Рајановиот судир со реалноста

20.10.2012 13:29
Рајановиот судир со реалноста

Според една стара теорија, дебатите на потпретседателските кандидати се како Seinfeld, не се работи за ништо. Но, при овие чудни избори потпретседателската дебата се води за многу работи, но се маскира најважното: тестот на способноста на секој кандидат да стане претседател, ако тоа е потребно.

Но, слабиот настап на претседателот во првата претседателска дебата, само осум дена пред потпретседателската, лебдеше и над оваа дебата и само за него се зборуваше. Пред првата претседателска дебата изгледаше дека претседателот Обама е на пат повторно убедливо да го освои својот мандат, а од Мит Ромни практично крена раце и неговата сопствена партија. Ама, како резутат на дебатата (и малку претераните реакции на неа), анкетите покажаа изненадувачка промена во расположението во корист на Ромни; и – што е најопасно за Обама – републиканците конечно покажаа ентузијазам за својот кандидат.

Тимот на претседателот долго беше загрижен поради опаѓањето на ентузијазмот меѓу неговите највлијателни поддржувачи од 2008 година. Овојпат не се толку „загреани и спремни за трката“, а настапот на Обама на дебатата дури и разлути многумина од неговите преостанати симпатизери. Прилично е тешко да се убедат луѓето да маршираат зад исцрпен, па дури и незаинтересиран командант. Сега му преостанува на Бајден да ја прекине приказната за претседателската дебата како пресуден момент за кампањата за реизбор на Обама.

Јингот и јангот на Обама и Ромни сега ја оживеаа кампањата на Ромни, што беше замрена. И самиот Ромни живна и привлекува поголема публика од било кога. Анкетите што покажуваа дека Обама практично веќе го освои изборниот колегиум сега откриваат дека Ромни брзо го достигнува. Во оваа ситуација тешко е да се процени што е трајна, а што привремена тенденција.

Пол Рајан се најде во уште покомлицирана ситуација. Ромни можеше секојдневно да менува ставови – можеше во од да се обликува себеси, онака како што сметаше дека му налага ситуацијата. Веројатно ова е последната станица во неговата политичка кариера. Но, Рајан беше на важна позиција во Конгресот и се надева дека таму и ќе се врати, зашто таму е клучната база за неговата моќ и иднина како следен лидер на републиканската десница – можеби и следен претседателски кандидат. Пред политичкиот пулс на Ромни да почне да дава знаци на живот, соборците на Рајан од десницата шпекулираа дека големата причина за очекуваниот пораз на Ромни ќе биде тоа што не „му дозволи на Рајан да биде Рајан“. Се зборува и дека Рајан не е задоволен со изборот на претседателскиот кандидат. Овој многу мотивиран и амбициозен политичар веројатно не ги обесхрабрува таквите гласини.

Во текот на дебатата Бајден се трудеше да го претстави Рајан како незрело младо момче, а себе како искусен, постар државник. А Рајан се заплетка во контрадикциите на републиканската номинација: прво умерен, потоа изразено конзервативен, а сега повторно по малку умерен Ромни; и радикалниот Рајан што сакаше од Медикеар да направи систем со ваучери и да ги намали домашните програми, истовремено намалувајќи ги даноците на богатите – но го задржаа. Прво републиканските лидери бараа од Рајан малку да ги ублажи своите предлози за да можат да го протуркаат неговиот буџет во Конгресот, а потоа повторно беше присилен да биде уште потивок кога беше избран за потпретседателски кандидат на Ромни. Се откажа дури и од Ајн Ранд.

Бајден, служејќи се со своите обвинувачки вештини (некогаш беше адвокат), објасни дека републиканците немаат изводливо решение за забрзување на економијата: тоа што го предлага Ромни, вели, тоа е „математички невозможно“. Додавајќи сол на рана, Бајден прокоментира: „Ова е неверојатно“. Рајан, самопрогласениот „идеен политичар“, повеќе повторуваше фрази и идеолошки изјави отколку што зборуваше за конкретни предлози, што идејните политичари имаат обичај да го прават. Изгледа така и мислат, дека макотрпното претворање на идеите во прописи е непотребно.

Но, Рајан никогаш не успеа да го фати ритамот на дервишот што се врти – републиканскиот кандидат – т.е. ако воопшто тоа и го сакаше. Така, во дебатата Рајан изрече некои ставови што може да се одразат лошо врз Ромни во последните седмици од кампањата – за Медикеар, Авганистан и даноците, меѓу другото. Но, за Ромни е најопасно остапувањето на Рајан од сценариото за неизбежното застрашувачко прашање за абортусот, а по тој повод Ромни само што го зазема својот шеснаесетти став.

Ромни некако успева да создаде впечаток дека ги менува ставовите многу почесто околку што навистина тоа го прави. Така, тој всушност не отстапи од намалувањето на данокот за пет милијарди долари, иако во првата дебата со Обама употреби некои зборови што сугерираат дека го направил тоа. Ромни можеби изгледа и се однесува како истраен човек, но неговите изјави често се двосмислени. Кога бараше номинација од својата партија рече дека сака да се ослободи од пресудата Роу против Вејд и да го укине Planned Parenthood; во својата последна инкарнација Ромни, на некој начин, но не сосем експлицитно, сугерираше дека не размислува за закони против абортус. По оваа изјава следуваа вообичаените обиди на неговите советници да објаснат што всушност сакал да каже – оваа активност ретко беше успешна.

Бидејќи уште се работи на најновиот став на Ромни за абортусот, кога модераторката Марта Радац ги праша потпретседателските кандидати за тоа, што никого не го изненади, Рајан беше дотеран во слепа улица. Ромни станува сè поумерен во однос на Рајан кој беше меѓу предлагачите на најрестриктивните закони (заедно со несреќниот Тод Ејкин) што некогаш се нашле пред Конгресот; а абортусот, секако, е многу значајно прашање за неговата база. На прашањето што мисли за тоа, Рајан, по кратко двоумење, го зазема најрадикалниот можен републикански став: дека оплодената јајце клетка е личност; и дека – сосема спротивно од она што го изјави Ромни – „ние не веруваме дека неизбрани судии треба да носат такви одлуки“. Ова е стара фраза што десничарите ја користат со децении против одлуките на Врховниот суд што не им се допаѓаат – вклучувајќи ги и Браун против Одборот за образование, клучната пресуда за укинување на расната сегрегација во училиштата.

Бајден внимателно го слушаше Рајан, често му влегуваше во збор и беше спремен да го каже она што Обама не успеа. Им се спротивстави на Ромни и Рајан и нивните непромислено изречени осуди за неуспехот на администрацијата на Обама да одигра поактивна улога на Блискиот исток, додека Рајан прилично екстравагантно ја нарече неодамнешната трагедија во Бенгази „последица на надворешната политика на Обама“. (Што предизвика еден од бројните омаловажувачки погледи на Бајден.) Бајден не дозволи Рајан да ги исчисти рацете од своите радикални предлози, и покрај обидите на Рајан да ги замагли по кандидатурата. (Изгледа дека тие двајца не предвидоа ниту разрешија некои потешкотии што ќе следуваат поради нивните сериозни разлики во ставовите.) Бајден објасни дек Рајан сè уште ги застапува ваучерите за Медикеар. Генерациската разлика меѓу нив успеа да ја претстави како предност. Иако е препреден, промислен и одлично информиран човек, Бајден потсетува на политичарите од минатите времиња. Бајден повеќе наликува на Тип О’Нил, не само од Барак Обама, туку и од кој било друг демократски сенатор. Тој е еден од најавтентичните политичари во Вашингтон – тој навистина е онаков каков што се чини дека е: срдечен и пристоен човек што никогаш не го заборави своето работнички потекло. Пристапен и опуштен; неговите изрази „Нека е Бог со тебе“ или „зафркавање“ можеби се рустикални додатоци на типичен ирски политичар што решил да се истакне, но во суштина тој е доследен.

Дебатата остави впечаток дека едниот кандидат за потпретседател зборува од искуство, додека другиот чита од картички. На такви нешта се потпираат „идејните метеорити“ како Рајан: бројки и картички наместо знаење, животно искуство, разбирање, расудување. Брзо напредувајќи на скалилата на власта во Вашингтон, луѓето од идеи како што е Рајан често не ја разбираат текстурата и комплексноста на животот, што другите луѓе ги врзува за реалноста. Така излегуваат бездушни, како што излезе Рајан во дебатата, со своите неразумни предлози. Бајден цврсто стоеше на земја со двете нозе.

Решен да не му дозволи на Рајан толку лесно да се извлече – лесно да помине преку неговите замерки – имајќи предвид дека не е суптилен човек, Бајден зборуваше од висина и често се насмевнуваше, покажувајќи дека Рајан не треба да биде сфатен сериозно. Малку претера со тоа, а републиканците речиси едногласно се жалеа дека нивниот кандидат претрпел непристоен третман – а нежните конзервативни републиканци, секако, се згрозени од непристојноста. Но, нивното истакнување на честото насмевнување на Бајден, нивното критикување дури и на модераторката (познат обид да се привлече внимание), се јасни показатели за тоа како мислат дека протече дебатата.

Извор: The New York Review of Books