Соголени до себеси (1)

05.12.2012 11:49
Соголени до себеси (1)

Соголени до себе си

Соголени до суштината
трчаме по падината.
Ветерот ни буричка по
џебовите на душата,
Разумот се разлеал – со разлог.
Се прегрнуваме и се тркаламе.
Деца сме, преголеми но умни.
Крвта ни врие, жедта нè пие.
Адреналин ко на рингишпил.
Наше е ова место, мое и твое –
чувството дека немаме ништо
а имаме сè, не е освојувачко,
туку ослободувачко.
(Меѓу стеблата, во папратот,
ти засадив змија).
Се смееме гласно, урнебесно.
Дрвјата ни мавтаат со крошните,
гранките ни бираат плодови.
Се изнаигравме. Денот почна
да зева со расчепена уста.
Се враќаме кон врвот, од каде
сабајлинава слеговме
да се искачиме до себе.
Ќе те соблечам и ќе те
опколам со ѕвезди.
Со тебе ми е секогаш ко првпат,
како секојдневно освојување
на највисокиот врв.
Го брцам знамето и
испуштам вресок,
победнички
и нечовечки.

29.11.2011


Никогаш

Никогаш нема да патам од анорексија.
Мојата кожа нема да допре тетоважа,
ниту пак накит како закит.
Никогаш нема да влезам во теретана
затоа што јас сум теретана.
Нема да научам да јавам дебел мотор,
едреник, аеробик...
Никогаш нема да отидам во Индија во 60-ите,
ниту пак ќе го запознаам Дилан во Вудсток.
Никогаш нема да нуркам со боца
(ни во море, ни во вселената).
Нема да играм аргентинско танго во стариот
Буенос Аирес на Борхес.
Нема да бидам суперхерој, ниту пак херој.
Никогаш нема да ја прочитам библијата.
Никогаш нема да се искачам на Хималаите
зашто и Водно е превисоко за мене.
Рафтинг, едрење, падобран, параглајдер...
Кунг-фу, џиу-џицу, карате – ма ајде!
Нема да научам да го кажам вистинскиот
збор кога треба, ни лошиот кога треба.
Никогаш нема да научам ни да си ги
читам песните.
Нема да бидам локален автор, затоа што
му припаѓам на целиот свет,
ниту пак ќе бидам познат во светот
затоа што не сум доволно локален.
Никогаш нема да запишам постдипломски студии
зашто ни факултет немам завршено.
Никогаш нема да станам мудар затоа што
мудроста подразбира духовно созревање...
A се сомневам и дека ќе остарам –
не со овој мозок.


Последните желби
на старата блудница

Сакам барем уште еднаш:
да јадам сè што не смеам,
да гушнам две шишиња шампањско –
едното да го испијам а другото да
го скршам од мојот живот кој за
првпат испловува од планетава.
Да отидам барем уште еднаш
во Венеција,
пред да потонам и пред да потоне.
Да пушам хашиш, мароканец, со кој
ќе отпатувам во родината-вселената.
Оваа моја изборана кожа да ми биде
единствената облека на плажа.
Набрекнат машки полов орган да ми
сврши врз градите.
Да доживеам оргазам, долготраен и смртен
и да умрам на пенис, зашто (фала богу)
во животот ништо повеќе не сум сакала.
А така сакам и да ме закопаат. Угол гола
или евентуално во еротска долна облека.
Во сандук, опкружена со вибратори.
А мојот омилен, мојот тотем,
нека ми ги пополни дланките,
вкрстени под градите или уште подолу,
онаму каде што (впрочем)
и му е местото.


Јас и тој

Сеќавањето ме одминува, полека но сигурно.
Паметам дека сабајлинава пиев кафе и дека купив кутија цигари. Речиси и не се сеќавам на ликот на татко ми. Знам дека имам сопруга и две деца. На улица среќавам луѓе за кои би можел да се заколнам дека ми се најдобри другари. Исчитаните книги ги читам повторно, по првпат. Сликите на Тарнер во Националната галерија во Лондон ги гледам со очите на 80 годишниот Борхес. Местата на кои сум бил, неовековечени од објективот, се места на кои не сум бил. Со колегите на работа се запознавам секој ден. Бескуќниците ми се поблиски од министрите но и едните и другите ги заборавам – првите утредента, вторите следната минута. Некој засвирка (со уста) една мелодија од Битлси, за која можев да се заколнам дека сум ја напишал јас.
Дури и со ликот во огледалото се запознавам секојдневно. Некогаш ми и поблизок од брат, некогаш незнајник а некогаш бетер од клетник.
Судено ми е да го гледам постојано, во сите глатки површини способни да одразуваат. Затоа и ги избегнувам стаклата и огледалата. Но некогаш кога ќе го здогледам во некој одразувач што ја изобличува сликата, што ја деформира до непрепознавање, ми се чини многу близок, ранлив и беспомошен, потажен дури и од мене. Тогаш му ја ставам раката на рамо, го тешам и го бодрам. Демек:
не грижи се, ќе си дојде сè на свое место. Не е сè така црно како што изгледа. Ма, можеш ти...
Можеме така со часови. Некогаш дури и пиеме заедно. Долго и исповедно.
Сè додека и јас не се искривам, додека не заличам на него, додека деформираната слика во одразувачот не стане стварна и реална.


Креатура и кандидатура

Чергата му е премала за чекорот,
стапалото преголемо за опинокот.

Устата му го огледалува мозокот
кој е премал за неговата глава,

но доволен за неписмениот народ
кој одвај чека некој да го јавне.

Погледнете го идиотон на плакатот,
ќе згрешите ако не гласате за него!


Автопортрет

Штафелај пред огледалото.
Се гледаше во одразувачот
а црташе на платното.

Заврши. Се насмеа, си излупи банана.
па ги вика другарите од сликите
да им го покаже цртежот.

И тие се насмеаја (за секого
по една банана). Влезната врата
се отвори и сите избегаа меѓу рамките
на сликите.

Домаќинот беше малку потпивнат.
Седна пред штафелајот и
се огледа на платното.

„Пак сте ме трефнале“ – им рече.
„Не толку добро како што ве
фаќам јас, ама ај, ви проаѓа“.

Запали цигара и почна да ја
пресликува сликата. Се гледаше
во огледалото а црташе на платното.

Кога ја заврши, си излупи банана,
седна отспротива и гласно
и задоволно воздивна.

Беше тоа најубавиот мајмун
што кога и да е, го насликал.


Со сламка во уста 1

Со сламка во уста. Рацете под глава – на кревет а во облаци. Па на врвот на морето, уште малку па обезгаќен, лебдиш меѓу куроболието и рамнодушноста.
Околу тебе вредни луѓе. Трчаат, се дошколуваат, се разубавуваат, прават пари, се умилкуваат, се проституираат... Најумни на мајки и највредни на такви. Мerry-go-round несопирачи и не-ги-држи-место итачи. Минуваат, па подзастануваат, не им се верува, се крстат.
Стани бе абдал, мрдни малку со газот! Врви времето, ќе те згази! Направи нешто, ти помина животот во спиење! Мрза над мрзите, по цел ден лежи и зјапа во празно. Ма пушти го, дембел, џабе му зборуваш, мува не го лази! – ти велат.
А ти си уживаш. Мижиш во сите бои, гледаш кај што повеќето не догледуваат. Калеидоскопски, речиси по скопски. Си менуваш сламки и под главата дланки. Па, малку slow motion, забавуваш, подобро да видиш. Што? Истото де, истото. Но со инакви очи, со овие денешниве, што веќе не гледаат толку добро но гледаат различно. Како тоа различно? Е така де, со други очи – што би рекле оние што веќе не гледаат.
Потоа се вртиш на страна и заспиваш и истото ти се случува и во сонот. Не знаеш дали го сонуваш она што ти се случило или ти се случува она што си го сонил. Не е ни важно – си велиш. Кога утре ќе се разбудиш и така нема ништо да паметиш. Ќе се свртиш на другата страна и со сламка во уста ќе продолжиш да го гледаш светот што те одминува. И повторно со други очи, со тие утрешните.


Градот кој веќе не е мој

Расте како жива рана,
како змучка и како меланом.
Не сум го надраснал но затоа пак
тој ми се смалува. Постојано, со секој
нов жител (да не речам граѓанин).

Знае да биде убав кога сите спијат,
во мугри и лете кога е подиспразнет.
Најубав е во мојот дом, од каде сè
поретко наоѓам причина да излезам.

Мојот град полека се сведува на мојот дом,
и од него излегувам само кога одам на море
или планина, во некој друг поблизок или
пооддалечен град (во земјава и во странство),

кој неретко ми е поблизок, по мој од мојот,
можеби само затоа што не живеам во него.


Оптичка измама

Толку сељаци на едно место,
може да се видат само во град.


Крај

Бескрајност?
Ене ја, ја гледам,
веднаш зад крајот.

(продолжува)

Песните во овој избор до сега не се објавувани и за прв пат се појавуваат на Окно.

Слики: Balazs Solti

Јовица Ивановски (1961, Скопје) до сега има објавено девет збирки поезија: Зошто мене таков џигер (1995), Градот е полн со тебе (1997), Чуден некој сончев ден (1999), Три напред, три назад (2004), Двоен албум (Во сенката на билбордот и Сладолед во недоглед, 2005), Стремеж за дремеж (2007), Ветер и магла (2009) и Со сламка во уста (2011). Негова поезија е објавувана во периодиката и во две антологии на македонската поезија (во Белгија и Австралија).

Избори од поезијата: Open the Window and Let the City Breath a Little (на англиски, 2002) и Избрани песни (на македонски и англиски, 2002), Деновиве ако не и утре (на македонски и англиски, 2009).

ОкоБоли главаВицФото