Окупација на Македонија во 1.428 слики

09.05.2011 10:47
Окупација на Македонија во 1.428 слики

Оваа власт многу сака отчети. И кога треба и кога не треба. Сега, пред изборите, се чини, нема ништо понормално од тоа Владата да излезе со преглед на сработеното. Во последниот отчет се изнесуваат илјадници податоци, се пласираат десетици илјади бројки, сè е во духот на веродостојноста, прецизноста и на транспарентноста, но фали одговорот на клучното прашање – како и зошто се најдовме во ваква ситуација? Зошто ни се случи оваа катастрофа во изминатите пет години? Нормално, од власта не може да се очекува одговор на оваа дилема. Токму затоа, вреди да му посветиме на „Отчетот“.

Веродостојност

„Во периодот од 2006 до првата половина од 2011 година, Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во целост исполни 1.185 ветувања дадени пред граѓаните од вкупно 1.428 ветувања. Во просек, тоа значи 22 проекта во секој месец или 5 проекти во секоја недела. Реализацијата е започната и тече на дополнителни 216 проекти. Проектите што се реализирани и што се во тек, заедно сочинуваат 98% од она што ветивме и за што јавно дадовме збор во текот на управувањето со државата дека ќе го оствариме“, се вели во поглавјето „Остваривме“ во отчетот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во партискиот документ, кој го краси лозунгот „Македонија не запира повеќе“, има дури и самокритика – „не се остварени 1,33% од проектите, а  0,56%, односно 8 од вкупно 1.428 проекти нема да бидат спроведени во најголем дел поради изнаоѓање подобра алтернатива за реализација на истите.“

Дали треба да и’ се лутиме на Владата што не остварила 1,99% од ветеното? Дали вреди да ситничариме и за промили? Не. Напротив. Треба да се каже дека Владата стопроцентно ги реализирала сите зацртани проекти и дека треба да престанат сите полемики или сомневања околу изградените патишта, спортски сали, водоводи, чешми, тениски игралишта и сето друго. На планот на бројките и на фактите, ВМРО-ДПМНЕ не треба да се грижи, бидејќи работите се такви како што пишува во „Отчетот“ и сè е документирано и сè е објаснето црно на бело.

ВМРО-ДПМНЕ има еден друг проблем. Партијата на власт треба да им објасни на гласачите – зашто проектите на ВМРО-ДПМНЕ успееја, а Македонија не успеа.
Она што за електоратот би требало да биде дилема, според моето скромно мислење, е аксиома која не треба да се докажува. Барем не во оваа колумна. Но, бидејќи сме веќе зафатени од изборната грозница, еве, уште еден јасен пример за тезата дека кога ВМРО-ДПМНЕ ги реализира своите проекти, на Македонија црно и’ се пишува.

Значи, ВМРО-ДПМНЕ се фали со стопроцентна ефикасност и со исполнителност, а работие стојат вака: Во Македонија стапката на невработеност и понатаму е исклучително висока – дури е 32 отсто. Една третина од населението е под прагот на сиромаштијата. Секое новородено дете стартува во животот со долг од 2.000 евра. Животниот стандард е драматично влошен во последниве пет години. Владее бесперспективност и крајно разочарување од состојбите во државава. Европската агенда е во стоп-кадар и државава полека се привикнува на изолација. Се дистанциравме од стратегиските определби и од стратегиските партнери. Веќе подолго време имаме демократски дефицити, бидејќи се загрозени и слободата на говорот и слободата на медиумите. Можат да се набројуваат уште контра-тези, но и ова е доволно.

Проектоманија

Крахот на Македонија се должи делумно и на тоа што сме фатени во мрежата на проекти. Ние станавме држава каде владее проектоманија, а идеолозите на власта се проектолози.

Веројатно секој чул за старата поговорка и за веќе избанализираната фраза, која гласи: од многу дрвја не се гледа шумата. Таа, кај нас, може да се транспонира поинаку – од многу проекти не се гледа реалноста.

Или, уште поточно, проектите се лего коцки со кои политичарите оперираат за да се создаде една нова стварност. Таа нова реалност доби назив: виртуелна стварност. А виртуелната стварност, од своја страна, придонесува да не може да се создаде големата слика (grande imago). Без големата слика, пак, не е можно да се согледа стварноста.

Проектите, всушност, се некој вид сликички за исплакнатата свест. Тие, како на слајд шоу, летаат пред очите на гледачот, некогаш како исечоци од животот, некогаш како нови информации, но, кои, поради нивната пренагласеност, поради маркетиншката обланда, во краен случај – поради контигентноста, се само некакви идеолошки сурогати. На прв поглед, тие се конкретни и реални нешта, но, сепак, се фиктивни, бидејќи се параван за големата лага. Од ваквото осознавање на стварноста (преку 1.428 сликички) може да настапи само помрачување.

Нормалниот човек се нервира затоа што му е поматена големата слика, се лути и се мачи што не може да ја долови. Наместо тоа, му се прикажува нешто сосема друго на сите можни дисплеи кои се окупирани од владината пропаганда.

Се разбира, проектите, сами по себе, не се спорни. Некои од нив се добри, некои се катастрофални. Некои проекти се нужни и се потребни, некои се примери за забеганоста на политичкиот ум. Сегашната проектоманија што извира од „Отчетот“ е демек видливото лице на преродбата. Но, преродбата не е список на проекти! Преродбата значеше пред сè голема идеја, визија за суштествени промени, нова енергија за македонското општество. И, сега, наместо да гледаме како таа голема и ветувачка приказна се остварува и се живее, ние имаме работа со испервертирана идеологија и со урнатините на една политичка прагма. Каква е таа преродба кога одамна веќе не се знае што е приоритетот во оваа држава, кога тонусот е паднат, кога духот е клапнат и кога се нема сила да се направи нешто важно и суштествено?

Технократ

Одамна е кажано дека Груевски не е ниту преродбеник, а ниту е технократ, како што некои сакаа да го прикажат. Но, тој обожува да манипулира со овие два стереотипи. Откако преродбеничката полетност испари бидејќи е во несклад со општата мизерија, Груевски го облече костумот на технократот. Сега, пред овие избори, ќе сака да го убедува електоратот дека е барем одличен реализатор, дека е човек од збор, дека се раководи од максимата: ветено-сторено.

Откако ги окупира медиумите и продолжи до неподносливи граници да си ја претставува својата фиктивна слика за Македонија, Груевски нема друг избор освен да остане господар на виртуелната стварност. Негова единствена шанса е луѓето да престанат да размислуваат и да се прашуваат – зошто денес се живее полошо во Македонија и зошто работите не одат на добро. Но, тоа посакувано бегство од реалноста, барем на овие избори, мислам дека нема да случи. Напротив, црвот ќе проработи кај поголем дел од граѓаните, а тоа ќе биде фатално за Груевски.

„Отчетот“ на ВМРО-ДПМНЕ е пример за незапаметена политичка хипокризија, бидејќи Груевски не ги открива ниту проектите, ниту целите, а ниту успесите, кои, тој, всушност, сакаше да ги постигне. И, мора да признаме дека тој план му успеа. Големите проекти на ВМРО-ДПМНЕ какви што беа ударите врз идентитетот, антиквизацијата, глорификацијата на македонштината, карањето со соседите и со сите други, систематското расипување на демократијата, итн., денес, во „Отчетот“, се премолчани, а последиците од нив се доживуваат и се интерпретираат како некое задоцнето созревање на државава и на нацијата.

Ексклузивитет

Најважниот проект што го започна Груевски е всушност напуштањето и грубиот атак врз моделот на инклузивноста. Новиот модел што почна да се применува во Македонија некои го нарекуваат популизам, макар што поточно и попрецизно би било ако се каже дека сегашните идеологии и политики се блиски на ултранационалистичките или на крајнодесните платформи.

Силен лидер, семоќна партија, партизирано општество, сатанизирана опозиција, замолчена јавност, конфузна интелегенција, клиентелистичка економија, цинична и ступидна надворешна политика, суспендирана евроагенда, се поважните елементи на новата македонска реалност. Кој не го забележува ова или е многу наивен или, пак, е многу расипан.

Но, работите отидоа предалеку за да се остане само на стравувањата и на ламентирањата. Ексклузивноста на македонскиот пат, што на овој или оној начин беше видена работа на бившите југословенски простори, ама набргу по дисолуцијата на заедничката држава, веќе доби монструозни размери. Тоа зло се сосекува од корен или, пак, државата ризикува да доживее колапс, со непресметливи внатрешни конвулзии и со непопуларни надворешни интервенции.

Оние, пак, кои мислат дека десничарењето на Груевски е во границите на т.н. десен популизам или дека е само бледа копија на она што се нарекува денес како демохристијански џихад, забораваат дека комплексноста на македонското општество, а и фактот што сè уште не сме интегрирани во евроатланските интеграции, не дозволуваат вакви опасни ексклузивитети. Тие прагми нè прават уште послаби, поранливи и придонесуваат за продлабочување на кризата која носи само сиромаштија и бесперспективност.

Затоа, како никогаш досега ни треба големата слика за Македонија, наместо да живееме под окупацијата на 1.428 сликички.

Слики: Иван Илиев

ОкоБоли главаВицФото