Америка не е на издишување

10.05.2011 10:39
Америка не е на издишување

Кога една држава има огромни извори на моќ, аналитичарите често ја нарекуваат таквата ситуација хегемонистичка. Денес голем број стручњаци тврдат дека сè поголемата моќ на другите земји и тоа што Америка го губи влијанието на Блискиот исток зафатен со револуции укажува на слабеењето на „американската хегемонија“. Меѓутоа, овој израз е збунувачки. Од една страна, поседувањето извори на моќ не подразбира секогаш дека некој ќе го постигне исходот што го посакува. Дури и неодамнешната смрт на Осама бин Ладен, која беше дело на САД, на никој начин не укажува на американската моќ.

За да сфатиме зошто е така треба да ја разгледаме ситуацијата по Втората светска војна. САД сочинуваа 1/3 од светското производство и имаа огромна надмоќ во нуклеарното вооружување. Многумина тоа го сметаа за глобална хегемонија. Меѓутоа, САД не можеа да го спречат губењето на Кина, да го ослабат комунизмот во источна Европа, да го спречат шах матот во Корејската војна, да го поразат Виетнамскиот национален фронт или да го сменат режимот на Кастро на Куба.

Дури и во ерата на наводната американска хегемонија, истражувањата покажуваат дека само 1/5 од американските напори да се изнудат промени во другите земји со воени закани беа успешни, додека економските санкции дале резултат во само половина од случаите. Сепак, многумина веруваат дека актуелната доминација на Америка во изворите на моќ е хегемонична и дека ќе опадне, како што претходно се случи и со Британија.

Но поимот „опаѓање“ претставува комбинација од две различни димензии на моќта – апсолутно опаѓање, во смисла на пропаѓање или губење на способноста ефикасно да се искористат изворите, и релативно опаѓање, во чии рамки изворите на моќ на другите држави стануваат поголеми или се поделотворно искористени. Така, на пример, Холандија во 17-от век бележеше напредок на домашен терен, но пропадна кога станува збор за релативната моќ бидејќи другите земји зајакнуваа. Од друга страна, Западното римско царство не потпадна под друга држава, но наместо тоа се урна поради внатрешното пропаѓање и налетот на варварите. Рим бил земјоделско општество со мала економска продуктивност и со големо ниво на внатрешни судири.

Иако САД имаат проблеми, тешко дека се вклопуваат во описот на апсолутното пропаѓање на стариот Рим, а и аналогијата со опаѓањето на британската моќ, колку и да е популарна, е исто така лажна. До Првата светска војна Британија била дури четврта меѓу големите сили кога станува збор за воената сила, четврта по БДП и трета според воените трошоци. Просечните трошоци за одбрана се движеле меѓу 2,5 и 3,4% од БДП, а со империјата во голема мера се управувало со помош на локалните војници.

Британската мрежа на извоз на капитал во 1914 г. давала важни финансиски средства (иако некои историчари сметаат дека би било подобро тие пари да се вложеле во домашната индустрија).

Меѓутоа, со подемот на национализмот на Лондон му било сè потешко да прогласи војна во име на империјата чија одбрана станувала сè поголем товар. Наспроти тоа, Америка од 1985 г. има економија од континентален опсег која е имуна на националистичка дезинтеграција. Поради целокупната недефинирана приказна за американската империја, САД се помалку ограничени и имаат поголем степен на слобода одошто Британија имала некогаш. Геополитичката положба на Америка значително се разликува од позицијата на империјална Британија: додека Британија се соочувала со подемот на соседите, Германија и Русија, Америка профитира од двата океана и слабите соседи.

Наспроти овие разлики, Америка е склона кон циклусите на верување во пропаѓањето. Како што Чарлс Дикенс забележа пред 150 години, „ако може да им се верува на одредени граѓани, Америка секогаш е во депресија и стагнација и секогаш е во алармантни кризи и никогаш не било поинаку“.

Во неодамнешто време анкетите на јавното мислење покажаа дека широко е распространето верувањето во пропаст откако СССР во 1957 г. го лансираше Спутник, а потоа за времето на Никсоновата ера на економски шокови и по буџетскиот дефицит на Роналд Реган во 1980-те.

Циклусите на пропаѓање повеќе ни зборуваат за американската психологија отколку за прикриените промени во изворите на моќ. Одредени аналитичари, како харвардскиот историчат Нил Фергусон, веруваат дека „расправата за фазите на пропаѓање може да биде губење време – тоа е отсечен и неочекуван пад кој најмногу треба да ги загрижува политичарите и граѓаните“. Фергусон верува дека само удвојувањето на јавниот долг во претстојната деценија не може да ја загрози силата на САД, но може да ја ослабне вербата, која долго време беше актуална, во американската способност да надмине секаква криза.

Фергусон е во право дека САД ќе мораат да се помират со својот буџетски дефицит за да ја одржат меѓународната доверба, но, како што покажав во својата книга „Иднината на моќта“, тоа е во рамките на можните исходи. Америка уживаше буџетски суфицит пред само десет години, пред намалувањето на даноците на Џорџ Буш, двете војни и рецесијата да создадат фискална нестабилност. Светскиот економски форум сè уште ја рангира американската економија како една од најдобрите кога станува збор за конкурентност, а политичкиот систем на свој хаотичен начин полека почна да се справува со неопходните промени.

Некои веруваат дека републиканците и демократите можат да постигнат политички компромис пред изборите во 2012 г.; други укажуваат на тоа дека договорот меѓу нив е поверојатен по изборите. И во обата случаи нејасните изјави за хегемонистичкото опаѓање повторно би се покажале како лажни.

Авторот е професор на универзитетот Харвард

Извор: project-syndicate.org

Цртеж: Митсу Окубо

ОкоБоли главаВицФото