Тие се иронични, морбидни, но сепак забавни

06.07.2009 13:22
126758267856782628254252.jpg

Саша Барон Коен најпрво го навреди Казакстан, па потоа и Австрија. Ние направивме избор на седум филмови кои во историјата постигнаа слично дејство.

Австријците не издржаа. Долго успеваа да ја држат горната усна, како што Англичаните велат, стисната - ама неколку недели пред премиерата на „Бруно“ сепак почнаа да се навредуваат. Промовирајќи ја новата комедија со австриски геј стилист, Саша Барон Коен успеа да ја испровоцира австриската јавност.

Одредени коментатори велат дека „Бруно“ неповратно би можел да го наруши угледот на Австрија, други, пак, филмот го нарекуваат идиотски. Главно, Австријците наседнаа, а Саша Коен ги доби токму онаму каде што сакаше - таму каде пред три години ја доби и Казакстанската влада. Најмногу нервозна се покажа хомосексуалната заедница од оваа земја. Gay & Lesbian Alliance Against Defamation организираше затворена проекција на филмот по која излезе со официјална изјава. Во неа внимателно се забележува дека филмот предизвикува „измешани емоции“ бидејќи Бруно пречесто „ја напаѓа геј заедницата наместо да ја брани“.

Се разбира, прашањето е кога се преминува границата меѓу навредливоста и добриот вкус - не само во хуморот, туку и воопшто. Кога нешто е шокантно, а не морбидно? Кога нешто е провокативно, ама не предизвикува омраза? Оваа граница можеби најдобро ја одбележаа монтипајтоновците во својот скеч со најлошите навреди на сметка на Белгијците. Она што беше смешно во победничката навреда („да ги нарекуваме едноставно - dirty, belgian bastards”!) не беше расизмот туку токму хуморот на темата расизам. Следи избор на десетте најнавредливи, најскандалозни и најшокантни филмови.

1. Животот на Брајан (Тери Џонс, 1979)

Евангелието според монтипајтоновците. Мајкл Чепмен го глуми Брајан Кохен, Евреинот кого Римјаните ќе го заменат со Месијата и кого ќе го распнат на крст. Авторите се бранеа дека сатирата не се однесува на Исус Христос туку на „организираната религија“. Сепак, забележано беше дека на снимањето на „Светиот грал“ Ерик Ајдл на медиумите им најави дека следниот проект ќе им биде „Копнежот на Исус Христос по слава“. Потоа ја негираа таквата идеја, сфаќајќи дека отворената пародија на животот на Христос би можела да биде премногу ризична. Сепак, филмот предизвика многу контроверзи, но и духовити ситуации: во Норвешка беше забранет поради богохулење, а во Шведска рекламиран како „филм кој е толку смешен што е забранет во Норвешка“. Накратко, една од најголемите комедии на сите времиња - доколку го сакате хуморот на Монти Пајтон и шегите на сметка на „организираната религија“.

2. Розеви фламинга (Џон Вотерс, 1972)

Овој “underground” филм на Вотерс беше мостот меѓу филмовите од „лош вкус“, комедиите со „валкан хумор“ и шокантните уметнички стратегии кои својата традиција ја влечат од Буњуеловиот „Андалузиски пес“ и познатата сцена на сечење на око со жилет. Откако е снимен филмот, траат и расправите што е револуционерно и исклучително провокативно во „распеаниот анус“ или сцената во која Divine ќе изеде вистинско гомно од пудлица. По овој филм Вотерс сними неколку угледни филмови (Hairspray, на пример), докажувајќи се како битен уметник. Но ни „Розеви фламинга“ не се смета за „грев од младоста“. Всушност, „филмот е дизајниран како терористички чин против интелектуалната инерција, а и ден денес клинците го гледаат како свој прв акт кон кинематографската побуна“.

3. Забавни игри („FUNNY GAMES“, Михаел Ханеке, 1997)

Обраќањето на двајца насилници, кои злоставуваат едно семејство, кон публиката во кино-салата можеби претставува еден од најшокантните мигови во историјата на филмот. Бидејќи насилството што следува е наша забава. Ние сме тие кои го создаваме. Тоа е нашето чудовиште. „Забавни игри“, австрискиот филм од деведесеттите, но и неодамнешниот американски римејк на истиот режисер, претставува забиен колец во срцето на културата на насилството. Отрезнувачки и застрашувачки филм кој многу сериозно ги доведува во прашање сите постоечки филмски енциклопедии и лексикони, како и нивните вредносни хиерархии: сите тие наши „хичкоци“, „карпентери“, трилери и хорори, чие насилство нè забавувало и воодушевувало, и во кое сме учествувале и ние самите. Во таа смисла многу е индикативна изјавата на режисерот дека овој филм нема да биде сфатен доколку стане успешен.

4. Кодот на Да Винчи (Рон Хауард, 2006)

По истоимениот роман на Ден Браун за Марија Магдалена како жена на Исус и потомството на Исус Христос кое допира до денес, милијарда христијански и милијарда муслимански верници (кои исто така го признаваат Исус како пророк), напнато го очекуваа богохулниот филм. Како и Казакстан во случајот со филмот „Борат“, така и Ватикан со своите реакции му направи бесплатна промоција на филмот, но и на Ден Браун.

Сепак, самиот филм не е добар. Неговата провокативност не може да се спореди со провокативноста на романот кој прецизно стрелаше во слабите места на католицизмот, од патријахалноста до тајната улога на Opus Dei. Екранизацијата ја покажа пропагандната сила и привлечност на филмот кој се обидуваше да им се „спротивстави“ на медиумските невешти толкувања.

5. Неповратно (Гаспар Ноа, 2002)

На премиерата на „Неповратно“ во Кан половина од гледачите ја напуштија салата пред крајот на филмот. А публиката од Кан навистина помина низ многу. Бруталната 8-минутна сцена на анално силување на Моника Белучи е една од најужасните работи и најлошото понижување на жената кое некогаш се појавило на игран филм. Најакадемски кажано, само кретен би можел да репродуцира такво насилство на филм и секоја пцовка упатена кон Гаспар Ноа е на место. Но не е сè толку едноставно.

Силувањето на Моника Белучи е дел од смислената филмска целина. „Неповратно“ има обратен редослед на настаните. Почнува со одмаздата, продолжува со силувањето, а завршува со идилична романса. Редоследот е изместен. Неповратни не се деновите на идила, како што тоа би било во реалниот редослед на настаните, туку неповратно станува насилството. Ова е голем, но и мачен, филм.

6. Тим Америка: Светска полиција (Треј Паркер и Мет Стоун, 2004)

Во политичката сатира на авторите на „South Park“, Шон Пен се нарекува политичка пичка. Тој е марионета на Ким Јонг Ил и на крајот го распарчуваат џиновските мачки на севернокорејскиот диктатор. Мајкл Мур се нарекува дебела социјалистичка гнида. Неговиот крај не е во Пјонгјанг, заедно со останатите холивудски ѕвезди, туку во стожерот на „Тимот на Америка“, каде Мур со динамит се разнесува себе си и својата маица дамкосана од хот-дог.

Од друга страна, Буш не се појавува во филмот, ниту, пак, се спомнува. Но бидејќи во филмот не го изедува голема црна мачка (ниту е запален како Тим Робинс), сигурно ни на самиот Буш не му било јасно за кого се тие дечки, бидејќи Паркер и Стоун се двосмислени. „Тим Америка“ е апологија на антитерористичката политика на Буш, но на еден претеран, несериозен, па дури и вулгарен начин.

7. Длабоко грло (Жерард Дамиано, 1972)

Раѓање на порноиндустријата. Снимен за 25 000 долари, за отприлика шест дена, овој мал порнофилм со Линда Ловлејс во главна улога до 2002 година ќе заработи 600 милиони долари и ќе стане најуспешниот филм на сите времиња според соодносот меѓу буџетот и заработката.

Со „Длабоко грло“ порнографијата влезе во меинстрим културата: засекогаш, за добро или зло. Малиов порнич ги сруши традиционалните кодекси на однесување. Хард кор порнографијата излезе од подземјето и стана општествено легитимна. Да бидеш виден на Times Square во ред за кино-влезници, кој знаел да се протега и цели три блока, било шик. За „Длабоко грло“ се зборувало како за „Однесени од виорот“ на порноиндустријата. Но 15 години подоцна Линда Ловлејс пред Комисијата на Конгресот ќе изјави: „Моето страдање продолжува. ’Длабоко грло’ продолжува да се прикажува, и секојпат кога некој го гледа, тој го гледа моето силување.“