По еманципацијата

15.05.2012 13:18
Девојки

Американската ТВ мрежа HBO неодамна почна со емитување на нова серија. Дејствието е сместено во Њујорк, се врти околу четири главни женски ликови, има многу разговор за сексот, личните проблеми и дилеми. Зарем повторно „Сексот и градот“, ќе праша некој. Не, ова се „Девојки“, иако според описот наликува на слична, сепак станува збор за сосем спротивна серија од „Сексот и градот“ и во многу нешта поинаква од сите останати во американската сериска ТВ продукција.

Значи, дејствието се врти околу четири главни ликови, свежо дипломирани млади жени кои се обидуваат да водат самостојни животи во голем град. На прв поглед, нема ништо интересно тука, меѓутоа, по неколкуте епизоди не е тешко да се заклучи дека „Девојки“ се феномен. За нив нашироко се раскажуваше и дебатираше на интернет уште пред прикажувањето на првата епизода на 15 април, а за сензацијата која доаѓа пишуваа Њујоркер, Тајм, Њујорк тајмс, Салон, Слејт...

Централното место во дејствието го зафаќа ликот на збунетата и малку чудна Хана Хорват, која ја глуми 25-годишната Лена Данам, која е и авторка на серијата (идеен творец и сценарист), а самата режираше и повеќе епизоди од првата сезона. Покрај неа, тука се цимерката на Хана и најдобра пријателка Марни (Алисон Вилијамс), совршена девојка со совршено момче и секретарка во некоја галерија, Џеса (Џемима Кирк), блазирана глобтротерка, девојка од високата средна класа која од честите патувања примила некаков чуден акцент (делумно британски, а делумно француски). Тие трите се најдобри пријателки и главно дејствието во серијата се врти околу нив. Меѓутоа, тука е и Шошана (Зосиа Мамет), роднина на Џеса, 23-годишна девица која се труе со книги за самопомош, со емисиите на Опра Винфри и репризите на „Сексот и градот“, и е главна актерка во најдуховитите сцени од серијата.

Првото нешто што ги издвојува „Девојки“ од досега видените ТВ понуди е начинот на кој се замислени ликовите. Како прво, девојките во оваа серија не се дизајнирани типски убавици, туку обични жени со просечен изглед. Би можело да се каже дека „Девојки“ се некаде на линијата на моменталниот телевизиски тренд на создавање ТВ серии во кои нема позитивни јунаци во традиционална смисла (како доктор Хаус, Тони Сопрано, целата екипа на серијата ’Жица’ итн.), меѓутоа, овие девојки не се исчашени до онаа граница кога морате да ги сакате. Напротив, тие се разгалени, самозадоволни и блазирани до оној степен да бидат иритантни како и оние луѓе кои во секојдневниот живот ви одат на нерви. Создавајќи ги овие ликови, очигледно, Данам била инспирирана од луѓето кои ги познава. Иако вака конципираните ликови не поминуваат добро на телевизија, бидејќи на гледачите им е тешко да ги засакаат и да се поистоветат со нив, во случајот со „Девојки“ дојде до парадокс – ликовите и серијата со тоа дополнително добија на уверливост и бруталната реалистичност, која и инаку ги одликува.

Всушност, реалистичноста е главната линија на разлика помеѓу „Девојки“ и „Сексот и градот“. Не може да се побегне од споредбите, од што не бегаат ни авторите, па Шошана во својот стан има огромен постер за филмот „Сексот и градот“, а склона е кон споредување на своите пријателки со ликовите од оваа серија. Меѓутоа, додека едната од главните забелешки за „Сексот и градот“ е тоа што не го прикажува реално животот во Њујорк, бидејќи таму жените од средната класа немаат пари за бесконечен број чевли Маноло Бланик, дизајнерска облека и станови на Менхетен, „Девојки“ носат користена облека, се измачуваат со студентски кредити (износите кои се споменуваат се веродостојни), живеат во бруклински гарсоњери, а составуват крај со крај благодарение на своите родители.

Сепак, убедливо најголемиот квалитет на серијата лежи во тоа што на површина ги исфрла и покажува некои табуа специфични за современото општество и ерата кои се окарактеризирани од еманципацијата, политичката коректност и постмодерната иронија. Во таквата ера, сексот не само што не е табу туку можеме да зборуваме за хиперпродукција на говорот за секс. Но, она што се изгуби при толкавото зборување и исто толкавото пишување и размислување за сексуалните ориентации, пракси, техники, па дури и несексуалните подкултури – се луѓето и емоциите. Сцените со секс меѓу Хана и нејзиното момче/пријател/што и да е Адам (одличниот Адам Саклер) се комични колку што се и вознемирувачки, бидејќи истовремено го нагласуваат сеприсутното (несмасно) имитирање на порнографијата и уште поприсутното оттуѓување во симбиоза со потребата за вистинска блискост. Кога станува збор за тој „сексуален дискурс“, „Девојки“ допираат е едно актуелно општествено и политичко прашање, за жените во светот во кој процесот на еманципација е довршен, а рамноправноста остварена. На пример, во една од епизодите Марни ќе ѝ се пожали на Хана од своето идеално момче Чарли, токму поради тоа што е внимателен, нежен и се однесува со почит кон неа, додека Џеса, за време на предиграта со момчето кое го собрала во бар, на неговото прашање дали ѝ се допаѓа тоа што го прави, бесно ќе му одговори: „Да не си ме прашал повеќе дали ми се допаѓа!“

На ненаметлив и одмерен начин „Девојки“ обработуваат и други прашања, поинаку од она што е досега видено на телевизија. На забелешката на Адам дека е грозно што Џеса мора да абортира, Хана се прашува колку навистина тоа е грозно: од жената секогаш се очекува абортусот да го доживее како трауматично искуство, дури и кога ќе се реши за таа опција; во филмовите обично тоа го прикажуваат како драма и размислување околу носењето на таа одлука, но колку е навистина трауматично, се прашува таа, дискретно провлекувајќи ја тезата дека е сосем легитимно некои жени да поминат низ тоа без премислување и емотивни крахови.

Данам, како спиритус мовенс на целата серија, критички и иронично ја прикажува сопствената генерација. Наводната независност на младите и образовни луѓе со уметнички склоности таа ги праќа во канализација кога Хана безобразно бара од родителите да ја издржуваат уште две години додека не ја заврши книгата, тврдејќи дека токму таа го претставува гласот на својата генерација. Мајка ѝ ја одбива, иако има пари, бидејќи сака викендица покрај езеро и ја советува да најде вистинска работа, на што Хана одговара: „Имам мастер по англиска книжевност, не можам да работам во Мекдоналдс“.

Колку „Девојки“ комуницираат со овдешната публика е тешко да се процени, но можно е да не биде толку популарна на овие простори како во САД, поради разликата во животните стилови. Меѓутоа, ни овде не се малку луѓето од дваесет и нешто години, амбициозни, самопрогласени интелектуалци со блазирани, неосновани но агресивни политички и други ставови, често со уметнички аспирации, кои живеат на сметка на родителите, „се бараат себеси“ и сè уште не знаат кои се ама чувствуваат дека се нешто многу битно. Добар дел од публиката на „Девојки“ може да биде составен токму од нив, но и од оние на кои таквите бескрајно им одат на нерви.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Извор: vreme.com