Дали секнува западната поддршка за Украина?

18.10.2023 15:56
Дали секнува западната поддршка за Украина?

Додека без многу помпа украинските дронови ја селат војната од пограничните области на Русија сѐ до Москва, додека контраофанзивата на Киев напредува побавно отколку што се очекуваше, а двете страни потврдуваат дека конфликтот нема брзо да заврши, на Западот расте загриженоста дека помошта за Украина почнува да се ситни.

Иако и претседателот Џо Бајден и шефот на европската дипломатија Жозеп Борел ветија „непоколеблива поддршка“, многумина експерти се согласуваат дека војната против Русија не може да се добие и дека почнува да се остваруваат предвидувањата на Кремљ дека поддршката со времето ќе ослабнува поради заморот на луѓето од војната и поради барањата дел од средствата наменети за Украина да се пренасочи на решавање на домашните проблеми како инфлацијата и зголемувањето на цената на горивата и на храната.

На неодамнешниот неформален самит на 47 држави во Гренада, Володимир Зеленски доби уверување дека воената и хуманитарната помош нема да биде загрозена и дека мнозинството членки на Европската политичка заедница и понатаму се залага за победа на Украина против Русија. Некои настани кај западните сојузници не даваат повод за оптимизам, па украинскиот претседател внимателно ја формулираше ситуацијата: „Најголемиот предизвик што го гледаме тука е зачувување на единството на Европа, за да ја осигураме безбедноста и стабилноста на нашиот заеднички европски дом“.


Не се работи само за единството на Европа. Она што е поважно се однесува на Соединетите Држави, каде што хаотичните настани во Конгресот ги потврдија страхувањата на украинскиот претседател. Тврдото републиканско крило го смени – првпат во историјата – претседавачот на Претставничкиот дом. Кевин Мекарти, републиканец од Калифорнија, е обвинет за „тајни договори“ со шефот на Белата куќа во врска со финансирањето на војната против Русија.

На републиканците во драматичен пресврт им појде од рака во Конгресот да го спречат испраќањето 24 милијарди долари воена и хуманитарна помош што ја побара Бајден. Успеаја да соберат мнозинство што гласаше против 300 милиони долари вредната програма за вооружување и обука на украинските војници. Новото американско финансирање сега е замрзнато како резултат на договорот со републиканците за да се избегне блокада на работата на администрацијата.

– САД и НАТО немаат стратегија да победат, а сега по 19 месеци неспорен неуспех не можат дури ни да обезбедат финансии од Конгресот – не без разочарување констатира Стивен Маерс, поранешен советник на Стејт департментот.

Налетот на десното крило на републиканците, чии припадници долго време изразуваат изолационистички погледи за европската војна, ќе претставува своевиден тест за партијата што верува во правото на Америка да ги брани и воено демократиите ширум светот, но и предизвик за ветувањето на претседателот Бајден за поддршка на украинските борци „сѐ додека е потребно“.


Конзервативците блиски до слоганот на Доналд Трамп „Прво Америка“ сметаат дека испраќањето милијарди долари носи ризик САД да се вовлечат во директен конфликт со Русија и во исто време ги одвлекува парите неопходни за решавање на домашните проблеми. Едно неодамнешно истражување на Си-ен-ен покажува дека тие ставови ги споделува и мнозинството Американци, што Бајден го соочува со неочекуван отпор за поддршка на Киев.

Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба сака да верува дека се работи за „инцидент“, а не за „систем“, но размислувањата блиски до американските конзервативци ги споделуваат и дел од европските политичари и јавноста, па затоа во Гранада се чувствуваше загриженост дали западната коалиција би можела да се ситни. „Може ли Европа да ја пополни празнината зад Американците? Европа секако дека не може да ги замени САД“, смета Борел.

Францускиот претседател Емануел Макрон уверува во „неуморна“ поддршка. Институциите на ЕУ и членките поединечно уште од почетокот на руската агресија мобилизираа 70 милијарди евра за економска, социјална и финансиска помош, првпат финансираа набавки и испораки на оружје и воена опрема и претставија пакети на санкции за Русија. Унијата во исто време прифати да обезбеди уште 50 милијарди евра до 2027 година.


Сето тоа не спречи да се појават пукнатини во ѕидот на единството. Полска, еден од најверните сојузници на Киев, поради спорот во врска со извозот на жито ги запре испораките на оружје за Украина.

Во Полска кандидат за третото место на изборите в недела е екстремната десничарска Конфедеративна партија, па односите на Варшава и Киев – веќе нарушени со дипломатските инциденти и со трговските проблеми – би можеле уште повеќе да се влошат, иако владејачката Партија на правото и правдата е еден од најголемите украински сојузници. Десничарите, кои би можеле да решаваат за составот на идната коалиција, во својата програма го истакнуваат приоритетот на интересите на Полска над оние на источниот сосед, а некои нивни функционери промовираат подобра соработка со Москва и со Минск. Според едно истражување, поддршката на Полска за околу 1 милион украински бегалци во периодот од јануари до јуни падна од 49 на 28 отсто.

Од Унгарија, а наскоро и од Словачка, чиј иден премиер Роберт Фицо најави запирање на испраќањето воена помош, исто така се слушаат критички тонови кога се работи за поддршката за Украина. Се стравува дека таквото расположение, особено во случај на победа на Трамп на изборите в година, би можело да се прошири и на други делови од Европа, како Шпанија, каде што јавноста поставува прашања кога и како треба да заврши војната во Украина.


Со половични резултати на долго најавуваната украинска контраофанзива, која е соочена со неочекувано силен отпор на консолидираните руски линии на одбрана, на Киев му е неопходен секој успех за да запре трендот на опаѓање на западниот ентузијазам, уште повеќе поради тоа што генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг порачува дека „мора да се подготвиме за долга војна во Украина“ и додека началникот на Здружениот генералштаб на американските воени сили, генералот Марк Мили, исто така предвидува дека е малку веројатен брз крај на војната.

Русија не е спремна на отстапки, а значајното зголемување на воениот буџет значи дека и во Кремљ се подготвуваат за војна што ќе трае со години, најмалку до 2025 година, како што потврдува рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу. Според документи на руското Министерство за финансии, издвојувањата за војската в година ќе изнесуваат близу 10.800 милијарди рубли (107 милијарди долари), што е двојно повеќе отколку во 2023 година и три пати повеќе отколку во 2021 година. Зголемување од 68 отсто во однос на оваа година.

Путин во автократскиот систем во кој вледае има предност во однос на Западот: не мора да бара согласност од јавноста за тоа што Русија ќе издвои 30 отсто од националниот буџет на војската и на индустриите што ја поддржуваат. Политичарите на Западот мора да водат сметка за расположението на гласачите.


Стрип кадри: Walter Palais - Futura (1947)
Извор за текстот: Слободен печат 

ОкоБоли главаВицФото