Воздржување

08.11.2012 10:18
Воздржување

Ме воодушеви едно делче од историјата на рубриката на Тајмс „На денешен ден“:

„На 5 октомври 1947, во првото телевизиско обраќање на нацијата, претседателот Труман побара од Американците да се откажат од месо во вторник и од пилешко во четврток, за да помогнат во стварањето залихи на житарки за гладните во Европа“.

Прво телевизиско обраќање воопшто - тоа е интересно. Замислете свет во кој претседателот им се обраќа на граѓаните само преку радио, или може да зборува само пред физички присутна публика, како Линколн во Гајтсбург. Колку бил чуден, примитивен, поинаков од нас тој прост свет од дамнешните времиња!

Но, тоа не е она што ме фасцинира. Упорно се обидувам да ја замислам или да се сетам на земјата чиј претседател бара од својот народ да не јаде телешко во вторник или пилешко во четврток, затоа што луѓето во Европа гладуваат. Втората светска војна ги остави европската економија и европските градови во урнатини, а тој претседател сметал дека Американците 1)ќе ја сфатат врската помеѓу месото и житарките и 2)ќе бидат спремни да се откажат од една луксузна состојка на својата исхрана за да има малку храна за гладните странци од другиот континент, од кои две години претходно некои од нив убивавме ние, додека некои од нив нè убиваа нас.

Во тоа време, на ова барање многумина му се потсмеваа, а повеќето го игнорираа. Па сепак, можете ли да змислите кој било претседател денес да бара од американскиот народ да се откаже од месото еднаш или два пати неделно, за да се соберат житарки кои ќе ги им ги испратиме на гладните странци на друг континент, од кои некои сигурно се терористи?

Или да бара денес од нас да се воздржиме од месо за да им помогнеме на програмите и банките за храна за 20 милиони Американци кои живеат во „тешка сиромаштија“ (што значи дека се неухранети и гладни)?

Или, кога сме веќе кај тоа, да побара од нас да се лишиме од што било поради која било причина?

Нешто се променило.

Бидејќи нашите запуштени државни училишта повеќе не посветуваат внимание на историјата или читањето, сè што се сличило пред повеќе од дваесет и пет години на луѓето ќе им изгледа дамнешно и непоимливо поинакво. Ќе се бранат со тоа дека нивните предци биле примитивни, старомодни, наивни итн. Но, јас знам дека Американците пред 65 години воопшто не биле такви; и повторувам, овој говор на Хари Труман ми покажува дека нешто навистина се променило. Во што е разликата?

Многу сум стара и малку ја паметам Големата депресија, добро се сеќавам на Втората светска војна и нејзините последици, а се сеќавам и на „војната против сиромаштијата“ на Линдон Џонсон. Моето искуство не ми дозволува кога било да го замислам општиот просперитет како нешто дадено - туку само како идеал. Но, успехот на New deal и социоекономската безбедносна мрежа воведена по 1945 година наведе многу луѓе да помислат дека американскиот сон е конечно остварен и дека ќе трае засекогаш. Дури сега созрева една цела генерација која не порасна во примамливата стабилност на рамномерната инфлација, туку виде како капитализмот на растот им се враќа на своите корени и им обезбедува сигурност само на најсилните профитери. Во таа смисла, искуството на моите внуци е сосема поинакво од искуството на нивните родители или од моето искуство. Би сакала да поживеам, да видам што ќе направат тие по тој повод.

Но, ниту тоа не е она што толку ме заинтригира во барањето на стариот Хари и направи да се почувствувам како Америка во која сега живеам да е туѓа земја.

Образованието кое ми го обезбеди чувството на континуитет на човечкиот живот и човечката мисла не ми дозволува да го делам времето на Сега (Ние - последните неколку години) и Тогаш (Тие - историја). Тоа делче од моето антрополошко искуство не ми дозволува да верувам дека животот на кој било му бил едноставен. Старите луѓе се носталгични за некои работи за кои знаат дека повеќе ги нема, но јас лично не живеам толку во минатото. Тогаш, зошто се чувствувам како бегалец во сопствената земја?

Ги гледав луѓето од мојата земја како го прифаќаат, главно молчејќи, освен понискиот животен стандард за сè повеќе и повеќе луѓе, и понискиот морален стандард. Моралниот стандард заснован на рекламерство. Оној тежок човек, Сол Белоу, пишуваше дека демократијата е пропаганда. Сè потешко е да не се согласите со него кога, на пример, за време на кампањата, не само кандидатите туку и самиот претседател кријат или извртуваат познати факти, лажат свесно и упорно. И единствено опозицијата се противи.

Нормално, политичарите отсекогаш лажеле, но Адолф Хитлер е првиот кој направи политика од лажењето. Американските политичари не лажеа така како да знаат дека никому не му е гајле дали тие лажат или не, иако Никсон и Реган загазија во таа вода на морална рамногушност. Сега сите пливаме во тие води. Она што ме соблазни во лажните цифри на Обама и лажните ветувања на првата дебата е дека тие беа непотребни. Да ја зборуваше вистината, подобро ќе се претставеше себеси и ќе ги направеше за потсмев лажните цифри и тврдења на Ромни. Ќе ни дадеше прилика за морален избор, наместо мавање со кал.

Може ли Америка и понатаму да живее од спинување и илузии, зборување глупости и бесмислици, и сè уште да биде моја земја? Не знам.

Веројатно дури и мене ми стана неверојатно дека претседателот би можел да побара од Американците да не јадат пилешко во четврток. Можеби тоа е сепак старомодно. „Почитувани граѓани, не прашувајте што вашата земја може да направи за вас - прашајте што вие можете да направите за својата земја“. Како да не. И тој лажеше, и тоа како. Меѓутоа, им се обраќаше на возрасни луѓе, граѓани способни да постават тешки прашања и да одговорат на нив - а не на обични потрошувачи кои го слушаат само она што сакаат, неспособни за расудување, рамнодушни кон фактите.

Што би било ако некој претседател побара (како што еднаш и направи) да прифатиме ограничување на брзината од 90 км/ч за да заштедиме гориво и да ги зачуваме патиштата и животите? Хор од громогласен потсмев.

Кога точно стана невозможно државата да бара од граѓаните да се лишат од краткорочното задоволство поради поважна цел? Дали тогаш кога прв пат слушнавме дека ниту еден чесен и слободољубив Американец не би требало да плаќа данок?

Јас сигурно никогаш не бев одушевена од идејата за одрекување, како пуританците. Но, признавам дека ме депримира идејата дека од нас никогаш не може да се побара да се откажеме од нешто во корист на некои на кои тоа им е потребно, вклучувајќи нè можеби и нас самите. Дали чесниот и слободољубив Американец е толку инфантилен што мора да му се вети она што го сака, веднаш, во истиот момент? Или, малку поконкретно: ако од граѓаните не може да се бара да се воздржат од шницла во вторник, како од индустриите и корпорациите може да се бара да се воздржат од огромните и брзи профити кои ја дестабилизираат климата и ја уништуваат животната средина?

Изгледа дека се откажавме од долгорочниот план. Дека одлучивме да не размислуваме за исходите, причините и последиците. Можеби и затоа ми се чини дека живеам во прогонство. А некогаш живеев во земја која има иднина.

Кога ќе престанеме и ако некогаш престанеме да ја деградираме животната средина додека не ни снема месо и други луксузни намирници, тогаш ќе научиме да живееме и без нив. Луѓето живеат и така. Претседателот нема да мора ни да го бара тоа. Но, ако некогаш ни снема работи кои не се луксузни, како што е водата, дали ќе можеме да трошиме помалку, да се откажуваме, да штедиме, да споделуваме?

Би сакала малку да ги вежбаме тие работи. Би сакала нашиот претседател барем толку да нè почитува и да ни овозможи барем да размислиме за тоа.

Би сакала идеалите на почитување на вистината и споделување на добрата да не станеа толку туѓи за мојата земја, до толку, што и самата таа ми стана туѓа.

Извор: Book View Cafe

Слики: Jeremy Miranda

ОкоБоли главаВицФото