Новите освојувачи

09.12.2011 10:02
Новите освојувачи

Повеќето западни економски сили се задушуваат во долгови, па остатокот од светот помош за излез од кризата мора да бара на друго место. Тие сè почесто како свои спасители ги гледаат Кина и Индија. ЕУ дури го молеше Пекинг да ѝ помогне и да се вклучи во купувањето обврзници од презадолжените членки на еврозоната. Но тоа е само едната страна на приказната.

Кина и Индија имаат специфичен однос. Овие два џина се повеќе соперници одошто партнери. Без оглед на нивните достигнувања, обете земји се соочуваат со огромни предизвици. Иако во нив живее речиси 40% од светското население, тие и понатаму како да живеат во некои паралелни универзуми.

Кинезите имаат прилично лошо мислење за Индијците, а ни овие вториве не заостануваат во тој анимозитет. Најдобар пример е Хонг Конг: тој ѝ припаѓа на Кина, но во него живее голема индиска заедница. Кинезите сметаат дека Индијците се сиромашни, побожни и нечисти, додека Индијците мислат дека Кинезите се груби, безбожни и – нечисти.

Стереотипи

Во последно време и едните и другите прилично го сменија своето мислење, бидејќи со економскиот развој на овие две земји почнаа да се менуваат и стереотипите. Доколку Кинезите порано претпоставуваа дека просечниот Индиец е возач, сега за него се мисли дека е успешен претприемач или банкар. И Индијците мислат дека во Кина се случува нешто ново, но во само две површни димензии: во богатството и моќта.

За тоа колку нештата се промениле од корен во овие две земји можеби најдобро илустрираат зборовите на индискиот тајкун Ратана Тата, сопственик на компанијата ТАТА моторс, кој вели дека „Кина е фабрика на светот, а Индија може да стане центар на знаењето во Азија“.

„Доколку се преориентираме и почнеме меѓусебно да соработуваме, можеме да станеме огромна сила“, порачува Тата.

Ваквата изјава е амбициозна, но можеби и нереална. Односите меѓу овие две земји во многу нешта се обележани со сомнежи и повремени гранични судири. Сегашниот период е пријателски, но тензиите никогаш не стивнуваат.

Пред да тргнат во спасување на светот, Кина и Индија треба да ги средат своите економии и општества. Во последно време оттаму стигнуваат вести кои не се многу поволни. Стопанскиот раст е забавен, што во случајот со Кина и не е толку лошо, со оглед на тоа дека нејзината економија малку се „прегреа“. Во обете земји извозот се намалува, инфлацијата е повисока од очекуваното, а нееднаквоста во приходите на граѓаните е огромна.

Ситуацијата е значително подобра кога ќе се види дека милиони луѓе, и во едната и во другата земја, се извлечени од сиромаштијата. Овде Кина заврши значително подобра работа од Индија. И покрај тоа, имаме милиони млади, работници и селани, кои останаа маргинализирани и кои очајнички сакаат да им се подобри начинот на живот.

И додека во Кина правилата не се почитуваат, во Индија постојат премногу правила кои треба да се следат. Економијата на Кина е презависна од директните државни инвестиции, што не е добро, сметаат бројни економски стручњаци.

Корупција

Кинеските извозници даваат нејасна слика за тоа дали државните претпријатија и понатаму имаат голема улога во кинеската економија. Според еден од последните извештаи на американско-кинеската комисија за преглед на економијата и безбедноста, која е дел од американскиот Конгрес, државните фирми учествуваат со околу 50% во создавањето на БДП на земјата.

Есвар Прасад, стручњак за кинеската економија при Брукингс институтот во Вашингтон, за НИН вели дека заклучоците на комисијата се можни. „Да се дефинираат прашањата како што е дали компаниите се навистина во државна сопственост, или дали државата има контрола низ својот уддел, е многу тешко“, вели Прасад, кој додава дека државата веројатно ефективно контролира дел од економијата кој во Кина создава над половина од БДП. Тој смета дека ситуацијата е таква, пред сè, бидејќи Кина може да користи позајмици од банките кои се во државна сопственост за да преземе контрола во компаниите кои во основа се во приватна сопственост.

Од друга страна, Индија има огромен проблем со корупцијата во која е заглавена до тој степен што за кампањата „Индија од доверба“ мораше да ангажира американска консултантска куќа. Сепак, за разлика од кинеската, индиската економија има балансирани извори на раст, вели Самиран Чакраборти, стручњак за индиска економија во банката Standard Chartered.

„Големата домашна побарувачка влијае на БДП на земјата, што ѝ овозможува на индиската економија заштита од надворешните влијанија“, објаснува тој.

Кинеската економија сега е трипати поголема од индиската, што јасно дава до знаење дека во еден миг стопанскиот раст на Кина ќе мора да забави, што на Индија ќе ѝ овозможи да го намали заостанувањето.

„Кинеската економија делува одлично на површината, но во сржта е слаба. Најдобар пример е како да имате кола „ферари“, но неговиот мотор да е на „југо“. Од друга страна, Индија можеби понекогаш застранува од патот во својот економски раст, но нејзината економија е сепак многу посилна одошто се чини. Можеби дури и посилна од кинеската“, објаснува Есвар Прасад.

За една економија која се развива, Кина спаѓа во земјите кои забрзано стареат, пред сè, поради законот со кој е дозволено секој брачен пар да има по едно дете. Од друга страна, во Индија нема таков закон, па и во демографска смисла во некоја блиска иднина Индија ќе има предност над Кина. Она што можеби е поважно – е тоа што Индија има многу подобар економски модел од Кина, кој е направен на начин да го одржува големиот раст на подолг временски период.

Чиј економски пат е подобар? Оној на Кина или на Индија? Целата планета сака да го дознае одговорот на ова прашање. Во суштина, тоа е борба меѓу државниот капитализам и приватните корпорации. Засега тешко е да се одреди кој е во предност. Натпреварот само што започна, а исходот засега е нерешен. Само иднината ќе покаже која ќе го добие овој меч.

Извор: НИН

ОкоБоли главаВицФото