Ишарет политики

02.06.2012 14:09
Ишарет политики

Многу букви, зборови и реченици ќе изнесуваше транскриптот на сето тоа што би можеле да го кажат како совет сите добронамерни, „паметни и книшки“ луѓе, внатре и надвор од Македонија, за тоа што всушност би требале да го направиме по самитот на НАТО што се одржа во Чикаго. И порано луѓето, народите и државите имале состојби и дилеми кои само со толку многу зборови можеле да ги разјаснат или да ги пребродат. Но, нема толку многу волуменозни списи и дебели книги, колку што луѓето во историјата на човештвото имале проблеми. Тоа што, и тие, и ние, секогаш сме ги имале, дали легендите, басните, анегдотите и сега, во модерно време вицовите, кои, иако со малку зборови, на многу прецизен и сликовит начин помогнале да се разјаснат одредени работи.

За нашите последни настани и за актуелната состојба се потсетив на една анегдота од Египет, од времето по Втората светска војна кога таа земја, како република, се создаваше, но воедно и талкаше и тапкаше в место. Во тие години, пет браќа од еден град во југот на Египет се здружиле и купиле еден француски автомобил со шест седишта, за да работат како превозници на патници до Каиро и назад во нивниот град. Ниту еден од браќата не знаел да го вози тоа возило, па морале да најмат шофер. Поради меѓусебната недоверба, но и недовербата кон шоферот туѓинец, сите шестмина се качувале во колата со вкупно шест седишта и така тргнувале на релацијата. Направиле така неколкупати и не им тргнал бизнисот. Ниеден патник не однеле, ниту вратиле во родниот град. Не им било јасно зошто се случува тоа, кога тоа веќе била воспоставена бизнис-шема, преку која луѓето си заработувале за живот. Така по неколку дена, тие решиле да се консултират со некој вечен мудрец во градот. Тој им дал еден совет, кој го применувале исто толку пати, колку и релациите што ги направиле меѓу градовите. Но, се било попусто – работата никако да им тргне. Имено, советот кој им го дал мудрецот било тие да го променат шоферот и да најмат друг!

Сличноста со нашиве актуелности е дека ние ги правиме истите релации и се водиме од ист совет и одиме во иста насока за многу нешта во државата. Притоа, ниеднаш да не ни текне да се осврнеме на другите солуции. Такви кои стварно би ни ги решиле проблемите или барем би ни ги пребродиле тешките состојби во кои понекогаш се наоѓаме.

А спасот и решението речиси секогаш е тука близу нас, како што пишува во авионите: под нашето седиште! Само треба да прочитаме, да се помрднеме и да го ставиме тој појас! А ако сумираме што правевме во последните денови и што беше најавено дека ќе правиме, тоа беше токму спротивното од спасоносните решенија и возењето залудни релации и применувањето совети од едни те исти експерти кои нè заглавуваат уште повеќе!

Така го пречекавме изборот на Николиќ за претседател на Србија со гонење на свештениците на Вранишковски. Се изначудивме колку нè „сака“ бугарската преставничка на Евровизија, а од друга страна, цел месец, ништо не направивме да истражиме кој го наруши чествувањето на официјалната бугарска делегација на 4 мај! Видовме, по сите мерила, дека официјално Косово беше многу коректно во последните, за нас бурни, месеци, а првиот нивен полноважен амбасадор кај нас го пречека некој државен секретар во МНР. Ашиќаре го поставивме споменикот на Филип втори, само ден по самитот, без дури потполно подготвен постамент.

Од друга страна, неокомитата Бујар Османи тргна да идентификува марионети и со копи-пејст на партиските соопштенија на ДПМНЕ да обзнанува политики за името на државата, но во име на неговата партија. Не беше во тие зборови многу јасно дали и колку знае за проблемот на името, но од неговиот личен пример тој најдобро знае колку воопшто ДУИ сега е партија. Па самиот тој, партискиот портпарол на ДУИ, се врати на работа како лекар, во министерство каде што тој самиот бил министер, со интервенција од друга партија! Потоа имаше ишарет политика, со играње фудбал на лидерот на ДУИ во безбојни шорцови, што ја испрати пораката дека тој е заслужен за гаќите на Прометеј, а не некоја НЖО (неидентификувана женска организација)!

Истото, обратно и непотребно, важи и за тоа малку што беше кажано дека ќе се направи. Така, Бесими ќе чукал на вратата на Грција. Која грчка врата, кога и тој самиот, само неколку месеци претходно, направи со Србија врвен гест, кога се согласи да се сретне и со шефот на генералштабот на српската војска, со истиот кој и од самите Срби беше спомнат како одговорен за воени злосторства кон Албанците во Косово! Па, само еден месец потоа, Србите не му дојдоа на регионалниот форум организиран од министерот, каде што тој веројатно планираше со ваква „циц-миц“ политика да ги сретне Косово и Србија!

Премиерот ќе продолжувал со реформите. Ако се како овие две скорашните – долната облека на Прометеј и ребалансот на буџетот – тогаш, тоа се ептен комплицирани реформи: тие ги реформираат претходните, од нив самите почнати и правени реформи!

Но, сигурно, како и секаде, има луѓе кои се снаоѓат со читање, помрднуваат малку и го наденуваат спасоносниот појас. Тоа неделава беа двајца личности. Првата е Калиопи Букле, која, како и мнозинството граѓани на Македонија, сè уште е присебна и со многу добри зборови кажа како ни се вика земјата и притоа остана и присебна и уметник, но го натера новинарот отспротива да биде новинар само поради диктафонот кој го држеше во раце, а од друга страна бистреше меѓународна политика! Другата личност која јавно праша за пилотот, но најдобро сфати како се ставаат спасоносните помагала во авион (прво на себе, потоа на детето!), беше Бранко Црвенковски. Тој, вадејќи со лева рака од десен џеп еден документ, всушност ѝ зададе политичко лево кроше на целата псевдопатриотска политика околу името. Интензитетот и времетраењето на зашеметеноста од тоа кроше најдобро го знаат бившите боксери, но јас би сакал да ја споделам тука перцепцијата за овој нов политички моментум. Имено, чинам дека тоа што стана јасно е дека секое доцнење на каков било договор околу ова прашање, нам ни носи сè полоши и полоши предлози и позиции. И целата обратна политика и непотребно извозени релации, по ова, губат смисла. Овојпат, по сè изгледа, опозицијата не била кај тој едниот, секогаш истиот, умен човек во градот кој везден им давал еден ист совет на браќата. Ова сега е веќе нешто друго.

Илустрации: Џеремаја Медок

ОкоБоли главаВицФото