Норвешката јавна сфера по Брејвик

26.11.2012 17:08
Норвешката јавна сфера по Брејвик

На 22. јули 2011 Андерс Беринг Брејвик уби 77 Норвежани, најмногу од нив млади, во Осло и Утоја. Оттогаш не помина ни еден ден без споменување на овие настани во норвешките медиуми. Она што се појави како резултат е земја со обновена верба во јавната сфера.

Сега имаме подобри јавни дебати. Понекогаш тие се поостри, но сè почесто ги актуелизираат етиката и човечноста. Како и да е, досега ова не успеа да поттикне зголемена транспарентност во политиката и државната администрација.

Од многу причини, првите неколку седмици по нападите беа проблематични. Јавната дебата, особено левичарската, беше преполна со погрдни обвинувања за недвосмислената вина на Брејвик. Жртвените јарци беа принесени: кој би можел да напише или изјави нешто што би можело да влијае врз Брејвик?

Се појави нов израз: „ АББ-ирање на дебатата“ – што означува дискредитација на оние автори за кои постои сомневање дека на кој било начин споделуваат терористички идеи, или некои од многуте референци на неговиот озлогласен „манифест“. И дебатите на интернет, вклучувајќи нередактирани и немодерирани дискусии на „црната мрежа“, често се споменуваа по медиумите.

По некое време, со зголеменото учество на поранешните непријатели, почнаа да се појавуваат поконструктивни дијалози. Социјалистите и конзервативците почнаа да разменуваат нови факти и перспективи, и се прашуваа меѓусебно: кои се неопходните елементи за зачувувањена либералната демократија?

До есента 2011 година се оформи посилна јавна сфера, што беше покритички настроена, порефлексивна и поотворена кон нови гласови и искуства (еден показател за ова беа контроверзните карикатури). Помладите, кои порано стоеле настрана од непријатните јавни дебата, ја побараа својата улога во дискусиите. Тие се залагаа за активно исправање на грешките и справување со опасните и деструктивни мислења.

Зошто се случи ова? Мислам дека причината лежи во тоа што од ранливоста на општеството произлезе попродлабоченото разбирање. Теророт и 77-те жртви ѝ покажаа на Норвешка дека се работи за нешто од непроценлива важност. Дали младите ќе продолжат да бидат видливи и активни во јавните сфери, останува да се види. Но, искрено се надевам дека ќе биде така.

Како уредник на весник, имам остварено контакти со многу од овие млади политички активисти уште од моментот кога се случи терористичкиот напад. Најголем дел од нив се на возраст меѓу 15 и 20 години. Од тој мрачен ден наваму, тие ми оставаат сè поголем впечаток.

Се сеќавам на првата миса во Катедралата во Осло, два дена по масакрот и експлозијата, каде што беа присутни многу од преживеаните, како и кралот и кралицата на Норвешка, кои беа трогнати. Следниот ден стотици луѓе се собраа на плоштадот на Универзитетот во Осло на едноминутно молчење, заедно со кралското семејство и членовите на владата и парламентот. Тишината заврши кога некои од младите политичари поминаа преку плоштадот и низ толпата, фатени за рака, по потпишувањето на официјалниот протокол за сочувство, внатре во аулата на Универзитетот.

Во судницата во 2005 година, во текот на судењето, седев многу близу до една млада девојка којашто беше сведок на настаните што никој не треба да ги доживее. Ова лето посетив еден од летните кампови на лабуристичката младина, каде што сретнав многу енергични и витални млади луѓе. Кога се вратив во мојата канцеларија, ги проверив нивните имиња. Најголем дел од нив биле присутни на Утоја во текот на теророт, многу од нив изгубиле блиски пријатели, а некои едвај го преживеале најужасниот ден во норвешката историја. Но, сега тие продолжуваат напред, обликувајќи ја политиката за нова клима – отворена, но повнимателна за опасностите со коишто се соочува слободното општество.

Точно една година по теророт, стоев на големиот плоштад пред Градското собрание во Осло, слушајќи воодушевувачки концерт за обележување на теророт и жртвите што ги однесе. Тогаш ние го славевме сето она што терористите и нивните следбеници го напаѓаа. Одеднаш, погледот ми се сретна со еден човек без коса што стоеше рамо до рамо со мене. Тоа беше Геир Липештад, адвокатот на Брејвик.

Таа ноќ имаше десетици илјади луѓе на улиците на Осло. Пред една година се собраа 200.000 илјади луѓе за да се спротивстават на идеологијата на терористот. Вкупната популација на Осло изнесува 600.000 луѓе. „Вечерва нашите улици и плоштади се исполнети со љубов“, рече норвешкиот принц, во рамки на својот многу поетски говор.

Сочувството неизбежно ќе избледи. Но, исто како во Њујорк по 9 септември, знак за отпор на општеството спрема деструктивните сили е тоа дека сочувството нема многу да избледи.

Настрана од новото нагласување на јавната безбедност, најважната промена е во нашиот начин на обмислување на политиката генерално. Во јавната сфера Норвешка сега е потолерантна кон непријатните ставови и позиции – сè додека тие се држат до фактите. Ова особено важи за контроверзните сфери на имиграцијата, интеграцијата, културата и религијата. Истовремено, намалена е толеранцијата кон ставови што може да предизвикаат директна опасност или деструкција.

Дури и пред теророт, Норвешка имаше една од најинклузивните, најегалитарни и најдемократски јавни сфери во светот. Еден показател за тоа се големиот број локални, регионални и национални весници. Сепак, ова не успеа да доведе до зголемена политичка транспарентност, и покрај уверувањата од страна на премиерот.

Несреќната тенденција поттикна повеќе критичко новинарство од кога било во историјата на Норвешка. Норвешките медиуми почнаа да објавуваат огромен број содржини критички настроени кон неуспесите на јавните институции пред и по теророт. По нападите, весниците станаа покосмополитски и позаинтересирани за идеите, идеологиите и поширокиот развој што имаат влијание во оваа мала, богата скандинавска земја. Ова би можело да ја направи норвешката политика поинтересна. Исто така, ќе ги зголеми нашите можности за разбирање и спречување на тероризмот и екстремизмот во претстојните години.

Искрена и јасна јавна дебата ќе ни помогне да создадеме подобро општество. Нема да толерираме говор на омраза против личности и групи, ниту кој било што промовира насилство или криминал. Но, за сè друго мора да се овозможи простор во јавната сфера. Жестокоста е едно нешто, а омразата сосем друго.

Ова не е лесно. Секогаш некои луѓе ќе бидат повредени. Ова бара непоколеблива верба во рационалноста и доблестите на слободното и отвореното општество.

Слики: Рун Гунериусен

Извор: eurozine.com

ОкоБоли главаВицФото