Без свиркачите, западот е изгубен

29.06.2023 01:29
Без свиркачите, западот е изгубен

На почетокот на месецов СиЕнЕн извести дека британскиот суд на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, „не му дозволил да поднесе жалба за налогот за негово испорачување во САД, каде го чекаат кривични обвиненија за шпионажа“. Иако правниот тим на Асанж продолжува со секакви обиди, стисокот очигледно станува посилен. Времето не е на негова страна. Американските и британските власти кои го прогонуваат можат да си дозволат да чекаат и оној мал интерес што постои во јавноста за неговиот случај да попушти пред војните, климатските промени, грижата заради вештачката интелигенција и другите глобални прашања.

Но ако мислиме да ги издржиме сите овие предизвици ќе ни бидат потребни луѓе како Асанж. Кој ќе ги разоткрие злоупотребите и незгодните вистини кои сакаат да ги задржат во тајност оние што се на власт - без разлика дали се работи за воени злосторници или интерни извештаи на сопствениците на социјални мрежи околу тоа како нивните платформи влијаат на тинејџерките?

Неодамнешниот мини-напад со дрон на Кремљ е пример за тоа. Додека украинската влада негираше вмешаност (припишувајќи им го тоа на опозициските сили), рускиот претседател Владимир Путин веднаш го осуди тоа како „терористички чин“, додека некои западни набљудувачи се жалеа дека Украинците ја туркаат војната предалеку. Но што всушност се случи? Фактот што не знаеме значи дека настаните се одвиваат во опасна воена магла.

Се сеќаваме на стиховите од Операта за три гроша на Бертолд Брехт, кои велат дека едните се во темница, а другите на светло и оние во темницата не ги гледаш. Како подобро да се опише денешната медиумска доба? Додека мејнстрим медиумите се полни со вести за Украина, разорните војни во Централноафриканската Република, Конго и на други места, не добиваат никакво внимание.

Оваа асиметрија не значи дека треба да понудиме ништо помалку од целосна поддршка за Украина. Но нè обврзува да размислиме за поставката на таа поддршка. Би требало да ја отфрлиме идејата дека Украина заслужува помош зашто „такви нешта не би требало да се случуваат во Европа“, или зашто „ја браниме западната цивилизација“. Најпосле, западната цивилизација не само што ги игнорира ужасите што се случуваат надвор нејзините граници; таа често е соучесник.

Наместо тоа, Европејците и другите западни општества би требало да сфатат дека заради инвазијата во Украина го почувствуваме она што постојано се случува другде - само надвор од дометот на нашата грижа. Војната нè принудува да го разгледаме она што не го знаеме, она што не сакаме да го знаеме и она што го знаеме но не сакаме да се однесува на нас. Потребни ни се луѓе како Асанж за да изнудат такво соочување - за да ги видиме и оние во темницата.

Секако, на Асанж може да му се замери тоа што се фокусира исклучиво на либералниот запад и ги игнорира уште поголемите неправди во Русија и Кина. Но тие неправди веќе одамна се видливи во нашите медиуми. Постојано читаме за нив. Ако Асанж е виновен за примена на двојни стандарди, тоа е факт и за западот кој го осудува Иран додека ги затвора очите пред Саудиска Арабија.

Како што прашува Матеј (7:3): „Зошто ја гледаш раската во окото на твојот брат, а не ја забележуваш гредата во твоето око?“ Асанж нè научи да ја признаеме не само гредата во сопственото око, туку и скриените врски со пилевината во очите на нашите непријатели. Неговиот пристап ни овозможува одново да согледаме многу големи борби со кои се обземени нашите медиуми и политиката.

Да го земеме конфликтот помеѓу популистичката десница и воук левицата. Кон крајот на мај, еден школски округ во Јута ја отстрани Библијата од своите основни и средни училишта кога некој родител се пожалил дека во неа „'нема сериозни вредности за малолетниците' затоа што е порнографска според нашата нова дефиниција“ според законот за забрана на книги кој е усвоен минатата година. Дека тоа не е случај со мормонската културална војна против христијаните, покажува барањето упатено до округот за ревизија на Мормоновата книга заради можни кршења на новиот закон.

Значи, кој стои зад овие барања? Дели е тоа воук левицата која се осветува заради забраната на книги за расни и ЛГБТ+ прашања? Дали е тоа радикализираната десница која применува строги критериуми на семејните вредности и на сопствените текстови? Најпосле, тоа не е важно, зашто и новата десница и воук левицата ја прифатија истата логика на нетолеранцијата. И покрај меѓусебниот идеолошки анимозитет тие се огледуваат едни во други. Додека воук левицата ја демонтира сопствената политичка основа (европската еманципаторска традиција), десницата можеби најпосле собра храброст да ја доведе во прашање опсценоста во своите темелни текстови.

Во суровата иронија, западната демократска традиција на самокритика западна во апсурд, сеејќи го семето на сопственото уништување. Кои прашања демнат во мракот додека овој процес го зазема сето внимание? Најголема закана за западните демократии не се Асанж и транспарентноста што ја претставува тој, туку повеќе нихилизмот и самоодобрувањето кои станаа карактеристика на западната политика.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.project-syndicate.org/

Слични содржини

Европа / Балкан / Свет
Општество / Европа / Свет / Теорија
Европа / Свет
Европа / Свет
Европа / Балкан / Свет

ОкоБоли главаВицФото