Најубавата Жена во градот

23.07.2009 15:49
Bukovski-udarna.jpg

Кес беше најмладата и најубавата од петте сестри. Кес беше најубавата девојка во градот. Половина индијанка со еластично и необично тело, извиено како змија, имаше очи кои беа соодветни на пламеното тело. Кес беше оган во движење. Беше како дух набиен во форма што никогаш не може да ја задржи. Нејзината коса беше црна, долга, свилена и се виткаше при движењата на нејзиното тело. Беше или многу весела или многу тажна. За Кес не постоеше средина. Некои зборуваа дека е луда. Глупаците го кажуваа тоа. Глупаците никогаш не би можеле да ја разберат Кес. За мажите беше само секс-машина и не им беше гајле дали е луда или не. А Кес танцуваше и флертуваше, ги бацуваше мажите, но освен еднаш или двапати, кога работата ќе станеше сериозна, Кес некако се измолкнуваше, им бегаше на мажите.
Нејзините сестри ја обвинуваа дека ја злоупотребува убавината, или дека доволно не го употребува мозокот, но Кес беше паметна и имаше дух; сликаше, танцуваше, пееше, правеше скулптури, а кога ќе сретнеше луѓе со повреден дух или тело, Кес чувствуваше длабока жал за нив. Нејзиниот ум едноставно беше различен; просто умот не ù беше практичен. Нејзините сестри ù беа љубоморни затоа што ги привлекуваше мажите, а и сестрите беа лути зашто сметаа дека не ги искористува најдобро што може. Имаше обичај да биде љубезна кон грдите; таканаречените згодни мажи ја нервираа. “Немаат муда”, кажуваше, “немаат грам мозок. Се вадат на нивните перфектни мали усни школки и добро обликувани ноздри... супер надворешност а никаква длабочина...” Карактерот ù беше блиску до лудило, имаше карактер кој некои го нарекуваат лудило.
Татко ù умрел од алхохол, а мајка ù избегала оставајќи ги девојките сами. Девојките отишле кај некој роднина кој ги ставил во манастир. За Кес, повеќе отколку за нејзините сестри, манастирот бил несреќно место. Девојките биле љубоморни на Кес и таа се тепала со повеќето од нив. Поради тепачките имаше лузни од жилет насекаде по левото рамо. Исто така имаше и една лузна по должината на левиот образ, но лузната наместо да ја намали нејзината убавина изгледа дека само ја потцртуваше. Ја сретнав во еден бар во Вест Енд неколку ноќи откако ја пуштиле од манастирот. Затоа што беше најмлада, таа беше последната од отпуштените сестри. Едноставно влезе внатре и седна до мене. Најверојатно бев еден од најгрдите луѓе во градот и изгледа дека тоа беше причината што седна до мене.
“Пијалак?”, ја прашав.
“Секако, зошто да не?”
Претпоставувам дека во нашиот разговор таа ноќ немаше ништо необично, едноставно сè беше во чувството што Кес го предизвика. Таа ме избра мене и тоа беше сè. Без притисок. Сакаше да пие и многу испи. Не изгледаше дека е полнолетна, но тие ù даваа пијалак. Можеби ја имаше заборавено личната карта, не знам. Како и да е, секогаш кога ќе се вратеше од вецето и ќе седнеше до мене, се чувствував некако гордо. Таа не беше само најубавата жена во градот, туку исто така и една од најубавите што некогаш сум ги видел. Ја ставив раката на нејзината половина и ја бакнав.
“Мислиш дека сум убава?”, ме праша.
“Да, се разбира, но има и нешто друго... има нешто повеќе од твојот изглед...”
“Луѓето секогаш ме обвинуваат дека сум убава. Дали навистина мислиш дека сум убава?”
“Убава не е вистинскиот збор, тешко дека пасува.”
Кес ја брцна раката во чантичката. Мислев дека посегнува по шамиче. Извади долга игла за шапка. Пред да можам да ја запрам, ја прободе иглата низ својот нос, од страните, веднаш над ноздрите. Почувствував одвратност и ужас. Ме погледна и се насмеа: “Дали сега мислиш дека сум убава? Што сега мислиш, човеку?” Ја извлеков иглата и ставив шамиче на раната. Изгледа дека неколку луѓе, вклучувајќи го и барменот, видоа што се случи. Барменот дојде кај нас:
“Види вака”, ù рече на Кес, “уште еднаш направи го тоа и леташ надвор. Не ни се потребни твоите драми тука.”
“Еби се, човеку!”, рече таа.
“Подобро држи ја на нормала”, ми рече барменот.
“Ќе биде во ред”, реков.
“Тоа е мој нос, можам да правам што сакам со мојот нос.”
“Не”, реков, “тоа ме боли.”
“Сакаш да кажеш дека те боли кога јас забодувам игла во мојот нос?”
“Да, ме боли, навистина ме боли.”
“Добро, нема да го направам тоа повторно. Развесели се.”
Ме бакна, притоа клештејќи се и држејќи го шамичето на носот. Пред фајронтот отидовме кај мене дома. Имав малку пиво, па седевме и зборувавме. Тогаш ја доживеав како личност која е полна со добрина и грижа. Се даваше себеси без да биде свесна за тоа. Истовремено можеше да биде дива и нејасна. Мангупка. Прекрасна и продуховена мангупка. Можеби некој маж, нешто, ќе ја уништи засекогаш. Се надевав дека тоа нема да бидам јас. Отидовме во кревет и откако ги изгасив светлата, Кес ме праша:
“Кога сакаш? Сега или утре сабајле?”
“Утре сабајле”, реков и се свртев.
Сабајлето станав, направив кафе и ù го однесов во кревет. Се смееше.
“Ти си првиот човек кој ноќта се откажал од тоа.”
“Океј е”, реков, “воопшто не мора да го направиме тоа.”
“Не, чекај, сакам сега. Само малку да се освежам.”
Кес отиде во бањата. Малку потоа излезе, изгледаше прекрасно, нејзината долга црна коса светеше, нејзините очи и усни светеа, таа светеше... Го прикажуваше своето тело смирено, како нешто добро. Влезе под чаршафите.
“Ајде, љубовнику.”
“Влегов внатре. Се бакнуваше препуштено, но без брзање. Ги пуштив рацете да лутаат по нејзиното тело и низ нејзината коса. Ја јавнав. Беше врела и тесна. Почнав да ја дупам бавно, сакајќи да трае подолго. Нејзините очи гледаа директно во мене.
“Како се викаш?”, ја прашав.
“Каква врска има тоа?”, праша.
Се насмеав и продолжив. Потоа се облече и ја однесов до барот, но тешко беше да се заборави. Не работев и спиев до 2 поручек, потоа станав и читав весници. Бев во кадата кога таа дојде со еден голем лист – слоновско уво.
“Знаев дека ќе бидеш во када”, рече, “па затоа ти донесов нешто за да си го покриеш тоа, ти момче на природата.”
Ми го фрли слоновскиот лист во кадата.
“Како знаеше дека ќе бидам во када?”
“Едноставно знаев.”
Речиси секој ден Кес доаѓаше кога бев во кадата. Тоа се случуваше во различно време, но ретко промашуваше, и секогаш со себе го носеше слоновскиот лист. А потоа водевме љубов. Една или две ноќи се јави по телефон а потоа морав да ја вадам од затвор каде ја затвориле заради пијанчење и тепање.
“Кучкини синови”, кажуваше, “мислат дека можат да ти се вовлечат во панталоните само затоа што ти купиле неколку пијачки.”
“Штом ќе прифатиш пијачка веќе си направила беља.”
“Мислев дека се интересираат за мене, не за моето тело.”
“Јас сум заинтересиран и за тебе и за твоето тело. Иако се сомневам дека повеќето од мажите можат да видат подалеку од твоето тело.”
Го напуштив градот на 6 месеци, се мотав наоколу а потоа се вратив назад. Никогаш не ја заборавив Кес, но имавме некој вид расправија, како и да е, сакав малку да талкам, а кога се вратив сфатив дека е исчезната, но седев во барот во Вест Енд околу 30 минути кога таа влезе внатре и седна до мене.
“Па, копиле, гледам дека си се вратил.”
М нарачав пијачка. Тогаш ја погледнав. Имаше фустан со висока крагна. Никогаш ја немав видено во ваков фустан. А под секое око имаше забодено по две игли со стаклени глави. Само главите на иглите можеа да се видат, а иглите беа забодени длабоко во лицето.
“Боже, сè уште се обидуваш да си ја уништиш убавината, а?”
“Не будало, тоа е моментална мода.”
“Ти си луда.”
“Ми недостасуваше”, рече.
“Имаш некој друг?”
“Не, немам некој друг. Само тебе. Но се курвам. Чини десет долари. Но ти можеш да добиеш бесплатно.”
“Извади ги иглите.”
“Не, тоа е мода.”
“Ме прават многу несреќен.”
“Сигурен си?”
“Се разбира дека сум сигурен.”
Кес бавно ги извади иглите и ги врати назад во нејзината чанта.
“Зошто си ја уништуваш убавината?”, ја прашав. “Зошто едноставно не живееш со неа?”
“Затоа што луѓето мислат дека тоа е единственото нешто што го имам. Убавината не е ништо, убавината не останува. Немаш поим колку си среќен затоа што си грд, затоа што ако луѓето те сакаат знаеш дека тоа е заради нешто друго.”
“Океј”, реков, “јас сум среќен.”
“Не мислам дека си грд. Луѓето само мислат дека си грд. Имаш извонредно лице.”
“Благодарам.”
Зедовме по уште една пијачка.
“Што правиш?”, ме праша.
“Ништо. Не можам да продолжам со ништо. Немам интерес за ништо.”
“И јас. Ако беше жена, можеше да се курваш.”
“Не мислам дека некогаш би можел да направам контакти со толку многу странци, тоа е заморно.”
“Во право си, заморно е, сè е заморно.”
Заедно заминавме. На улиците луѓето сè уште зјапаа во Кес. Таа беше убава жена, можеби поубава од кога било порано. Стигнавме кај мене, отворив шише вино, потоа разговаравме. Мене и на Кес секогаш ни одеше лесно. Таа зборуваше малку, а јас слушав, потоа јас зборував. Нашиот разговор едноставно одеше без никакви напрегања. Ни изгледаше дека заедно откриваме тајни. Кога ќе откриевме некоја подобра, Кес ќе се смееше и смееше – како што само таа можеше. Тоа беше како некоја радост која излегува од оган. За време на разговорот се бацувавме и се приближувавме поблиску еден до друг. Прилично се запаливме и затоа решивме да одиме во кревет. Потоа Кес го соблече фустанот со висока крагна и тогаш ја видов грдата изрецкана лузна околу нејзиниот врат. Беше голема и густа.
“Боже, жено”, реков од креветот, “боже, што си направила?”
“Пробав со скршено шише една ноќ. Веќе не ти се допаѓам? Дали сè уште сум убава?”
Ја повлеков на креветот и ја бакнав. Ме оттурна смеејќи се: “Некои мажи ми плаќаат десет, потоа се соблекувам, а тие не сакаат да го правиме тоа. Ја задржувам десетката. Многу е смешно.”
“Да”, реков, “не можам да се сопрам од смеење... Кес, кучко, те сакам... престани да се уништуваш себеси; ти си најживата жена што некогаш сум ја сретнал.”
Повторно се бакнавме. Кес плачеше безгласно. Можев да ги почувствувам солзите. Долгата црна коса лежеше покрај мене како некое знаме на смртта. Се споивме, водевме љубов бавно, стушено и прекрасно. Сабајлето Кес стана и почна да прави доручек. Изгледаше прилично смирено и среќно. Пееше. Останав во креветот и уживав во нејзината среќа. На крајот дојде кај мене и ме протресе:
“Станувај, копиле! Плисни малку студена вода на лицето и курот па дојди да уживаш во гозбата!”
Тој ден ја однесов на плажа. Беше работен ден, летото сè уште не беше дојдено, па сè беше чудесно пусто. Клошарите од плажата спиеја стуткани во парталите на тревниците над песокот. Други седеа на камените клупи и заеднички пиеја од шише. Галебите гракаа наоколу, глупави а сепак вознемирувачки. Стари дами во нивните седумдесетти и осумдесетти седеа на клупите и разговараа за продавање на недвижнините оставени од нивните мажи, одамна убиени од темпото и глупоста на опстанокот. И покрај сè, во воздухот лебдеше некаков мир, се шетавме наоколу, лежевме на тревниците и малку зборувавме. Едноставно беше добро тоа што сме заедно. Купив неколку сендвичи, малку чипс и пијалак, па седевме на песокот и јадевме. Потоа ја прегрнав Кес и заедно спиевме околу еден саат. Тоа, на некој начин, беше подобро од водење љубов. Течевме заедно без никаква напнатост. По будењето се вративме кај мене и зготвив вечера. По вечерата ù предложив на Кес да живееме заедно. Долго чекаше гледајќи во мене, а потоа бавно рече: “Не”. Ја однесов назад во барот, ù купив пијачка и потоа си отидов. Следниот ден најдов работа како растоварач во една фабрика и остатокот од неделата работев. Премногу бев изморен да се мотам наоколу, но вечерта во петокот отидов во барот во Вест Енд. Седев и ја чекав Кес. Саатите поминуваа. Откако добро се испијанив, барменот ми рече: “Жал ми е за твојата девојка.”
“Што е работата?”, прашав.
“Жал ми е, зарем не знаеш?”
“Не.”
“Самоубиство. Вчера ја погребаа.”
“Ја погребаа?”, прашав. Ми изгледаше дека во секој миг ќе влезе низ вратата. Како може да е мртва?
“Сестрите ја погребаа.”
“Самоубиство? Може да ми кажеш како?”
“Си го пресекла грлото.”
“Разбирам. Дај ми ми уште една пијачка.”
Пиев до фајронт. Кес беше најубавата од петте сестри, најубавата во градот. Успеав да извозам до кај мене и постојано размислував дека требаше да инсистирам да остане со мене наместо да го прифатам нејзиното “не”. Сè во врска со неа укажуваше дека тоа го сакаше. Едноставно бев премногу невнимателен во врска со тоа, мрзлив, премногу незаинтересиран. Ја заслужив мојата и нејзината смрт. Испаднав куче. Не, зошто да се обвинуваат кучињата? Станав и најдов едно шише со вино, потоа жестоко пиев од него. Кес, најубавата девојка во градот беше мртва на 20 години. Надвор некој засвире со автомобилска сирена. Беа многу бучни и упорни. Го спуштив шишето и вреснав: “ДА ТИ ЕБАМ ДЕБИЛОТ, ЗАЌУТИ!” Ноќта доаѓаше, а јас ништо не можев да направам.

Превод: Владимир Јанковски

Слики: Autumn Skye Morrison

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото