Од каде доаѓаме, кои сме, каде одиме (2)

15.06.2012 10:50
Од каде доаѓаме, кои сме, каде одиме (2)

Според озлогласениот Меморандум на Српската академија на науките и уметностите, кој бараше задоволување и обештетување за Србите, бидејќи овие се чувствуваа како жртви, како и воспоставување власт на политички и религиозен план за секоја педа земја, на кој се наоѓа еден единствен српски гроб, на политичката сцена стапува еден комунистички апаратчик по име Слободан Милошевиќ кој, бидејќи дозволи да се убие неговиот политички ментор Иван Стамболиќ, за најкратко време го запоседна политичкиот трон на Белград, за многу брзо да се претвори во најстрашниот диктатор кој го запозна Европа по Втората светска војна.

Набрзо и без колебање беше укината автономијата на Косово, по што следеа протести на Албанците и убиства, мачења и апсења на повеќе од стотина млади луѓе. Милошевиќ целиот политички и воен апарат кој го наследи од Тито го воведе во жестока крвава кампања, која набљудувана од денешна гледна точка се чини токму така неподнослива, бидејќи во меѓувреме јасно и недвосмислено се покажа колку таа беше бесмислена. Неуспехот во преговорите за мирно излегување на републиките од поранешна Југославија доведе до крвави војни, чиишто жртви, пред сè, беа цивили. Започна во Словенија и Хрватска, но дури особената суровост на случувањата во Босна и Херцеговина на крајот доведе до уверување дека мирот не би можел да се постигне без воена интервенција на НАТО. Сликите на колоните со бегалци, како и снимките од опустошеното Сараево, и „масовните гробници“ Вуковар или Сребреница резултираа со отворено барање за воена интервенција против регуларните и ирегуларните трупи на Милошевиќ.

Албанците на Косово, во тоа време под водство на пацифистички ориентираниот писател Ибрахим Ругова, формираа паралелни институции за да се спротистават на српските обиди насилно да ги инкорпорираат. Позитивни во оваа „држава во држава“ беа две нешта: одржување на образовниот систем на албански јазик во приватни згради и простории, како и предупредување на светската јавност на тиранизацијата на Албанците во рамките на Милошевиќевиот режим. Кон крајот на дваесеттите години на 20 век среде Европа со подршка на полицијата и војската едвај дваесет проценти од населението на српското национално малцинство на Косово владееше и пљачкосуваше еден цел народ. Албанците од Косово од 1989 беа фактички исклучени од административната државна управа, школскиот систем, политичките структури, медиумите, економијата, здравствениот систем и културните настани на државата на која попрво ѝ припаѓаа, па на тој начин беа принудени на паралелна организација на истите или, поточно речено, на чиста импровизација. Над илјада млади луѓе од двата пола ја напуштија земјата во таа ситуација и побараа засолниште во Германија, Швајцарија, Австрија, Америка... А релативно задоволителното функционирање на оваа „паралелна држава“ го овозможуваа финансиските прилози на новата дијаспора. „Владата“ и политичките партии располагаа со значителни средства за своите застапници да можат да ги испратат во странство, а овие требаа да го предупредат „јавното мнение на светот“ за проблемите на Косово. Фактот што на патот и за време на своето враќање на границите морале да ги покажуваат српските пасоши, не го намалувало нивното чувство за сопственото значење. Парламентот на Косово конечно уште во 1991 ја прогласи Република Косово, која никој не ја признаваше, освен Албанија – а таа во тоа време, пловејќи низ дивите порои на демократијата и самата се обидуваше да се одржи на површина. Таква една вирутелна државна творба во Европа никогаш порано не постоела.

Соединетите Амрикански Држави и западноевропските држави, кои навистина веруваа дека со Дејтонскиот договор ќе биде возможно да се прекине крвопролевањето во поранешна Југославија и да се реши косовското прашање, по демонстарциите на српската опозиција во 1997 година најпосле дознаа дека за Милошевиќ постои само една можност да се одржи на власт, имено, да се врати таму каде што една деценија порано и ја започна својата политичка кариера: на Косово.

Тука пацифистичкото движење на Ругова започна постепено да ја губи довербата на народот. Заминувањето на илјадници млади Албанци од Косово, кои во земјите во кои емигрираа запознаа сосема други прилики, а притоа и можноста за сателитски прием на американските, англиските, германските, швајцарските или австриските телевизиски програми, им го предочи не само привидниот карактер на сопствената „Република“, туку кај Албанците разбуди и надеж дека Запад нема да гледа со скрстени раце, како канџите на српскиот тигар ги раскинуваат во парчиња; бидејќи на овој му беше само до тоа што побргу да предизвика нов конфликт, за што повеќе да се дистанцира од опозицијата, која енергично ја предводеше Зоран Ѓинѓиќ.

И тајмингот дојде во прилог на случувањето. Истовремено младите Албанци од Косово, кои во емиграција стекнаа неколку марки и американски долари, се собираа во Албанија, која под автократскиот режим на Сали Бериша во 1997 година се најде на работ на граѓанска војна. Формирана е „Ослободителната Армија на Косово“ (наречена УЧК) и уште истата година таа во различни делови на Косово ги основа своите упоришта и кризни жаришта.

Воената машина на Милошевиќ одговори со своја жестина. Започна уште една нова војна на Балканот, но овојпат таа беше последна, бидејќи бруталната интервенција на војската на Милошевиќ и паравоените единици во селата на Дреница и Дукаѓин го испровоцира Западот да посредува помеѓу завојуваните страни. Конференцијата во Рамбује во Франција, каде што се наоѓаше цел спектар на косовски Албанци со делегати на Милошевиќ, не донесе апсолутно ништо. На Запад не му преостана ништо друго освен со воздушна интервенција против трупите на Милошвеиќ во Србија на Косово да го потпомогне своето залагање за мир. На тој начин Европа во последните години на 20-от век западна во една нова војна која ги возбудуваше духовите, го распалуваше јавното мнение, а над сè предизвика огромни страдања. Прочуениот германски филозоф Јирген Хабермас на жесток јавен настап зборуваше за интервенцијата на НАТО како за „меѓународно-правна легитимна помош од потреба“. Одмаздата на Милошевиќ се состоеше од протерување на милион Албанци од Косово; а повеќе од 10.000 луѓе од албанска националност беа убиени. Запад се сметаше повикан да ја прекине оваа трагедија. По 78 дена воздушни напади Милошевиќ стана свесен за својот пораз, па ги повлече српските трупи од Косово. На нивното повлекување се приклучија и многубројни косовски Срби и припадници на други национални малцинства, бидејќи стравуваа од одмаздата на Албанците кои во 1999 година се вратија на слободно Косово.

Стравот на српските и останатите национални малцинства не беше без причина. Албанските акции на одмазда беа повеќе од брутални. Војниците на НАТО трупите станционирани на Косово (КФОР) и припадниците на УМНИК – ознака за најголемата мировна мисија во историјата на Обединетите нации, која беше започната на основа на Резолуцијата 1244 – се најдоа помеѓу два огна: Албанците ја славеа својата победа, а Србите ги обвинуваа како окупатори. Припадниците на меѓународните сили имаа задача да ги вратат протераните и да осигураат обнова и изградба на земјата, но истовремено и да ги штитат правата на Србите и останатите национални малцинства.

Косово во првите повоени месеци и години мораше да совладува многубројни трауматски случувања. Над стотина хуманитарни организации доаѓаа во земјата за да помогнат, почнувајќи од здруженијата за заштита на животните до организации за техничка помош и здруженија за барање на исчезнатите, па сè до специјализирани организации за деминирање на земјиштето. На ова место не смее да се премолчи ни тоа дека припадниците на „Ослободителната армија на Косово“, кои по доаѓањето на НАТО трупите во земјата се спуштија од планините и завладеаја со градовите, а својата некогашна парола „Спремни сме да умреме за татковината“ ја заменија со лозинката „Кради и приграби колку што можеш“. Тоа доведе до тоа партиите кои произлегоа од воените формации на првите слободни избори на Косово да доживеат пораз, додека пацифистот Ругова, кој во меѓувреме многу од неговите европските пријатели веќе го сметаа за политички мртов, доживеа некој вид воскреснување. Демократската лига на Ругова беше повикана со поддршка на мисијата на Обединетите нации да воспостави еден вид провизорни институции на влада, која почнувајќи од нула започна обнова на земјата. Или поточно кажано, таа после децениски вакум дури тргна од позиција во минус. Партијата на Ругова имаше во деведесеттите години некој вид на „паралелна“ државна моќ, а корупцијата за неа не беше непознат поим. Ако на тоа уште се додаде и авантуристичкиот пристап во поврзаноста со игнорантскиот однос спрема мисионерите на ОН и останатите меѓународни организации кон приликите во земјата, нема да се зачудиме што проневерите и неверојатните злоупотреби на западните хунанистички фондови за огромен број на странски помогачи и косовски политичари станаа нивен заеднички практикуван спорт.

За тоа да не биде така очигледно, косовската политика на спектакуларен начин го гаеше и издигнуваше култот на јуначко-ослободителната војна. Албанските политичари гладното население наместо со храна го хранеа со нивниот медиумски сурогат: главно дека благодарение на нашите херојски напори преживеавте и дека сте колку-толку слободни, останатото ќе дојде на свое место! На човек му доаѓаат на ум речениците на Томас Бернхард: „Нема ништо да се фали, ништо да се проколнува, ништо да се обвинува, но многу од тоа е смешно, сè е смешно, ако човек помисли на смрт!“

Масовното доаѓањето на помагачите на ОН, Европската унија и претставници од сите можни невладини органи и организации на Косово предизвикаа вистински културен шок, кој ни до ден денес сè уште не е надминат. Од друга страна, пак, големите трагедии во светот – 11 септември, Авганистан, Ирак – не можеа ништо да изменат во фактот дека во југоисточниот дел на Европа сè уште постои страв од следни понатамошни конфликти. Албанското мнозинство на Косово во меѓувреме беше повеќе пати во ситуација да се сомнева во својата ново освоена слобода, како што тоа веќе се случуваше кај други народи. Разочарувањето беше особено болно бидејќи беше двојно: Меѓународната заедница, која потроши големи износи на пари и подигна јато мисионери, не беше дури ни во можност на домаќинствата да им обезбеди доволно количество струја, а за другите потреби и да не зборуваме. Од домашните политичари во таа смисла не можеше воопшто ништо да се очекува. Сето тоа беше плодна почва за она што во историјата се нарекува „мартовски протести во 2004“. Едвај пет години по ослободувањето, Косово беше повторно во пламен, а повеќето жртви овој пат беа припадници на националните малцинства, пред сè на косовските Срби. Меѓународната заедница навистина изврши притисок врз Приштина и Белград, обидувајќи се да ги донесе на преговарачка маса и да започне со преговорите за статусот на Косово. Милошевиќ во меѓувреме веќе беше пред Хашкиот суд, Ѓинѓиќ поради својата отворена политика кон Западот и соседните земји беше брутално убиен, но што се однесува на преговарачката позиција во рамки на албанско-српските разговори, ништо не се промени. Во Виена, со посредство на поранешниот фински претседател Мартиј Ахтисари и дипломатот и исклучителниот познавач на ситуацијата на Балканот, Алберт Рохан, цели две години беа водени маратонски преговори помеѓу Приштина и Белград, чијшто единствен можен резултат на предлог на претседателот Ахтисари можеше да биде независност на Косово. Иако тој за Србите предвидуваше разгранет меѓународен надзор како и големи права на самоуправување и автономија, Албанците овој компромис на крајот го прифатија само како услов за меѓународно санкционо одвојување од Србија.

Така Собранието во Приштина една недела, на 17 февруари 2008 година, во договор со Европската Унија и Соединетите Американски Држави, прогласи независност на Република Косово, со што беше завршен еден од најкрвавите конфликти во Европа. Србија не ја признава независноста на Косово и својот став нема да го промени. Српско-косовските проблеми се наојстри и понатаму сè уште се манифестираат во северниот дел на земјата, а преговорите помеѓу Приштина и Белград со посредство на Европската Унија сè уште продолжуваат. Надежта за решение сè уште не е изгубена, но ќе биде потребен пристисок за на Република Србија и Косово да им се укаже на фактот дека дел од европската заедница може да стане само оној кој за тоа ги исполнува неопходните демократски критериуми. Парадоксот се состои во настојувањата на политичките кругови на двете земји за конфликтот околу границите. Полесно е српското и албанското население да се „снабдат“ со замрзнат конфликт одошто со една способна влада!

По четири години од независнота, Косово е сè уште далеку од исполнување на зададените критериуми. Иако тоа во заедница со интернационалните пријатели се обидува со својот чекор во незавинсота да се сноси на најдобар можен начин, младата држава западна во канџите на корупцијата и организираниот криминал, фалсификување на изборните резултати, лоша економија и слични нешта, што не се симнуваат од дневниот ред.

И покрај ЕУЛЕКС во Косово, таа најголема државноправна мисија на Европската унија, Косово и понатаму се смета за проблематична зона, правосудството е неразвиено и оптоварено со корупција и влијание на политиката. Граѓаните на Косово се единствениот балкански народ на кој не му се дозволува без виза да патуваат во земјите на Европа. Нема што да се разубави. Двете последни децении на минатиот век беа тешко подносливи, десетте години ангажман на Обединетите нации беа во хаос, но од прогласувањето на независност косовските Албанци дури сега стојат пред една голема дилема. Време е конечно да се соочат со самите себе и со реалните прилики. За да станат достоен член на западното семејство на народи, мораат претходно да се ослободат од политичкиот, економскиот и културен клиентелизам, но тука сè уште ништо не се помрднува. Очигледната сиромаштија (општествениот бруто-производ на Косово едвај да ја достигнува просечната вредност на истиот во Африка), корупцијата која завладеа со сите општествени слоеви, катастрофалниот имиџ на нивната држава во Европа и насекаде во светот не допуштаат голем оптимизам.
Граѓаните на Косово и понатаму живеат во некој вид на виртуелна реалност, која ја одржува телевизијата, интернетот, печатот и нивниот помалку искривен сон за припаѓање во Европа. Незадоволството е огромно, па сепак не може да се забележи некаков отпор против поткупливите политички структури на кои меѓународната заедница врши притисок за да ја одржат стабилноста, но воедно и ги поддржува.

Да се вратиме уште еднаш на оној почетно споменет обид за самозапалување во Призрен за да ја објасниме причината за тој драматичен чин: трговскиот центар одбил да го прими плазма-телевизорот кој човекот го купил неколку дена порано. Неговото незадоволство и бес поради тоа биле толку големи што тој својот протест го донел до трагедија.

Пресудното прашање, пред кое се наоѓа Косово, е следново: Што ќе се случи кога албанското население еден ден ќе сфати дека споменатата виртуелна реалност е чисто (само)залажување, кое основните животни потреби ги остава еднакво неисполнети како и желбата и тоа да ѝ припадне на западната цивилизација и менталитет?

(крај)

Извор: Sarajevske sveske

Фотографиите се од денот кога Косово прогласи независност, а се преземени од nytimes.com

За првиот дел, кликнете овде.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото