Вистината е мртва и закопана на непознато место

27.02.2024 15:39
Вистината е мртва и закопана на непознато место

Славниот новинар Крис Хеџис апелира дека екстрадицијата на Џулијан Асанж ќе значи сигурна смрт на слободата на печатот, на истражувачкото новинарство, на вистината и на демократијата во Западниот свет. Колку тажно и наивно: и овој ветеран на занаетот, што ги видел сите зла на светот, уште не може да се помири со фактот дека смртта на вистината воопшто веќе не зависи од одлуката на Високиот суд во Лондон, од проста причина што таа веќе одамна е мртва.

Некни прочитав во „Окно“ дека Жан Жорес рекол за капитализмот дека носи војна во себе како што облакот ја носи бурата. Овој длабок поетски увид за врската помеѓу војната, капитализмот и фашизмот го имаше и брилијантниот Бертолt Брехт. Тој напиша дека „оној што сака да ги опише фашизмот и војната, (…) мора тоа да го направи врз основа на една суштествена вистина: овие катастрофи им се приредуваат на големи маси луѓе што работат без сопствени средства за производство, а од страна на сопствениците на овие средства“. Јасно како планинска роса.

Империјалистичките војни што се водат во Украина, Палестина и на Блискиот Исток, и сите други империјалистички војни што се водеа последниве векови, вклучувајќи ги се разбира и Првата и Втората светска војна, се војни за територија, моќ и профит, што сопствениците на капиталот ги водат со помош на обезимотените војници на кои како мотивација за нивните жртвувани животи им се сервира некоја од фундаменталните фашистички заумни „вредности“: крвта и земјата, избраниот народ, опасноста од варварите, стравот од другите, налудничавата приказна за надлуѓето и нелуѓето, и други слични срања.


Веќе 40 години мозоците на луѓето од западниот свет се перат со заблудата дека фашизмот бил бран варварство што во одредени земји избувнал како природна непогода, и дека тој бил случајна и минлива појава, завера на мал број харизматски мегазлосторници што завеле милионски заблудени маси. И дека по победата над фашизмот општествата можеле слободно да се развиваат, сосем независно и несметано од засекогаш исчезнатиот фашизам. Но, Брехт одлучно и предупредувачки му се спротивставил на ова перење на мозокот: „Се разбира“, вели тој, „дека тоа е едно фашистичко тврдење, капитулација пред фашизмот“, односно начин новиот фашизам да остане потполно невидлив, затскриен зад мистиката на своето историско исчезнување. Тој заклучува дека „фашизмот е историска фаза во која стапил капитализмот“ и дека „пресметката со фашизмот е можна само како пресметка со капитализмот, со најсоголениот, најсуровиот, најнеспорниот и најнечесниот капитализам“.

Денес, 68 години по смртта на Брехт, пресметката со фашизмот треба да се води со неолибералниот капитализам, во чијашто глобална прегратка и неоспорена хегемонија човештвото зачекори кон есхатолошкиот рај на Фукујама, уште на крајот на осумдесеттите години – кога заврши кусиот 20 век, и кога настапи добата на општата сепланетарна среќа и благосостојба, лишена од сукобите што го чинат историското време. Но, ние несреќниците што паметиме повеќе од златните рипки, се сеќаваме дека овој неолибералистички рај се претвори во пропаст на темелните вредности на просветителството, и пародирање и изопачување на вредностите и значењето (!) на слободата, еднаквоста и братството. А, се претвори и во еколошка, климатска и нуклеарна закана за опстанокот на целото човештво.


Всушност, вредностите и начелата на човековите права и сувереноста и правото на самоопределување на народите, запишани во повелбите на Обединетите нации, последните децении во потполност го изгубија своето значење, потчинувајќи им се на интересите на глобалната олигархија на сопствениците на капиталот. Заборавајќи ги предупредувањата на Брехт, сево ова време луѓето беа водени од силите на воскреснатиот фашизам, кои се нарекуваат либерални демократии, а јавноста ја одржуваа везден заплашена или од аветите на непостоечкиот комунизам, или од несериозните групации на неонацисти со бричени глави, или од „лошите“ земји водени од холивудски насликаните водачи што добиваа прекари како што се „балканскиот касапин“, „касапот од Багдад“, тиранинот од Триполи и други. Непрекинатото лажење за историските факти, перењето мозоци и плашењето со надворешни измислени непријатели им го одзема на луѓето на 21 век, на цели народи, не само капацитетот за политичка акција, туку и капацитетот самостојно да мислат и да судат (да парафразирам друг генијален познавач на тоталитаризмот – Хана Арент).

На тој начин, со општочовечкото пропагандно заглупување, останаа практично незабележани колосалните процеси на пљачкосување на богатствата на нациите од страна на глобалистичката олигархија. Кој памети или кој воопшто знае, дека во двете последни децении од 20 век, со неолибералистичките реформи на Маргарет Тачер и Роналд Реган, со приватизацијата на општите добра и финансијализацијата на економијата, бил извршен трансфер на богатството од џебовите на 90 отсто посиромашни во џебовите на едниот процент богати, и тоа во износ од неверојатни 50.000 милијарди долари? Кој е денес свесен за тоа дека финансиската криза од 2008 година, која – според разни процени – со трик на исчезнување уништи 22.000 милијарди долари, хипотекарни и други кредити, акции, заштеди и пензии (од којашто, патем, светот уште не се опраил), настана само поради чудовишната алчност и неодговорното коцкање на најголемите финансиски институции од Волстрит? И кој памети дека откога ги прокоцкаа парите на своите клиенти, најголемите светски банки прогласија банкарски социјализам и од своите влади добија 22.000 милијарди долари даночни јавни пари, за да продолжат да работат, при што си поделија милионски бонуси и никој, буквално никој не одговараше пред правдата, во светот во кој најголемата вредност да ти било владеењето на правото?!


Се чини како да е се обратно и изопачено во светот на неолибералистичкиот рај, во светот „уреден со правила“, во царството на владеењето на правото. Траорен пример за оваа перверзност е случајот на Џулијан Асанж, за чијашто судбина се одлучува додека ги пишувам овие редови, во Високиот суд во Лондон. За потсетување, Асанж е прогонуван од 2010 година од страна на САД, во соработка со европските земји, затоа што на порталот Викиликс објавил тајни документи, пораки, извештаи и видеа на владата и војската на Соединетите Американски Држави. Овие материјали Асанж ги добил од свиркачот Челси Менинг и во нив обилствуваат материјални докази и снимки од масакри на цивили, мачења, вонсудски убиства, што американската војска ги вршела во Ирак. Иако Асанж само ги објавил материјалите, значи тој не ги набавил односно не ги украл од војската, САД го оптужуваат според злогласниот Закон за шпионажа од 1917 година, што е од аспект на правото апсолутно неосновано и апсурдно.

И додека ниту еден од препознатливите извршители на одвратни масовни убиства, масакри и тортури врз невини лица, па и врз деца, не е ниту повикан на одговорност за злосторствата што ги сторил, а пред органите на правдата не се изведени ниту одговорните по командна одговорност, Асанж е веќе пет години затворен во самица во англиски затвор од највисока сигурност, незаконски киднапиран од еквадорската амбасада во којашто претходно се криел цели 7 години, и денес-утре го чека последното рочиште и судска инстанца во Англија, што треба да одлучи за неговата екстрадиција на судските власти во САД, каде го чека потенцијална казна од 170 години затвор, и многу поверојатна поскора и помачна смрт во одвратните американски затвори.


За секому да му стане јасно која е размерата на ужасот на „владеењето на правото“ во кој оној што ја објавува вистината за злосторот бива казнет, додека починителите на злосторот уживаат во „светот уреден со правила“, гледајте го злогласното видео „Колатерално убиство“, кое Асанж му го разоткри на светот, во кое од камера од воен хеликоптер и со гласовите на пилотите, убијците и нивните координатори, се гледа како биваат ладнокрвно и без причина, среде град, убиени 12 цивили, меѓу кои и два репортери на „Ројтерс“, за чиишто камери убијците „утврдија“ дека се оружја, како и две случајно стасани деца. (Видеото гледајте го на https://www.youtube.com/watch?v=5rXPrfnU3G0).

Славниот истражувачки новинар Крис Хеџис заклучува во својот апел дека екстрадицијата на Џулијан Асанж ќе значи сигурна смрт на слободата на печатот и издаваштвото и неминовна смрт на истражувачкото новинарство, на вистината и на демократијата во Западниот свет. Колку тажно и колку наивно: и овој ветеран на занаетот, што ги видел сите зла на светот, уште не може да се помири со фактот дека смртта на вистината воопшто веќе не зависи од одлуката на Високиот суд во Лондон, од проста причина што таа веќе одамна е мртва и закопана на непознато место.


Цртежи и порцелан: Robert Strati
Извор за текстот: Слободен печат 

ОкоБоли главаВицФото