Нови манифестации на квир просторот

11.08.2023 09:45
	 Нови манифестации на квир просторот

Една студија од 2017 година покажува дека бројот на ЛГБТК+ места во Лондон за една деценија се намалил за 58%. Пренесуваме искуства на дипломирани студенти кои презентираат нови манифестации на квир просторот.

За Клеантис Киријаку, иднината на квир просторот започнува во минатото. Неговиот проект, насловен „Куќа на екстраваганцијата” (House of Extravaganza), како почетна точка ја зема „Стробери Хил”, неоготска вила од 18 век, изградена од Хорас Волпол. Неодамнешно истражување ја реконструираше куќата како „квир готик“, заштитен простор за лично изразување на нејзиниот патрон:

„Една од причините поради кои се преселив во Лондон беше затоа што сакав слободно и без извинување да можам да бидам тоа што сум... Лондон стана засолниште, светилиште во кое можам да го реализирам мојот идентитет. Кога го открив Хорас Волпол, бев фасциниран. Пред триста години тој ја изградил оваа палата како место каде што може да го реализира својот идентитет“.

Во рацете на Кирјаку, Стробери Хил се трансформира од „место на заштита во место на проекција“. Куќата на екстраваганцијата започнува со споменик за изгубените квир простори во Лондон, а потоа ги отвора вратите како прва квир палата во градот, место за настани и интервенции, но и инкубатор на други квир простори низ Лондон.

Киријаку го комбинира готскиот визуелен стил со геј бањи, градини за задоволства, паркови за крстарење и драг сцени. Неговиот проект го одразува цисродовото машкото искуство. „Никогаш не мислев дека ќе можам да се занимавам со проект кој се занимава со квир просторот или малцинствата“, вели тој, „Никогаш не мислев дека мојата работа може да биде толку лична затоа што секогаш слушаме дека архитектурата е за „народот“...Сакаме да бидеме толку инклузивни што понекогаш забораваме дека треба да исклучиме за да вклучиме“.

Проектот ја слави флуидноста на идентитетот преку непостојаноста на самите настани и лиминалната позиција на палатата на работ на градот. Создадена првенствено за својата квир заедница, „Куќа на екстраваганцијата” пречекува секаква публика за јавни фестивали, поточно публика која не мора да биде квир, или како што објаснува Киријаку, „ако можете да го доживеете квир сензибилитетот, тогаш можете и да го разберете“.

Истражувајќи ја широчината на квир просторот, Луси Хејхо за нејзината изложба насловена „Queer(ing) Space”,на едно место ги собра уметниците, изведувачите и писателите. Губитокот на ЛГБТК+ местата во Лондон, во комбинација со љубопитноста за нејзино сопствено променливо искуство, ја инспирираше да ги истражува постоечките простори и она што ги прави отворени за квир заедницата:

„Постојат очигледни работи како знамиња, конфигурација на тоалети и родово неутрални објекти, но исто така и некои други фактори како близината до културните институции, различноста на населението и поширокиот урбан контекст. Сите овие елементи се надоврзуваат на тоа зошто се случува таа заедница да се најде во геј бар среде Сохо, а не во некој паб во село.

Ги гледате бранувањата кои создаваат услови за кластери на квир простори. Но, тоа не дава одговор на прашањето „што е квир простор?“. За да одговорите на тоа прашање, треба да имате јасна дефиниција за „квир“ и дефиниција за „простор“, кои се два многу флуктуирачки и спорни концепти“.

„Queer(ing) Space" направи збирка на делата на уметници, изведувачи и писатели, како и барање од публиката да ги мапира сопствените искуства во градот. Хејхо создаде инсталација за шоуто со наслов Еден внатре, еден надвор: Најмалиот геј бар во Дептфорд (One in,One out: Deptford's Smallest Gay Bar). Барот е доволно голем само за еден човек, а со тоа станува потсетник на намалувањето на актуелните ЛГБТК+ простори, но истовремено претставува еден просторен експеримент.

„Комерцијалните геј барови често се замислуваат како простори за бели цис-мажи, со поп музика и светкави диско топки. Се чувствувам доста конфликтно во врска со овие простори затоа што, иако сè уште можам да уживам во таа средина, не го разбирам како мој простор или нужно како квир простор. Во овие простори можам да го почитувам прекинот од хетеронормативноста додека сè уште се чувствувам изолирана од местото“.

Навистина, малиот бар на Хејхо е дефиниран од личноста која ќе влезе во него: „Мислам дека претпоставката е дека одите во геј барови за да запознаете луѓе за некаква врска, но да се биде квир не е секогаш поврзано со вашата врска со друга личност – туку повеќе да се биде свој на подиумот, има чувство на осаменост, но и гордост во тоа. Во One in, One out, можете да правите што сакате, не сте тука за никој друг“.

Барот One in, One out во иднина ќе биде на фестивалска турнеја, тоа е, на крајот на краиштата, совршен социјално изолиран бар. Хејхо го гледа „Queer(ing)" Space како почеток на нејзиното истражување. Но, каков би можел да биде квир просторот во иднина?

„Мислам дека би било навистина возбудливо да се размислува за квир простор во безброј форми кои не секогаш се случуваат во центрите на градовите, кои не мора да вклучуваат алкохол, кои не им даваат приоритет на цис геј мажите толку често...

За време на локдаунот имаше многу квир хаус забави кои се преселија на интернет, квир трезвени простори, QTIPOC групи, групи за пишување, мрежи за поддршка. Можеби допрва ги прошируваме идеите за тоа што може да биде квир простор. Ќе биде навистина интересно да се види како и дали физички ќе можат да се манифестираат овие дигитални простори“.

Прашањата за квир просторот не се дефинирани само за просторните дисциплини. Фурман Ахмед, (студент на ликовна уметност), работи на еден проект во кој станува збор за градови соодветни за настани и прослави во заедницата. Нивната практика започна во поприватен контекст:

„Тоа произлезе од тоа што цело време бев во истата просторија“, вели Ахмед зборувајќи од својата детска спална соба, „Ми требаше простор во кој можам да живеам и да бидам свој. Пораснав во пакистанска заедница, која е доста религиозна и конзервативна, па затоа почнав да сликав автопортрети користејќи го Tumblr како изложбен простор. Тие слики станаа прилично екстравагантни со текот на времето. Изработував по еден на неколку месеци и го трансформирав просторот околу мене... Сè уште ги креирам тие светови, но не го правам тоа за себе, туку за заедницата“.

Практиката на Ахмед прерасна во сценографија и уметничка насока, создавајќи дела за „Тејт Модерн", „Јупитер Артланд" и Уметничкиот фестивал во Единбург: „Навистина сум заинтересиран за емотивните простори на знаење. Таков простор може да се најде насекаде: простор или состанок на зум, највжно е поврзувањето, а не како сето тоа изгледа“.

За неговиот последен проект Ахмед предложи градина со фонтана, инсталирана во Централ Сент Мартинс, амбиент за еднонеделен фестивал со работилници и перформанси кои опфаќаат изработка на уметност, од мандала до квир борбена обука. Програмирањето го изразува потенцирањето на Ахмед на радикалната грижа за квир заедницата.

Структурата, строго дефинираната фонтана, треба да биде испишана со графити со имиња на квир и транс луѓе убиени во 2019 година. Посетителите ќе бидат поканети да ги изгребат своите имиња во структурата како чин на солидарност.

„Сакам да ги олеснам искуствата за учење и заеднички развој, да осмислиме нови структури на работа како заедница. Главниот фокус е радоста, славењето и радикалната љубов. Тоа звучи толку хипи, но одговара на нашата култура во Велика Британија, да не покажуваме наклонетост... Знам дека мојата работа нема директно да ја промени политиката, но може да го подигне расположението и да направи конекција, а тоа ја прави борбата за промени многу полесна”.

Клеантис Кирјаку беше номиниран за минатогодишните MullenLowe NOVA награди и ја освои наградата за Просторен културен капитал. Истражете ја целосната листа на номинирани.

Извор:https://www.arts.ac.uk/

Слични содржини

Општество / Јавни простори
Јавни простори / Европа
Јавни простори / Технологија
Јавни простори / Фотографија / Уметност / Око

ОкоБоли главаВицФото