Два тоталитарни режими

02.07.2009 13:07
vector-communist-symbol-thumb2035066.jpg

Во весниците од 3 февруари 2005 година се појави кус напис – очигледно не нешто од насловната страница. Како одговор на барањето за забрана за јавно истакнување на кукастиот крст и други нацистички симболи, групата конзервативни членови на европскиот парламент, главно од поранешните комунистички земји, бараше истото да се примени и на комунистичките симболи: не само на српот и чеканот, туку и на црвената ѕвезда. Овој предлог не треба тукутака да се сфати: тој упатува на длабока промена во европскиот идеолошки идентитет.

Досега, за волја на вистината, сталинизмот не беше отфрлан на истиот начин како нацизмот. Целосно сме свесни за неговите монструозни аспекти, но сè уште сметаме дека Осталгијата е прифатлива: можете да снимите филм како „Goodbye Lenin“, но „Goodbye Hitler“ е незамислив. Зошто? Да земеме друг пример, во Германија лесно можат да се најдат цедеа со стари револуционерни и партиски песни од Источна Германија, од „Stalin, Freund, Genosse“, до „Die Partei hat immer Recht“. Многу потешко е да се најдат колекции на нацистички песни. Дури и на ова анегдотско ниво, разликата меѓу сталинистичкиот и нацистичкиот универзум е јасна, токму како и кога ќе се сетиме дека за време на сталинистичките монтирани процеси обвинетите морале јавно да ги признаваат своите злосторства и да објаснат зошто ги извршиле, додека нацистите никогаш не очекувале некој Евреин да признае дека бил вмешан во завера против германската нација. Причината е јасна. Сталинизмот сметаше дека произлегува од просветителската традиција, според која, бидејќи вистината е достапна на секој рационален човек, без разлика на неговата состојба, за секој се смета дека е одговорен за своите злосторства. Меѓутоа, за нацистите вината на Евреите беше факт на нивната биологија: немаше причини да се докаже дека тие се виновни, затоа што тие беа виновни со самото тоа што беа Евреи.

Во сталинистичката идеолошка имагинација, универзалниот ум е објектифициран во форма на неумоливите закони на историскиот прогрес, на кој сите му служиме, вклучувајќи го и водачот. Нацистичкиот водач по завршениот говор стоеше и тивко го прифаќаше аплаузот, но за време на сталинизмот, кога задолжителниот аплауз ќе се појавеше, тој стануваше и се придружуваше на аплаузот. Во филмот на Ернст Лубуч „To Be or Not to Be“ Хитлер на нацистичкиот поздрав одговара подавајќи ја раката, велејќи „Да живеам јас!“. Ова е чист хумор затоа што нешто слично никогаш не можело да се случи во реалноста, додека Сталин навистина „се поздравувал себеси“ кога се придружувал на аплаузот. Исто така, тука се наоѓа и фактот што Сталин за роденден добивал телеграми и од затворениците од најмрачните гулази; невозможно е да се замисли некој Евреин да му испратил слична телеграма на Хитлер. Ова е невкусна дистинкција, но го поддржува тврдењето дека под владеењето на Сталин владејачката идеологија претпоставуваше простор во кој водачот и неговите поданици можат да се сретнат како слуги на Историскиот Разум. Под Сталин сите луѓе, теориски, беа еднакви.

Во нацизмот не постојат еквиваленти на комунистичките дисиденти кои ги ризикуваа животите борејќи се против она што ја сметаа „бирократска деформација“ на социјализмот во СССР и во неговата империја; никој во нацистичка Германија не се залагал за „нацизам со човечки лик“. Тука се наоѓа грешката (и предрасудата) на сите обиди, како оние на конзервативниот историчар Ернст Нолте, да заземат неутрален став – т.е., да се бара исти стандарди да се применат и на комунистите и на нацистите. Ако на Хајдегер не му се простува флертувањето со нацизмот, зошто на Лукач, на Брехт и на другите им се простува нивниот многу подолг ангажман во врска со сталинизмот? Оваа позиција го редуцира нацизмот на реакција и повторување на праксите кои веќе постоеја во болшевизмот – терор, концентрациони логори, борба до смрт против политичките противници – така што „првобитниот грев“ е гревот на комунизмот.

Кон крајот на 80-тите, Нолте беше главниот противник на Хабермас во таканаречениот Revvisionismusstreit, тврдејќи дека нацизмот не треба да се согледува како неспоредливо зло на XX век. Не само што нацизмот, одвратен каков што е, се појави по комунизмот: тој беше претерана реакција на комунистичката опасност, а сите негови ужаси беа само копија на ужасите кои веќе беа направени во советскиот комунизам. Идејата на Нолте е дека комунизмот и нацизмот го делат истиот тоталитарен облик, а единствената разлика е меѓу емпириските чинители кои ги пополнуваат своите структурални улоги („Евреи“ место „класен непријател“). Вообичаената либерална реакција на Нолте беше дека тој го релативизира нацизмот редуцирајќи го на секундарно ехо на комунистичкото зло. Меѓутоа, дури и да ја оставиме настрана бескорисната споредба меѓу комунизмот – неуспешниот обид за ослободување – и радикалното зло на нацизмот, мораме да се согласиме со основата на тезата на Нолте: нацизмот во основа беше реакција на комунистичката закана; тој класната борба ја замени со борбата меѓу ариевците и Евреите. Тука се среќаваме со изместување во фројдовската смисла на зборот (Verschiebung): нацизмот ја дислоцира класната борба на расна борба, и со тоа ја замаглува својата вистинска природа. Она што се менува во преминот од комунизам кон нацизам е прашањето на формата и тука се крие нацистичката идеолошка мистификација: политичката борба е натурализирана како инвазија на туѓото (еврејско) тело кое ја нарушува хармонијата на ариевската заедница. Не е точно дека, како што Нолте тврди, тука во двата случаи имаме иста формална антагонистичка структура, туку местото на непријателот е пополнето со различни елементи (класа, раса). Класниот антагонизам, за разлика од расната разлика и конфликтот, е апсолутно инхерентен и конститутивен за општественото поле; фашизмот го дислоцира овој суштински антагонизам.

Тој е трагедијата на Октомвриската револуција: како на нејзиниот единствен еманципаторски потенцијал, така и на историската нужност на нејзиниот сталинистички резултат. Чесно е да признаеме дека сталинистичките чистки на некој начин беа „поирационални“ од фашистичкото насилство: нивното претерување е непогрешлив знак дека, за разлика од фашизмот, сталинизмот претставуваше случај на автентична револуција која отиде во сосема погрешна насока. За време на фашизмот, дури и во нацистичка Германија, било можно да се преживее, да се одржи привидот на „нормален“ секојдневен живот, доколку поединецот не се занимавал со опозиционерски активности (и секако, доколку не бил Евреин). Од друга страна, под владеењето на Сталин во доцните 30-ти години никој не бил безбеден: секој во секој миг можел да биде обвинет, уапсен и стрелан како предавник. Ирационалноста на нацизмот била „кондензирана“ во антисемитизмот – верување во еврејската завера – додека ирационалноста на сталинизмот го проникнувала целото општествено тело. Затоа истражувачите на нацистичката полиција трагале по докази и траги на активна опозиција на режимот, додека сталинистичките истражувачи се задоволувале со фабрикување докази, измислување завери итн.

Исто така би морале да признаеме дека сè уште немаме задоволителна теорија за сталинизмот. Затоа е скандалозно што Франкфуртската школа не успеа да произведе систематска и темелна анализа на овој феномен. Исклучоците се многу речити: Behemoth (1942) на Франц Нојман, кој сугерира дека три големи светски системи – капитализмот на Новиот договор, фашизмот и сталинизмот – тежнееја кон исто бирократски, глобално организирано, „администрирано“ општество; Soviet Marxism (1958) на Херберт Маркузе, неговата најмалку страствена книга, една чудно неутрална анализа на советската идеологија без јасно заземање став; и, конечно, обидите на некои хабермасовци во 80-тите, кои размислувајќи за феноменот на дисидентството, се обидоа да развијат концепт за граѓанското општество како место за отпор на сталинистичкиот тоталитаризам. Како една школа на марксистичката мисла која тврдеше дека се фокусира врз условите на пропаѓање на еманципаторскиот проект можеше да не го анализира кошмарот на „реално постоечкиот социјализам“? И дали нејзиното фокусирање на фашизмот не беше тивко признавање на неуспехот на соочувањето со вистинската траума?

Тука треба да направиме избор. „Чистото“ либерално стојалиште кон левиот и десниот „тоталитаризам“ – дека и двата се лоши, базирани врз нетолерантни политички и други разлики, отфрлањето на демократските и хуманистичките вредности итн. – а приори е погрешно. Нужно е да се заземе позиција и да се тврди дека фашизмот е фундаментално „полош“ од комунизмот. Алтернативата, идејата дека воопшто е можно рационално да се споредат два тоталитаризми, тежнее да произведе заклучок – експлицитен или имплицитен – дека фашизмот е помало зло, разбирлива реакција на комунистичката опасност. Кога во септември 2003 година Берлускони предизвика силна реакција со своето гледиште дека Мусолини, за разлика од Хитлер, Сталин или Садам Хусеин, никогаш не убил никого, вистинскиот скандал беше во тоа што овој исказ, далеку од изразот специфичен за неговиот поглед на стварноста, беше дел од проектот за промена на условите на повоениот европски идентитет, кој дотогаш беше базиран врз антифашистичкото единство. Тоа е вистинскиот контекст во кој треба да се разбере повикот на европските конзервативци за забрана на комунистичките симболи.

Извор: pescanik.net

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Европа / Теорија

ОкоБоли главаВицФото