Говорот на омраза води до опасни поделби

26.06.2023 14:52
Говорот на омраза води до опасни поделби

Пред една седмица беше одбележан Меѓународниот ден за борба против говорот на омраза. Одбележувањето помина кај нас без некоја позначајна присутност во медиумите, ниту пак беше соодветно одбележано од непосредно надлежните институции. Се чини дека на говорот на омраза не му придаваме должно внимание иако на индивидуално ниво, а не ретко и на ниво на групи на кои им припаѓаме, а особено на социјалните медиуми, редовно се среќаваме со овој феномен, па дури и во некои најсурови облици.

Најчеста дефиниција за омразата е дека се работи за емоција на интензивно непријателство и аверзија која обично произлегува од страв, гнев или чувство на навреда или повреда. Со омразата редовно е поврзан објект или објекти на омраза. Омразата, покрај останатото, најчесто се манифестира низ говор на омраза. Целта е да се деградира другиот или другите, а неминовен резултат е себедеградација, како индивидуи, како луѓе.

Говорот на омраза од страна на Советот на Европа е дефиниран како комплексен и повеќедимензионален феномен кој има далекусежни и опасни последици во демократските општества. Тој не само што влијае на достоинството и човековите права на поединецот, туку и на групите во кои поединецот е вклучен. Говорот на омраза води до опасни поделби во општеството во целина, влијае на учеството и вклучувањето на сите оние кои се негова цел и ја загрозува демократијата. Најчеста директна последица од говорот на омраза е постепено исклучување на сите оние кои се негова цел, односно се врши принуда, овие лица и групи да излезат од јавната дебата и да се замолчат. Историјата од која многу тешко учиме, покажува дека говорот на омраза, не ретко се користел за да се мобилизираат групи и општества едни против други со цел да се предизвика насилна ескалација, криминал од омраза, војна и геноцид.

На 20 мај 2022 година, Комитетот на министри на Советот на Европа донесе документ, т.н. Препорака за борба против говорот на омраза. Документот содржи сеопфатен и калибриран збир на правни и политички мерки и се смета за суштински патоказ за спроведување на поврзани реформи. Тој се надоврзува на меѓународните стандарди за човекови права и на релевантната судска пракса на „Европскиот суд за човекови права“ и посветува посебно внимание на онлајн околината во која може да се најде најголемиот дел од денешниот говор на омраза.

Во продолжение, неколку констатации и препораки за илустрација на потребата од добро организирана и системска акција за борба против говорот на омраза.

Советот на Европа констатира дека низа различни актери треба да бидат вклучени во спречувањето и борбата против говорот на омраза: јавни субјекти, вклучително и избрани тела и власти на централно, регионално и локално ниво и нивни претставници и персонал, особено во областите на образованието, регулацијата на медиумите, полицијата, јавните медиуми и судството, националните институции за човекови права и телата за еднаквост , но исто така и други засегнати страни како што се политички партии, јавни личности, интернет посредници, медиуми во приватна сопственост, вклучувајќи комерцијални, локални и малцински медиумски организации, професионални здруженија, граѓански организации, бранители на човекови права, претставници на верски заедници, малцинства и други групи, социјални партнери, академски и истражувачки институти. Сите наведени чинители треба да развијат сеопфатни политики, стратегии и акциони планови за спречување и борба против говорот на омраза на ефективен начин, притоа поддржувајќи ја слободата на изразување.

Советот на Европа е на мнение дека како дел од обврската да се заштитат сите кои се цел на говор на омраза, најсериозните изрази на говор на омраза (со степен на суровост) треба да се криминализираат. Според Советот, тоа ќе послужи не само на казнената функција на кривичното право, туку и ќе испрати јасен сигнал до потенцијалните сторители и општеството во целина (општа превентивна функција на кривичното право), дека таквите изрази претставуваат кривични дела.

Советот очекува поттикнувањето насилство или заканите за насилство и другите видови содржини јасно да се определат во националното право врз основа на националната преваленца, релевантност и сериозност на другите видови говор на омраза.

Од своја страна Европскиот суд за човекови права нагласува дека може да биде оправдано да се наметнат сериозни казнени санкции во случаи на говор на омраза, дури и врз новинари или политичари, истовремено потенцирајќи дека во светлината на начелото на пропорционалност, кривичното право треба да се применува само за најсериозни – најсурови изрази на омраза. Со оглед на тоа, Судот исто така смета дека онаму каде што дејствијата што претставуваат сериозни прекршоци се насочени против физичкиот или менталниот интегритет на една личност, само ефикасните казнено-правни механизми можат да обезбедат соодветна заштита и да послужат како фактор за одвраќање. Судот исто така прифаќа дека се потребни казнено-правни мерки во однос на директни вербални напади и физички закани мотивирани од дискриминаторски ставови, а кај помалку сериозни изрази на говор на омраза треба да се постапува според граѓанското и управното право. Случаите кои не го достигнуваат минималниот праг за преземање активности треба да се решаваат преку политички мерки како што се, на пример, подигање на свеста и едукација.

Говорот на омраза кај нас е интензивиран, особено во насока на политичките противници; последица е на продлабочената политичка поларизација во земјава, дури и за стратешките прашања. Говор на омраза континуирано се забележува и во внатрешните меѓуетничките односи иако е обусловен со степенот на нивната „релаксираност“ (односот спрема ЛГБТ заедницата, на пример). Говорот на омраза, иако спорадичен пред бугарското вето, сега е особено присутен во релациите меѓу двете општества. Се практикува главно на социјалните медиуми, иако има случаи да биде употребен од влијателни политичари и медиуми на двете страни. Директна последица од говорот на омраза е поголемиот анимозитет меѓу двете општества, а кај нас и поголем анимозитет кон ЕУ.

Во склучениот Протокол на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, предвидено е двете стани реципрочно и ефикасно да го адресираат говорот на омраза со ефективни мерки. Покрај мерките утврдени во Протоколот, токму подобрувањето на односите во смисла на адекватен тон, реторика, наративи, и интензивирана и широка меѓусекторска соработка, може пропорционално да го намалi говорот на омраза, и тоа во кус рок, на обете страни. Тоа ќе случи единствено доколку водствата (но и опозициските лидери) во двете држави, заедно со највлијателните медиуми, посветено инвестираат во позитивна комуникација, меѓусебна доверба и почитување, давајќи личен пример.

Извор за текстот: Racin.mk
Извор за стрип таблите: Comically vintage

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото