Сублимната уметност го оцрнува непријателот

28.07.2009 13:27
andy-b-clarkson-2.jpg

Пред неколку години во Њујорк налетав на таксист чие име беше тешко за дешифрирање. Ми објасни дека е Пакистанец. Ме праша од каде доаѓам. Му одговорив дека сум од Италија. Потоа ме праша колку нè има. Беше погоден од тоа што сме толку малку и што нашиот јазик не е англискиот.

На крајот ме праша кои се нашите непријатели? На моето „молам“, стрпливо објасни дека сака да знае со кои народи со векови сме во војна заради територијални претензии, етничка омраза, постојан напад на границите итн. Му реков дека со никого не сме во војна. Стрпливо ми објасни дека сака да знае кои се нашите историски непријатели, оние кои нè убивале и кои ние сме ги убивале. Му повторив дека ги немаме, дека последната војна ја водевме пред повеќе од педесет години и дека меѓу другото ја почнавме со еден, а ја завршивме со друг непријател.

Не беше задоволен. Како е можно да постои народ без непријатели? Излегов од таксито оставајќи му два долари бакшиш за да се искупам заради италијанскиот мрзелив пацифизам. Подоцна ми падна на ум што требаше да му кажам. Имено, дека не е вистина оти Италијанците немаат непријатели.

Италијанците немаат надворешни непријатели, и во секој случај никогаш не биле способни да се согласат кои би можеле да бидат тие, бидејќи постојано се во меѓусебна војна. Пиза против Ливорно, гелфите против гибелините, северњаците против јужњаците, фашистите против партизаните, мафијата против државата, владата против судството, и вистинска штета е што втората влада на Романо Проди падна подоцна, можев подобро да му објаснам што значи да се изгуби војната благодарение на пријателски оган. Но, подобро размислувајќи за споменатата епизода, се уверив дека една од италијанските несреќи во последните шеесет години е токму тоа што немавме вистински непријатели. Италија се соедини благодарение на австриската присутност или, како што велеше Берчет, благодарение на накострешената и немила Германија. Мусолини можеше да ужива во довербата на народот бодрејќи ги луѓето да се осветат заради сакатата победа, понижувањата нанесени во Догалија и Адуа и од страна на еврејската демоплуктокрација која на Италија и’ нанесуваше неправедни санкции. Видовме што се случи со Соединетите Држави по падот на советското империјално зло. Идентитетот им се распаѓаше сè додека не се појави Бин Ладен, поранешниот сојузник во борбата против СССР, кој на Буш му овозможи создавање нови непријатели, засилувајќи го чувството на националниот идентитет и неговата моќ.

Да се има непријател е важно не само за дефинирање на нашиот идентитет, туку и за создавање пречка во чиј однос го мериме нашиот систем на вредности и ја покажуваме, во соочувањето со неа, нашата вредност. Заради тоа, ако веќе ги нема, непријателите се создаваат.

Странецот е пример за другост. Уште на староримските барелјефи гледаме брадести и зараснати варвари, со што со самиот термин „варвар“ се алудира на нивната лингвистичка, а со тоа и мисловна неспособност. Низ историјата за непријатели не се прогласувани само оние поинаквите кои постојано ни се закануваат (како што било случајот со варварите), туку и оние кои поради нечиј интерес ни се претставувани како такви, иако директно не ни се закануваат. Во тој случај не правиме разлика меѓу нив и нас затоа што тие ни се закануваат, туку самата различност станува знак за заканување.

Да се присетиме на прогласот против дионизиските ритуали (од туѓо потекло) и кога Тацит им вели на Евреите: „За вас е профано сето она што нам ни е свето, а она што нам ни е нечисто, вам ви е дозволено“ (нешто слично денес се случува кога Британците се гадат од жабите во Франција или Германците од големите количества лук во италијанската кујна). Евреите се чудни затоа што не јадат свинско, не користат квасец, се обрежуваат (внимание, молам!) не од хигиенски или верски причини, туку за да ја „подвлечат својата различност“, ги закопуваат мртвите и не ги почитуваат нашите императори. По истакнувањето на разликите (на пример, обрежувањето), се преминува на легенди (па така Евреите како светост го обожаваат магарето, а не ги почитуваат родителите, децата, семејството ниту боговите)...

Со интензивирањето на контактот со други земји непријателот престанува да биде само оној кој живее другаде, туку непријатели стануваат и оние меѓу нас: имигрантите кои се однесуваат поинаку и не го зборуваат добро нашиот јазик. Да се присетиме на Гркот на Јувенал – дрзок, препреден, превртлив и толку похотен што во кревет би отишол и со бабата на пријателот... Непријателот секогаш смрди. Некојси Берилон во 1915 година го пишува есејот „La polychesie de la race allemande“ во кој детално докажува дека просечниот Германец произведува повеќе фекалии од просечниот Французин, при што германските фекалии уште имаат и непријатен мирис... Евреинот, од самото продолжување на христијанството, секогаш е чуден и смрдлив, бидејќи е слика за Антихрист, архинепријател, не само наш туку и на Бога.

Изгледа дека не можеме без непријателот. Процесите на цивилизацијата не ја аболираат фигурата на непријателот. Потребата за непријател ја имаат и најкротките пацифисти. Се случува, на пример, непријателот во човечки облик да биде заменет со природна или општествена сила која на овој или на оној начин ни се заканува и која треба да биде поразена – без разлика дали станува збор за капиталистичката експлоатација, загадувањето на животната средина или гладот во Африка. Иако тука станува збор за „благородни“ примери, Брехт потсетува дека дури и омразата кон неправдата има две лица.

Значи ли тоа дека етиката е немоќна пред атавистичката потреба од непријател? Етиката настапува не кога немаме непријатели, туку кога се обидуваме да ги разбереме, да се ставиме во нивната положба. Кај Ајсхил нема омраза кон Персијанците, чија трагедија тој ја живее со нив и од нивна гледна точка. Цезар се однесува кон Галите со многу почит, во краен случај малку се расплачени секогаш кога се предаваат, а Тацит ги обожава Германите, сметајќи дека се убаво градени, ограничувајќи се на жалење заради нивната нечистотија и несогласувањето на напорна работа, бидејќи не ја поднесуваат жестината и жедта.

Обидувајќи се да го сфатиме другиот го уништуваме клишето создадено за него, без да ја негираме и бришеме неговата различност.

Но, да бидеме реални. Таквите облици на сфаќање на непријателот се својствени и за поетите, за светците и за предавниците. Нашите најдлабоки нагони се сосема поинакви.. Ако работите стојат така, тогаш конструирањето на непријателот мора да биде интензивно и константно. Орвел во романот „1984“ нуди совршен пример: „Како и обично, на екранот се појави Емануел Голдстајн, народниот Непријател. Од толпата прво се слушнаа неколку свирежи. Една ситна русокоса жена испушти крик кој беше мешавина од страв и гадење. По помалку од триесет секунди Омраза, дел од присутните во салата пуштија извик на бес. Омразата за две минути премина во делириум... Винстон сфати дека и тој вика заедно со другите, бесно удирајќи со петиците врз својот стол. Најлошото во врска со тие Две Минути Омраза не беше тоа што мораше да се учествува во нив, туку, сосема спротивно, што на тоа претерување беше невозможно да се одолее“.

Не мораме да дојдеме до делириумот од 1984 за да сфатиме дека како човечки суштества имаме потреба од непријател. На последните избори видовме колкав страв предизвикуваат имигрантите.

Благодарение на проекцијата на карактеристиките на некои нејзини членови кои живеат во маргинализираната ситуација, Италијанците ја имаат сликата на непријателот Романија, идеалниот жртвен јарец за општеството кое во вртлогот на трансформациите, вклучувајќи ги и оние етничките, веќе не може да се препознае.

Најцрниот резултат од опишаната ситуација ни го дава Сартр во „Huis clos“. Од една страна не можеме да се препознаеме себе само од присутноста на Другиот, врз што се засновани правилата за соживот и благост. Но, далеку ни е полесно да бидеме нетрперливи кон Другиот затоа што не е како нас и така, редуцирајќи го на непријател, создаваме пекол на земјата.

Кога Сартр во хотелска соба ќе затвори три покојници кои за време на животот не се познавале, едниот ја сфаќа страшната вистина: „Гледате колку е едноставно. Не станува збор за физичко мачење. А сепак сме во пеколот. И веќе никој нема да дојде тука. Никој. Ние тројцата ќе останеме сами до крајот. Недостасува само крвник. Но, решиле да заштедат на персонал. А како? Лесно: секој од тројцата на другите двајца им е крвник“.


Слики: Andy. B. Clarkson


ОкоБоли главаВицФото