Помалку шминка, повеќе бурки

24.02.2012 11:09
Помалку шминка, повеќе бурки

Иако денес уживаат многу повеќе права и слободи отколку за време на десетгодишното владење на Талибанците, жените во Авганистан се грижат за својата иднина. Причината е едно писмо од Министерството за култура и информации во кое од нив се бара да нанесуваат помалку шминка.

На телевизиските станици на Авганистан жените не се никаква реткост, но ниедна досега пред камера не се појавила без марама на главата, додека некои носат и бурка. Па сепак, тамошниот министер за култура и информации неодамна испрати писмо до медиумите во кое се бара од нив жените на малите екрани да не се појавуваат нашминкани, ниту без задолжителната прекривка за главата. Многумина во ова писмо го гледат првиот чекор за враќање на времето кога со земјата владееја Талибанците кои на жените им забрануваа речиси сè.

„Да, носењето на марами или бурки на жените од Авганистан за време на читањето на вести на телевизија не е реткост. Напротив, тоа е нешто сосема нормално. После ова писмо со право сме загржени затоа што се прашуваме што ќе ни донесе иднината и мировните преговори со Талибанците. Се грижиме што ќе се случи по 2014 година“, вели Сами Мехди, уредник на информативната програма TV One.

Имено, во 2014 година западните сили треба целосно да се повлечат од Авганистан, а засега не е извесно дали демократските сили во земјата ќе можат да им пружат отпор на Талибанците. Што конкретно би значело тоа за жените во оваа земја? Мехди тврди – ништо добро. Неговите сеќавања за десетгодиншото владеење на Талибанците кои, меѓу другото, во целост ги забранија „тонот и сликата“ за него сè уште се живи.

„Талибанците се противници на слободата на медиумите во Авганистан. Во нивно време немаше слобода на печатот, не смеевме да емитуваме радио или телевизиски програми.Тие исто така се против тоа жените да се појавуваат пред камера. Можеби ова писмо на министерот на некој начин претставува отстапка пред Талибанците, со цел тие да се смират и задоволат, и да не бараат ништо повеќе“, вели Сами Мехди.

Самиот министер за култура и информации, Сеад Макхдун Рахин, на сето тоа гледа сосем поинаку.

„Мене навистина не ми е јасно зашто западните медиуми не се во состојба да ја разберат нашата ситуација. Ние не бараме од жените во целост да се покријат и да носат бурки. Но, добивме писмени поплаки од некои припадници во Парламентот во кои стои дека нашите жени пред камера се појавуваат ’преслободно’. Тоа значи дека се силно нашминкани и без марама на главата. Се жалеа и многу семејства. Нивните жалби се однесуваат на две телевизиски програми, но ние писмото го испративме до сите затоа што сакаме да ги информираме дека очекуваме водителките на телевизиските екрани да се појавуваат едноставно облечени и да избегнуваат нескладни начини на шминкање. Тоа е сè“, вели министерот Рахин.

Во споредба со десетгодишното владеење на Талибанците, жените во Авганистан денес уживаат многу повеќе права и слободи. Некои дури се кандидираа и на последните парламентарни избори, додека голем број ги посетуваат училиштата и факултетите. Па сепак, многумина од нив се грижат дека писмото на министерот е само првиот чекор за воведување на старите закони по мерка на Талибанците. Како што заклучува Мехди, преговорите со Талибанците се наоѓаат во првата и многу чувствителна фаза. Мирот со нив е секако важен, но тој воедно значи и вклучување на овие радикални исламски сили во власта. А тоа е токму она за кое жените во Авганистан најмногу се грижат. И не само тие. Засега, барем многу отворено и јавно зборуваат за своите стравови. Како ќе биде во иднина, допрва ќе видиме.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото