Говњарите на Буњуел

29.12.2012 10:25
Говњарите на Буњуел

Ние сме говњарите на Буњуел: луѓе кои ги живеат своите животи врз сераторските школки на јавните клозети и одвреме-навреме одат до трпезариите за да ги наполнат своите стомачни миксери со неопходната суровина за производство на гомна. Тоа што кај цивилизациите што ја слават храната доаѓа на крај, кај нас доаѓа на самиот почеток. Другите серат зашто јадат, додека Македонецот јаде за да може да сере (Луис Буњуел: Фантомот на слободата).

Во нашиот филм демократијата и правната држава, државата како таква, се зелена салата што ја овозможува нашата говњарска саморепродукција. Врз Македонија како една голема веце школка. Мал гриз меѓу два исерока.

Последните случувања не се инаугурација на диктатурата или некаков смачкан глас на разумот од страна на опозицијата (односно се, но тоа не е толку битно) туку победа на нашата клозетска суштина, оброк што ќе ни овозможи еден многу квалитетен сер, сер со можеби идеална густина, специфична тежина и вискозитет. Оргазмичко празнење на нацијата.

Светот е тој што пушта вода. Фактор кој ја трансферира македонската суштина во канализационите цевки на цивилизацијата. Завиените соопштенија во кои по кој знае кој пат се повикуваат "двете страни" или "сите страни" да се воздржат од насилство е најголемата стимулација на насилството, одвратен опортунистички пристап кој ја стимулира континуираната декапацитација и ја води државата кон нивоа кои се погодни за каква било геополитичка моделација. Јас го викам тоа пластенизирање на Македонија. Нема друго рационално објаснување. Уште кога Џилиен Миловановиќ ја составуваше првата влада на Никола Груевски напишав дека или светот не знае што прави или дека го прави тоа што го прави зашто знае што прави. Со многу прецизни становишта за импликациите. Кога ситуациите не се последица на грешка туку на цел. Суштината на таа поставеност произлегува(ше) од ставот дека Македонија не е веќе дел од решението на балканските ситуации и почнува да се посматра како сериозен дел од балканските проблеми. Тука нема да се занимаваме со тоа дали тој став е исправен или не е, дали е праведен или не е, но можеме да отвориме дебата за тоа дали е тој таков или не е таков и зошто е таков односно не е таков. Тоа е комплексен пристап кој треба да се одвива околу централното прашање: за кој кур се Македонците и Македонија за себе и за светот.

Ме фасцинира ниското ниво на страв на кое реагира возрасниот Македонец. Луѓето се смртно уплашени од еден режим кој не убива, нема концентрациони логори, нема голи и други отоци. Максимумот на репресивноста се состои во шансите да ве избркаат од работа или да не добиете работно место. И да продолжите да живеете како говно. Така што ми доаѓа неподнослива мака не од диктатурата како таква туку од диктатурата на една вошка. Македонија е проколнато место кое немало и нема среќа да го јавнат асални диктатори какви што беа Мусолини, Сталин, Хитлер или Ким Јонг Ил. Добро, го имавме Тито, но и неговото време ја прави многу јасна дистанцата што сакам да ја прикажам. Ние сме ниска зона на прашумата во која еден ситен термит се прогласи за цар.

Како е тоа можно?

Тие опции ги овозможуваат не квалитетите на диктаторот туку моќта на простаклукот кој се изразува преку конкретниот лудак, преку институционализацијата и персонализацијата на простата маса, преку диктатура на политичката стока.

Бескрајните објаснувања на тоа што се случи и зошто се случи се дополнително подгревање на смрзнатата ситуација. Многу е важно опозицијата да излезе од тој филм и да излезе од сета таа расправа, вклучително и околу повредувањата на пратениците и на пратеничките. Молкот е најдобриот одговор. Нема изјави, нема прес конференции, нема лидерски ставови, нема ништо. Дијалогот го легитимизира насилството.

Клучната работа во сета оваа калакурница е отуството на вистинска и реална дијагноза на македонскиот конфликт од страна на опозицијата. Македонскиот проблем не е буџетот и преголемата потрошувачка, не е сиромаштијата, туку вмро како болесна основа на македонското постоење, како бавно разградувачки отров испрограмиран да го труе организмот на нацијата со децении и на крај да ја умре.

Опозицијата греши кога ја одредува сиромаштијата како пресечна точка на политичката борба. Таа греши во заложбите да се штеди односно да се инвестира во иднината во една средина која функционира врз основа на идејата за пет минути среќа.

Интеграцијата на нашата земја, господине Баросо, не е заглавена затоа што Груевски не работи туку зашто човекот е инструмент на една идеологија која преку засилениот мониторинг на Брисел може да се натера на проевропски корекции толку колку што со музиката на Јан Сибелиус чавката може да се натера да престане да сере врз бронзените мустаќи на Гоцета Делчев на плоштадот "Македонија".

Оваа генијална мисла на господинот Тричковски првобитно е објавена во неделникот "Глобус" на 12.04.2011 година. А по повод споменувањето на Гадафи, мојата многу почитувана маленкост има напишано вака:

Зелената книга на Гадафи има портокалова боја во земјата што сака да се вика Македонија. Државата е џамахидизирана според принципот на светото тројство: месија кој го спушта царството небеско на земјата и со помош на фамијализираната бирократска структура и корумпирана интелектуална елита му овозможува на народот да биде среќен зашто го има Него. Од народот не се бара да сади тутун, да лови риба, да печати весници, да ора и да копа, да сурфа на Интернет и да ги гледа натпреварите на Манчестер јунајтед и порно филмовите на Џена Џејмисон туку да го чита Неговото евангелие односно да се прикачи на генералниот сервис на Власта. Што ви се прави од Груевски ако од Гадафи ви се гади. 

Стока.

Извор: Глобус, март 2011

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото