Дали рајот е кафеана?

05.11.2012 10:01
Дали рајот е кафеана?

Објавувањето на средновековни стихови ги навредува верските чувства во Турција, за што ви се заканува затворска казна. „Овој судски процес“, се жали скулпторот Мехмет Аксој, „нè враќа 900 години назад“. Причината за неговото незадоволство е почетокот на судењето на познатиот пијанист Фазил Сај, поради омаловажување на „верските вредности“. Обвинет е, меѓу другото, и затоа што ретвитувал стих од средновековниот поет Омар Хајам: „Ти велиш дека во рајот течат реки вино, дали тогаш рајот е кафеана?“

„Апсурдно, потполно апсурдно“, се најчестите зборови пред почетокот на овој процес. Околу двесте пријатели на Фазил се собраа во знак на поддршка пред палатата на правдата во Истанбул. Ниту на уметничкиот директор на градската опера, Ренгим Гекмен, не му е јасно што се случува: „Како можат на овој начин да малтретираат светски познат уметник. Фазил Сај е почитувач на анадолската култура. Процесот е апсурден.“

Ова е уште еден автогол на турското правосудство, како она пред неколку години против подоцнежниот добитник на Нобеловата награда за книжевност, Орхан Памук, кому му е судено поради „повреда на турската национална гордост“, затоа што изјави дека во Турција се негира геноцидот над Ерменците. Овој пат, најпознатиот современ турски композитор е обвинет за јавно навредување на верските вредности и чувствата на религиозните муслимани. Му се заканува казна од осумнаесет месеци затвор.

Фазил Сај, четириесет и двегодишник, на Твитер напиша политички коментари за лицемерието на имамите и останатите свештени лица. Освен тоа, не го криеше несогласувањето со политиката на владата на премиерот Ердоган. Во интервјуата во минатите неколку години, повеќе пати укажуваше на исламизацијата на турското општество, навестувајќи дека можеби би можел и да ја напушти земјата. Од круговите на владејачката АКП повеќе пати му е префрлано дека неговата музика е „западњачка“ и дека нема никаква врска со луѓето кои живеат во Турција.

Фазил Сај стекна меѓународна слава во 1994, по победата на европскиот натпревар за млади таленти. Оттогаш настапуваше во сите познати светски концертни куќи. Во Турција падна во немилост на власта затоа што неговите композиции се занимаваат со актуелните општествени теми. Една од последните е посветена на убиениот ерменски новинар Хрант Динк.

Вчера наутро процесот започна потполно хаотично, што често е случај со овој вид спектакуларни процеси во Турција. Иако местото на одржување е неодамна изградената огромна зграда, за која со гордост се вели дека е најголема палата на правдата во Европа, самото рочиште е закажано во неверојатно најмалата судница во целата зграда. Четиринаесетте места во публиката не беа доволни да ги примат сите оние кои сакаа да присуствуваат на судењето, па повеќето од заинтересираните останаа пред салата.

Внатре сè се одвиваше прилично неспектакуларно. Фазил Сај зборуваше за себе, а своето мислење за тужбата го предаде во писмена форма. Ги отфрли обвинувањата како потполно неосновани. Тужителите се тројца граѓани кои сметаат дека им се повредени верските чувства. Не е јасно дали тие самите се решиле да покренат тужба или тоа го направила некоја организација. Еден од нив тројца е и Емре Букагили, редовна појава во турските судници. Тој веќе поднесе тужби против романи и публикации кои се критични кон религијата, меѓу кои се и книгите на Ричард Докинс, како и книгата на Недим Гурселс „Ќерката на Алах“. Во интервјуто во книжевното списание Забид Фикир, Букагили се опишува себеси како поддржувач на познатиот турски креационист Аднан Октар. На судењето тврдеше дека „неверникот“ Фазил го навредил.

По сослушувањето на двете страни, судот закажа ново рочиште за февруари следната година и го ослободи Фазил од обврската да присуствува на следните рочишта.

Процесот против Фазил Сај не е изолиран случај. Тој е дел од обидот на религиозно-конзервативните кругови во и надвор од владејачката партија за правда и развој (АКП) да спроведе „духовно-морално преобразување“ во Турција. Тие сметаат дека критиката или само сатиричните примедби за исламот би требало потполно да се забранат, а театарот, музиката и визуелните уметности да се прилагодат на вкусот на народот, т.е. вкусот на владејачката партија.

Со тоа се заоструваат општествените тензии во Турција. До неодамна, обично карикатуристите запаѓаа во неволји кога се занимаваа со ликот на премиерот Ердоган, кој очигледно, како човек без нималку смисла за хумор, редовно ги тужеше на суд. Како средство против владините критичари сè почесто се користи членот 216 од турскиот кривичен закон кој ја санкционира „јавната навреда на верските вредности“. Тоа, како и сега Фазил Сај, лани на своја кожа го почувствува и еден од најпознатите турски карикатуристи Бахадир Барутер.

Во февруари минатата година, во најголемото сатирично списание Penguen е објавена карикатурата на Барутер на која е прикажан верник во една џамија како преку мобилен телефон разговара со бог за тоа дали би можел да ја напушти џамијата пред крајот на молитвата затоа што „има уште некои обврски“. Со мали букви, во позадина, на ѕидот на џамијата стои испишано: Нема бог - религијата е лага. Во ноември минатата година, Барутер мораше да се појави на суд. Јавниот обвинител посебно се осврна на карикатурата на Мухамед објавена во Данска, за да илустрира колку е опасно да се навредуваат верските чувства и бараше една година затвор. Процесот е сè уште во тек.

Карикатуристот оттогаш е под посебен надзор на исламистичкиот печат. По повод изложбата на неговите дела ова лето, повторно детално се пишуваше за „новите провокации на овој противник на исламот“. Ваквите валкани кампањи можат да бидат далеку поопасни од каков било кривичен прогон.

Кон крајот на минатата година, исламистичкиот печат откри нова мета - „непристојната“ претстава во истанбулскиот државен театар. Во 2010 година, најрадикалниот исламистички таблоид Вакит го спречи изведувањето на претставата која го критикуваше лицемерниот однос кон проститутките. Списанието крена толкава врева што на крајот градската управа го затвори театарот поради „недоволна противпожарна заштита“.

Сега конзервативниот печат објавува кои претстави на единаесетте државни театри во Истанбул се со сомнителна содржина, делумно порнографски и кои од нив ги навредуваат верниците. Градската управа се обиде со поддршка на владата да ја ограничи слободата на театарот, така што за директори на сите истанбулски државни театри постави бирократи кои би требало да го контролираат репертоарот. Веднаш се побуни целата истанбулска театарска и уметничка сцена. Дојде до големи демонстрации за слобода на уметноста. Во тек на уметничкиот маратон, 152 часа по ред беа изведувани претстави на улиците.

Како одговор на протестите, Ердоган се закани со затворање на сите државни театри и отпуштање на сите глумци и другите вработени. Тој додаде: „Ако ги изведуваат своите дела во приватни театри, ќе видат дали тогаш би можеле да ги финансираат.“

Протестот не го донесе посакуваниот резултат. До душа, се покажа дека ad hoc приватизацијата на државните театри е правно тешко изводлива, но сепак, чекор по чекор, таа продолжува. До сега уметниците беа вработени во државните културни институции или имаа договори на неодредено време. Од сега тоа нема да биде случај. Договорите од сега ќе бидат потпишувани на одредено време или ќе бидат врзани за одреден проект. Програмскиот совет ќе мора да ги одобри сите претстави во државните театри. Рагип Јавиз, претседател на сојузот на истанбулските театарски уметници, објаснува дека од сега „државата одредува кои претстави ќе се изведуваат а кои нема“.

Булент Аринч, заменик на премиерот и еден од главните претставници на религиозното крило на владејачката партија, смета дека тоа е сосема нормално, затоа што станува збор за театри кои ги финансира државата: „На крајот на краиштата, тоа е право на секој работодавец на светот.“

До која мера премиерот Ердоган и неговата партија се поистоветуваат себеси со државата, неодамна дозна и познатиот скулптор Мехмет Аксој. Неговата „Статуа на мирот“ поставена во близина на границата со Ерменија, Ердоган ја сметаше за толку грозна што нареди таа да се урне и да се отстрани.

Извор: TAZ, 19.10.2012

Слики: Бахадир Барутер

ОкоБоли главаВицФото