Истанбулското утро – кошмарот на Ердоган

05.04.2024 11:01
Истанбулското утро – кошмарот на Ердоган

 

Се олабавува рамката во која Турција живееше 22 години.

Владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) претрпе убедлив пораз на локалните избори што го сигнализира почетокот на крајот на нејзиниот дводецениски монопол на власта и сериозно ги поткопува темелите на авторитарното владеење на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Водечката опозициска Народна републиканска партија (ЦХП) ја постигна својата прва победа од 1977 година и не само што повторно ги освои петте најголеми градови – Истанбул, Анкара, Измир, Анталија и Бурса – туку на национално ниво освои близу 38 отсто од гласовите, речиси процентни три поени повеќе од ривалите кои паднаа под 36 отсто првпат по општите избори во 2002 година.

Во Истанбул од 16 милиони жители, досегашниот градоначалник на ЦХП, Екрем Имамоглу, освои речиси половина од сите гласови, вклучително и Курдите кои сочинуваат една десетина од населението на градот. Тој по третпат убедливо го победи фаворитот на Ердоган и ги потврди предвидувањата дека станува водечки политичар во Турција со сериозни изгледи за победа на следните претседателски избори во 2028 година доколку се кандидира.

„Истанбул испрати порака, Истанбул ја заврши работата“, рече Имамоглу, алудирајќи на дамнешната забелешката на Ердоган дека кој и да го освои Истанбул, може да победи во Турција. „Утре наутро вртиме нова страница“.

„Утро е, утро е“, возвратија неговите навивачки поддржувачи во Јилдирим, попознат како Балканско Маало, бидејќи таму живеат Бошњаци и Македонци. Тие го отпеаја хитот на пејачката Нада Топчагиќ, кој во орбитата го лансираше познатиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ кога во ритамот на оваа стара песна се појави на сцената на италијанскиот фестивал Сан Ремо во 2021 година.

Поразот на АКП можеше да се предвиди. На предизборниот митинг во Истанбул, Ердоган се пожали: „Навикнати сме на милион и пол луѓе во оваа арена. Денес се само 650.000“.

Успехот на ЦХП се толкува и со енергијата што ја всади нејзиниот нов лидер Озгур Озел, кој го наследи Кемал Киличдароглу, шефот на партијата кој ќе остане запаметен по тоа што никогаш не победил на ниту едни избори. Озел сега ветува „нова политика“.

За разлика од изборите во 2019 година, ЦХП во поголемите градови не влезе во предизборни сојузништва со опозициските партии. Победата е уште поубедлива затоа што партијата, основана од Мустафа Кемал Ататурк, постигна успех надвор од традиционалните упоришта на бреговите на Медитеранот и на Егејското Море и со тоа се потврди како водечка опозициска либерална сила.

Ердоган го призна поразот. „Не ги добивме резултатите што ги очекувавме на локалните избори. Турската нација уште еднаш им прати порака на политичарите“, рече претседателот, кој можеше само да ја повтори вообичаената фраза што ја изговараат губитниците во такви моменти: победник е турската демократија.

Ердоган повторува дека земјата ќе продолжи одлучно да ја следи програмата за економски реформи, чија примарна цел е да ја намали инфлацијата, која е близу 66 отсто, но се чини дека значителен број Турци повеќе не веруваат во често повторуваните ветувања. Денес Ердоган ја плаќа цената на проблематичната економска политика на која ја изгради својата кариера пред две децении.

На минатогодишните парламентарни избори излезноста беше рекордно висока: 85 отсто. Изгледа дека гласачите се уморни од ветувања без резултати. На локалните избори излегле 76 отсто. Незадоволството расте, а Турција во меѓувреме политички остро се поларизираше. Најмалку три лица ги загубија животите во судирите меѓу противничките гласачи на избирачките места.

За да биде потежок поразот на АКП се потруди партијата Исламски нов просперитет (ИРП), која и одзеде голем број гласови на владејачката партија во досегашните конзервативни упоришта во Анадолија. Партијата е предводена од Фатих Ербакан, син на политичкиот ментор на Ердоган и првиот исламистички премиер на Турција, Неџметин Ербакан.

Имаше многу лични работи за претседателот на овие избори. Повтореното губење на финансиската и на деловната престолнина на земјата сигурно тешко му падна на Ердоган, кој порасна во Истанбул во семејство на капетан на Босфорски ферибот. Неговата политичка кариера почна да се крева кога во 1994 година овој конзервативец со силни исламски убедувања освои четиригодишен мандат како градоначалник. Неговата АКП го контролираше градот речиси 25 години, до 2019 година кога на турското политичко небо блесна ѕвездата на Имамоглу.

„Истанбул е на крстопат. На едната страна се оние кои само велат ‘ние’. Од другата страна се оние кои велат ‘само Истанбул’“, порачуваше Ердоган, таргетирајќи ги можните претседателски амбиции на Имамоглу.

Претседателот во моментов е во вториот од двата мандати дозволени со Уставот, но распишувањето предвремени избори или промената на Уставот ќе му овозможи повторно да се кандидира.

Дали е тоа најава за голема политичка пресметка за четири години? На едната страна би бил претседателот кого со години го обвинуваат за уништување на демократијата, користејќи ја владата за замолчување или апсење на политичките неистомисленици, како и за контрола на судството и на медиумите. На другата страна би бил надежта на младата, образована и урбана Турција, чија желба за повеќе слободи толку решително се манифестираше на овие локални избори.

Сè уште ништо не е решено. Победата на опозицијата навестува сериозен политички пресврт, но можно е и Ердоган да ја воведе земјата во уште потврд оков на сопствениот апсолутизам.

Првите избори откако Република Турција влезе во вториот век од своето постоење покажаа дека голем дел од 61 милион гласачи, освен незадоволството од економската состојба, сака да ја ограничи апсолутистичката моќ на претседателот. Затоа овие локални избори во голема мера го одредуваат правецот на националната политика во годините што доаѓаат. Опозицијата извлече поуки од поразот на претседателските избори, лани во мај, и покажа што може да направи кога е организирана. Турција покажа што значи сериозно општество. „Утро е, утро е.“

Слики: James Ulmer
Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото