Изложба на цртежи - „Бескрајот на стените” на Зоран Лазаревски

02.02.2024 09:43
Изложба на цртежи - „Бескрајот на стените” на Зоран Лазаревски

Во понеделник, 5 февруари, во Галерија 1, во Младинскиот културен центар, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложба на цртежи на академскиот уметник, Зоран Лазаревски, насловена „Бескрајот на стените”.

Циклусот на цртежи се работени во изминатите три години, а се реализирани и инспирирани од карпести делови, камени стени, природата воопшто. Цртежите се реализирани во надворешен амбиент користејќи се со различни видови на цртачки и сликарски техники и алатки. Исто така дел од делата се пренесени дигитално на сликарско платно со цел да се долови една поинаква димензија на цртежот кој го имплементира авторот, истите се дополнително доработени, во техники кој авторот ги избира, а согласно потребата за реализирање на инспирацијата.

„Не еднаш и не еден уметник занемено стоел пред совршените, беспрекорни творби на природата; и секој отсекогаш сакал барем да се доближи до чудесните форми и бои, да ги одгатне таинствените пораки што тие ги упатуваат – древни, вечни, секому важни.

Природата е ненадминат уметник; речиси нема некој, кој и да е, кога и каде да било, макар мигновено да не ја почувствувал нејзината семоќна рака, полноводната кристална река што струи низ неа. Многумина ќе поитаат да понудат одговор и објаснување, но мудриот Сенека би рекол – „Премногу сме смртни за да го спознаеме бесмртното”.

Оти – креативната моќ на природата е таква: бесмртна – бесконечна, непредвидлива, недостижна… неповторлива. Во неа (по)долго време тоне и Зоран Лазаревски; ќе бидете сосем во право ако забележите дека е целосно обземен, дека жедно ја пие нејзината утринска роса, дека до изнемоштеност талка по нејзините испреплетени патеки. Ја чувствува, му тежи, го избезумува магичната хармонија на боите и формите – совршенството по кое копнее, сака да го отвори, да го допре, да го впие – да го сети во себе оформено, пресоздадено, потем да го пренесе во својата рака, да го направи вистина, да биде стварноста во која самиот опстојува. Не е обичен, бесцелен, талкач по рудините и по сртовите. Ги бара и ги наоѓа, белезите во нив,тие се нечиј здив, нечија искра во погледот, нечија воздишка. Втиснати се во стените, во камењата, во карпите, незабележливи веднаш и за сечие око, безначајни, скоро, за сите кои заитани и безумни ги одминуваат. Но Зоран застанува, ги чувствува, ги гледа, ги открива, го вознемируваат, го тревожат, сака да продре во нив, во нив да се објасни себеси. Како се буди детето во него, она кое еднаш, пред пет-шест-седум децении скокало од еден на друг камен, од еден цртеж на друг – несвесно избирајќи ги само избраздените, украсените, камењата што денес, по толку живот, во сегашната доба се враќаат во него како бликнат вруток на раскошната имагинација, на радосната рака која трепери над нив, занесена, зачудена. Овие цртежи, овие слики што веќе ве обземаат, се отворен дијалот меѓу него – вешт, тивок, задлабочен уметник и уметникот што којзнае од кога, којзнае како, којзнае со каква цел ги создавал, ги оформувал, ги осмислувал, им давал смисла, ги испратил до него – да ги види, да ги открие линиите, шарите, небаре зборови можеби не за најголемите тајни, но секако за најголем вознес, за возбуда што Зоран Лазаревески толку даровито ни ја пренесува на сите”, пишува критичарот Глигор Стојковски во текстот за изложбата насловен „Над бескрајот на стените”.

Зоран Лазаревски, роден 1949 година во Скопје, завршил училиште за применета уметност „2 Август” во Скопје 1965-1970 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград 1975 година, во класата на професор Марко Крсмановиќ, отсек ликовна графика. Член на ДЛУМ од 1976 година. Самостојно изложувал на повеќе места, Скопје, Струга (93) , Струмица (1993 и 2023 год.) Учествувал на сите групни изложби кој ги организирал ДЛУМ, како и излагања надвор од земјата. Добитник е на повеќе награди и признанија.

Присутен е на Меѓународно графичко триенале на графика што се организираше, првото во Битола 1994 и преставник на редакцијата „Нова Македонија” за доделување на наградата на весникот „Нова Македонија” на сите графички триенала во Битола. Од 1975 до 2013 година е ликовен уредник на весникот „Нова Македонија” и добитник е на специјална награда по повод 60 години на весникот за дизајн опрема на весници, книги, монографии, плакати, брошури и секаков вид на дизајн.