Заслужена награда или лоша шега

13.10.2012 09:17
Заслужена награда или лоша шега

Веста дека Европската унија е добитник на годинашната Нобелова награда за мир во петок предизвика радост, но и изненадување во Брисел, но и жестоки критики во Европа и светот.

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, на својот Твитер профил напиша дека „ЕУ е единствениот проект кој ја заменил војната со мир, а омразата со солидарност“.

„Обземен сум од емоции, длабоко трогнат и почестен“, пишува Шулц на социјалната мрежа.

Шведскиот министер за надворешни работи, Карл Билд, пасиониран корисник на Твитер, меѓу првите ѝ ја честита на ЕУ „вистински заслужената награда“.

Но, во општото одушевување имаше и скепса: „Во целата своја историја ЕУ имаше работа само со еден вооружен судир, на Балканот, и тука маестрално оплеска“, пишува уредникот на влијателниот бриселски весник European Voice.

Чешкиот претседател Вацлав Клаус, ноторен евроскептик, во петок го нарече доделувањето на Нобеловата награда за мир на ЕУ „трагична грешка“ и додаде дека мислел дека се работи за шега.

„Навистина не би можел да замислам дека некој може сериозно да помисли на тоа“, изјави Клаус.

„Нобеловата награда би требало да ѝ биде доделена на некоја личност, за некое единствено дело. Со доделувањето на наградата на институција, а во овој случај на бирократска институција, одликувањето ја губи својата смисла“, оценува шефот на чешката држава.

Разочарување изрази и Људмила Алексеева, долгогодишен борец за човекови права во Русија. Таа смета дека наместо на ЕУ, Нобеловата награда за мир би требало да им биде доделена на активистите за човекови права на кои им е потребна поддршка.

Алексеева (85) и самата, заедно со руските активисти за човекови права, беше еден од кандидатите за наградата, покрај Светлана Ганушкина и групата Меморијал.

„Да бидам искрена, не ми се допаѓа оваа одлука, затоа што ЕУ е голема, доста бирократска организација и јасно е каква улога ќе игра наградата во нејзината идна политика - никаква, според мене.“, изјави Алексеева.

Таа додаде дека би ѝ било драго ако наградата им биде доделена на политичките затвореници во Иран или на руските борци за човекови права, „но не на Европската унија, иако ја сакам ЕУ“.

Според Алексеева, постојат поединци кои работат во корист на мирот и човековите права во многу земји, а на кои им е потребна поддршката која ја донесува таа угледна награда.

Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо смета дека ЕУ заслужено ја добила Нобеловата награда за мир.

„Наградата на Нобеловиот комитет покажува дека дури и во овие тешки времиња ЕУ останува инспирација за земјите и народите ширум светот и дека на светот му е потребна силна ЕУ. Нобеловиот комитет и меѓународната заедница ѝ испраќаат значајна порака на Европа: дека ЕУ е нешто драгоцено и дека треба да го развиваме заради благосостојбата на Европејците, но и целиот свет“.

И британскиот пратеник во Европскиот парламент, Најџел Фереџ, ја критикува одлуката на Нобеловиот комитет. „Ова покажува дека Норвежаните имаат смисла за хумор. ЕУ може да добие награда за мир, затоа што, секако, не створи просперитет, туку сиромаштија и невработеност за милиони.“

Остар протест кон Нобеловиот комитет упати и Друштвото на загрозени народи во БиХ.

„Вашата одлука за доделување на највисокото признание, Нобеловата награда за мир, на Европската унија, претставува навреда за повеќе од сто илјади убиени цивили во периодот на агресијата врз БиХ од 1992 до 1995 година, која Европската унија не само што не ја спречи, туку мирно ги гледаше масовните убивања, протерувањата, депортациите во концентрациони логори, масовните силувања. Последиците од тоа недејствување се видливи и денес, повеќе од милион прогонети до денес не се вратени во местата од каде што се протерани“, истакна претседателката на Друштвото, Фадила Мемишевиќ.

Она што во Брисел официјално се става на прв план е улогата на ЕУ во градењето на мирот. Нагласувајќи ја гордоста на сите генерации, како на европските лидери, така и на граѓаните на ЕУ, претседателот на советот на ЕУ, Херман ван Ромпуј, порача:

„Со векови бевме во војна. Имавме две светски војни кои беа и европски граѓански војни. Ставивме точка на тоа и во ЕУ такви војни повеќе не можат да се повторат. ЕУ е најголемата мировна институција создадена кога било во светската историја“, изјави Ромпуј.

Во образложението на Нобеловиот комитет стои дека наспроти моменталните потешкотии и општествени немири, резултатите како што се завршувањето на германско-францускиот судир, крајот на поделбата помеѓу истокот и западот на континентот и демократијата која замени многу комунистички диктатури во централна и источна Европа, ја препорачале Европската унија за најпрестижната награда за мир во светот.

„Влезот на Хрватска во ЕУ, почетокот на пристапните преговори на Црна Гора, кандидатскиот статус на Србија - сето тоа го засили процесот на помирување на Балканот. Можноста за членство во ЕУ ја унапреди состојбата на човековите права и демократијата и во Турција“, оценува Торбјорн Јагланд, претседател на Нобеловиот комитет, наведувајќи дека една од заслугите на ЕУ е и завршувањето на многу етнички судири.

За сега, не се знае кој од официјалните лица на ЕУ ќе ја прими Нобеловата награда за мир во Осло во декември.

Извор: DW, klix.ba

ОкоБоли главаВицФото