба. Колку да изгледа надминат, овој облик на социјален конфликт е моторот и на денешниот отпор против  вакцинацијата – тој лежи во раширената претпоставка дека фармацевтските компании и посредниците во набавката на вакцини остваруваат екстремен профит на сметка на здравјето на луѓето.

Противниците на вакцината одамна го гледале принудното воведување на „отрови“ во човечкото тело како екстремен пример за класно законодавство, бидејќи законите за имунизација најмногу ги погодиле децата на работничката популација.

„Движењето против вакцини дури и помогна да се воспостави нов идентитет на работничката класа во кое се вклучиле сите оние кои го доживувале нарушувањето на нивното тело како форма на политичка тиранија“, вели американската историчарка Надја Дурбак во текстот „Working-Class Resistance to Compulsory Vaccination in Victorian England" (Отпорот на работничката класа против задолжителна вакцинација. во викторијанска Англија).

Карикатура на Џејмс Гилрој: „Кравчето или прекрасните ефекти од новата инокулација!“, 1802.

 

mRNK Револуција

Новата револуција ќе ја направи една жена. Родена во унгарскиот град Шолнок, на реката Тиса, пораснала во блискиот град Кишујсалаш во рамнината, неколку километри од брегот на големата панонска река. Студирала во Сегедин, каде дознала за постоењето на mRNA што ќе го обележи нејзиниот живот. Докторката по биохемија Каталин Карико (65) емигрирала во Соединетите држави кон крајот на 1980-ите години и поголемиот дел од својата кариера ја  поминала на Универзитетот во Пенсилванија, каде со години  безуспешно се обидувала да добие поддршка за нејзиното истражување на терапиите и вакцините базирани на молекулот mRNA.

Фабриките на протеини во клетката, рибозомите, инаку директно не ја читаат ДНК, туку за секој протеин од јадрото им стигнуваат различни молекули со прецизна порака како треба да се спакуваат аминокиселините во соодветна редица. Ова „упатство за употреба“ се молекуларните синџири наречени мРНК и кои претставуваат работна меморија на живата клетка, налик на она што е RAM во компјутерот. Откако во 1961 година биле откриени се развивала идејата дека за лекување на ракот или на други болести, наместо да се менува генетичкиот материјал во јадрото, токму овие патувачки РНК гласници би можеле да пресретнуваат со некоја одредена терапија.

Карико ја развивала оваа идеја цели четириесет години. И никогаш не се посомневала во моќта на mRNA. Списанието „Wired“ пишува дека веста за вакцината „Фајзер–Бионтек“, заснована на mRNK и ефикасноста од изненадувачки 95 отсто (најдобрите конвенционални вакцини имале ефикасност од 85 отсто), таа ја дочекала во тишина, без еуфорија. Потоа изјавила: „Очекував дека ќе биде многу ефикасна“.

Вакцинација во воз, Њујорк, 1885.

Нејзиното семејство не се стекнало лесно со американско државјанство. Но, нејзината ќерка Сузан Францио не само што се прилагодила и дипломирала социологија, туку станала и двојна олимписка шампионка во веслање. Меѓутоа, Каталин Карико се борела со ракот и многу повеќе со универзитетската администрација која ја советувала како успешен биохемичар да си ја проба среќата во други области на истражување за кои ќе може да најде финсиски средства. Сепак Карико не сакала ја напушти  mRNK. Кон крајот на деведесеттите години, на Унниверзитетот го запознала имунологот Дру Вајсман, кој ѝ пружил поддршка и заедно го продолжиле истражувањето.

По многубројни обиди, во 2005 година успеале да ја објават студијата која дала рецепт како mRNK може безбедно да се употреби и да предизвика имун одговор. Иако Вајсман и Карико го патентирале своето откритие, отпрвин немало никаков интерес за оваа идеја. Дури пет години подоцна, постдокторандот од Стенфорд, Дерек Роси, ќе го прочита нивното истражување и ќе сфати колку огромен потенцијал се крие во него. Со група професори од Харвард и МИТ, Роси ја основа компанијата „Модерна“ и од Универзитетот во Пенсилванија ги откупува правата да го користи решението до кое дошле Вајсман и Карико. Нивната идеја на овој начин да развиваат вакцини, со појавата на пандемијата ќе им донесе милијарди.

Во меѓувреме, Карико, која не се збогатила заради комплицираните патентни правила, прифаќа покана од Германија, од иновативната компанија „Бионтек“, основана од претприемачот Угур Сахин. Нивната мала компанија, во соработка со гигантот „Фајзер“ ќе ја развие првата вакцина против Ковид-19  во 2020 година, регистрирана во Европа и Америка. И со која веќе се вакцинираат и малолетни деца.

Но, милионите животи кои ќе бидат спасени со помош на вакцината, а кои би ги однел ковид-19, всушност се само почеток. Идните вакцини засновани врз mRNK ќе можат да решаваат многу други предизвици, на пример, ракот, зашто се ефикасни, безопасни, прецизни и првенствено брзи. Кога следен пат ќе заустите да кажете дега сте загрижени за безбедноста на новите вакцини направени за само една година, сетете се дека историјата на вакцините е всушност хронологија на истрајноста. Пример е Каталин Карико, која целиот живот го посветила на тоа – да може да се направат вакцини за една година.

Ученици се редат за вакцинација против туберкулоза во Европа по Втората светска војна.

 

Извор за текстот: vreme.com

Превод: Александра Бубевска

Слични содржини

Наука / Живот / Историја
Наука / Историја
Општество / Балкан / Историја
Свет / Наука

ОкоБоли главаВицФото