Репортери без медиуми

02.02.2013 17:00
Репортери без медиуми

Луѓето најдобро живеат кога секој го знае местото на кое што треба да се наоѓа, кога секој знае каде припаѓа во шемата на работите и што може да постигне. Уништи го тоа место и си го уништил човекот.
Учење „Бене Гесерит“ – „Еретиците на Дина“, Френк Херберт

Повторниот пад на листата на “Репортери без граници“ која ја мери слободата на медиумите ни доаѓа во година во која ЕК тврдеше во својот извештај дека има напредок во „Слободата на изразување“. Без оптоварувањето што го носат дипломатските односи, „Репортерите без граници“ ѝ шлапнаа шлаканица на администрацијата на Баросо. Но, зошто рангот на Македонија во овој извештај, но и во извештајот на „Фридом Хаус“ и во оној на „Ирекс Индексот на медиумска одржливост“, односно во сите мерни инструменти спроведени од меѓународни невладини организации е во постојан слободен пад? Одговорот е многу едноставен, тие инструменти ја мерат реалната ситуација на терен, а не административно-легислативната активност на владата и државните органи, како што тоа го прави ЕК. Значи, поедноставено кажано, за ЕК е напредок носење „Закон за граѓанска заштита од клевета и навреда“, а за другите организации тоа не е напредок туку минорен предуслов за заштита на слободата на изразувањето којшто допрва треба да се види како ќе функционира – дали во правец на овозможување поголема слобода на новинарството или како систем за индуцирање масовна самоцензура. Нашата влада и ЕК се дрзнаа да зборуваат за квалитетот на новинарството и новинарските стандарди и во документи ставија (патоказ за високиот пристапен дијалог) дека ќе работата на нивно подобрување. Таква работа да направи која било влада во ЕУ или пак Комисијата да се обиде да донесе било каков документ во кој го критикува новинарството во која било земја во ЕУ, ќе предизвика таква лавина на бес и отпор што нема да преживее ни таа влада, ниту пак комесарот кој ќе го потпише таквиот документ. Но, овде за таквите работи нема проблем.

Во моментов ЕК е соучесник во пишувањето „Закон за медиуми“ во форма на техничка помош на владата, арно ама тоа се работи под клаузули за тајност и тој документ не е достапен. Е, затоа извештајот на ЕУ зборува за напредок – додека однесувањето на ЕУ во Македонија е дел од мерењето на медиумските слободи во останатите извештаи. Впрочем, токму ова однесување во одредена мерка придонесува за ниските оцени.

Тоа што ЕК не го гледа - другите го гледаат, а тоа што ЕК не го мери - другите го мерат. Падот што е забележан последните четири години е забрзан постојан тренд без никакви шанси за негово враќање. Оценките се кумулативни, значи ако падот во претходната година се должел на затворањето на А1, а во следната на А2, тоа не значи дека е постигнат напредок затоа што за разлика од претходната е затворена побезначајна телевизија. Значи дека кумулативно, состојбата е полоша. Или, ако не се затворени Канал 5 или Сител или Алфа, дека сè е во ред кога од нивните екрани исчезнаа познати новинарски имиња како – Драган Антоновски, Роберт Поповски, Оливера Трајковска. Не може вие да ги чистите редакциите под очигледен притисок на еден центар, да отстранувате професионалци кои со години биле препознаени од јавноста како квалитетни новинарски имиња затоа што не ви се допаѓа кого интервјуираат или како интервјуираат или пак како ги уредуваат вестите и после да бришете раце и да тврдите дека тоа се „приватни медиуми“ и дека одлуките на сопствениците и менаџерските тимови се самостојни. Стварно? И тоа сосема случајно три конкурентни менаџерски тима носат исти одлуки за сличен тип новинари? Ајде раскажувајте бајки уште малку. Но тоа ќе си заврши во извештаите.

Постапувањето на владеачката структура спрема непослушните во медиумите е иста како во цитираната изрека: Уништи го местото, ќе ги уништиш луѓето.

Македонските медиуми никогаш не биле имуни на политички притисоци или пак на политички бракови со одредени партии. Но, сепак, долго време се движеа по нагорна линија во смисла на нивна професионализација. Сè додека не удрија во систематската имплементација на една смислена концепција за реструктуирање на медиумскиот систем и негово префрлање од известувачки во убедувачки. Од информирање во пропаганда.

Но, како стигнавме довде? Средината на деведесеттите години изгледаше надежна. Македонија живееше еден бум на приватни иницијативи во медиумите кои го разбија тогашниот монопол на информирање што го држеа МРТ и „Нова Македонија“. Земјата доживеа тиражи од 100.000 продадени примероци на еден весник – „Дневник“ и силно влијание врз гласачите. Тој медиумски бум сериозно влијаеше врз паѓањето на владите во 1998, 2002 и 2006. Изгледаше дека медиумите со сите свои фалинки и детски болести, сепак функционираат како кучиња чувари на демократијата. И одеднаш сè се распадна. Причините за тоа се неколку. Прво политиката на лиценцирање на медиумите спроведена од „Советот за радиодифузија“ се базираше на принципот: „Лиценцирај сè што исполнува минимални критериуми и остави пазарот да реши кој е добар а кој е лош“. Ова се покажа како катастрофална одлука; бегајќи од одговорност за лиценцирањето, Советот создаде амбиент на пренатрупан медиумски простор. Невозможен пазар за да се одржат толку медиуми. Но, еден сегмент од пазарот сепак профункционира – она што медиумите не можеа да го заработат во нормални пазарни активности, го надополнуваа преку линкови со политиката и споредните бизниси кои зависеа од одлуките на власта. Тоа ги врза медиумите неповратно за политичките структури и ги направи ранливи во однос на државата. Вториот проблем што тогаш се искреира беше тоа што 100% од електронските медиуми беа во сопственост на поединечен газда. Немаше ниту едно акционерско друштво или пак друштво од неколку сопственици. Тоа овозможи сопствениците да бидат идеална точка за притисок врз медиумите. Власта откри дека ако го притиснеш сопственикот доволно јако за други работи – неговата телевизија ќе мора да се подреди на твојот интерес. А инструменти за притисок колку сакаш, и моркови и стапови. И маркички за градба на згради и кривични пријави.

Натаму, самите сопственици со тек на време сфатија дека тој хидрауличен деспотизам може да функционира и внатре во медиумот за обезбедување целосна послушност на новинарите кон сопствениците со закани за отпуштање од работа. Почнаа да ги користат новинарите во пресметки за сопствените бизнис потреби во другите бизниси. Многу малку новинари се спротивставија на овој притисок. Повеќето од нив прифатија да бидат од време на време злоупотребувани за да добијат слобода за работа на други теми. Мислеа: добро, од еднаш не боли... Влегоа во конформизам и не сфатија дека тоа „еднаш“ е преседан кој воспоставува нови правила. Со тек на време се навикнаа. Не ја одбранија професијата зашто пазарот на работна сила со константна 30% невработеност прави огромен притисок за губење на работата. Тие што се спротивставија беа или брзо заменети со почетници или мораа да бараат работа во друг медиум. Овој конформизам одеше до таму што некои од нив толку жестоко си ги бранеа сопствениците на јавна сцена, небаре сопственикот ги навел како единствени корисници во тестаментот. Затоа е целосно можно денес на МРТ да гледате бивши новинари на А1 ТВ кои мртви ладни прават вести со уредувачка политика комплетно различна од таа на А1, но со истиот полет и ентузијазам. Човек просто да се запраша – дали се ова луѓе или андроиди.

Македонската радиотелевизија на која ѝ е наменета улогата да биде јавен сервис, никогаш не стана тоа. Дури ни под закон кој ѝ овозможува целосна автономија таа не успеа да излезе од прегратките на државата. Таа медиумска куќа што во еден нормален медиумски систем требаше да биде репер и поставувач на стандарди денес е Сител 4 и Курир.мк во едно. Таа не стана Јавен сервис зашто ретко кој кај нас го разбира тој концепт. Од политичарите ниту еден. Тие зборуваат за „Национална телевизија“ и „Јавен сервис“ во иста реченица; значи, воопшто не знаат што зборуваат. Тоа е исто како да зборуваш дека ќе правиш снешко на плажа во август.

WAZ исто се прослави откако ги купи трите весници кои егзистираа на пазарот, операција која по секоја логика требаше да заврши со интервенција на антимонополската комисија; ВАЦ имплементираше политики кои успешно ги урнаа тиражите притоа задржувајќи го профитот. Како змеј седнат на злато одбиваше да имплементира каков било систем за мерење на тиражите, манипулирајќи кај огласувачите од коишто живееше. Антимонополската комисија во тој период се најде во небрано и не постапуваше, сè додека групацијата на Рамковски не го исфрли весникот „Време“ на пазарот, за потоа да донесе одлука дека не постои монополска позиција на МПМ и дека спојувањето може да се случи. Новинарите кои ги продадоа весниците очекуваа да се обезбедат преку менаџерски договори и да продолжи истата уредувачка политика. Некои од нив успеаа во тоа, а некои многу брзо научија дека во капитализмот – капиталот управува. Капиталот е бог, а Керим е неговиот претставник.

Весниците во Македонија одбраа да одат на пазарот со најниска можна цена и бизнис моделот и денесго базираат на огласувачите. Повеќе од 70% од приходите доаѓаат од огласувачите. Затоа тиражот, во таквиот бизнис модел, особено ако е немерлив, претставува трошок. Ако имате 20.000 тираж, а на огласувачот му тврдите дека имате 60.000 и тој ви плаќа за тие фантомски 40.000 – зошто да се изложувате на трошок да ги печатите тие 40.000 кога нивната продажба не ви носи приход?

И врз сите овие проблеми ВМРО ДПМНЕ имплементираше сет на мерки кои тотално го разорија медиумскиот систем, односно го претворија во пропагандна машина.

Прво почна со потплаќање на медиумите преку рекламни кампањи. Па со сатанизација на цели медиуми. Па партијата-режим го дигаше рејтингот на некои шамани и медиумски егзибиционисти преку гостувања на клучните министри и премиерот. После почнаа со затворање на непослушните медиуми. Го ставија МПМ во своја орбита преку операцијата „шише“, Потоа го откупија МПМ преку своите бизнисмени. Па на ред дојде „Алфа“. Во меѓувреме чистат сè што има создадено какво такво име во новинарството. Денес медиумите се полни со Сарми. А репортерите се без медиуми. Оваа деперсонализација на вестите, особено видлива на „Курир.мк“ е симптом кој јасно укажува како новите медиумски господари го гледаат новинарството. Не како авторство, не како потпишан текст или прилог – туку како функција, обезличено до максимум. Половина од порталите немаат импресум. Зашто тој не е битен веќе, нема таму имиња со кои би се гордееле кога би ви стоеле во импресумот. Денес ние имаме неделник во Македонија кој нема главен уредник наведен во импресумот.

Затоа тонеме на овие ранг листи. За жал 114 место не е последно на листата. Македонија не запира повеќе додека не удри во дното на листата.

 

ЦРНАТА МЕДИУМСКА ЛИСТА

  • Затворени А1, А2, Време, Шпиц, КОХА е ре
  • А3 спречена да почне со работа
  • Изгасна ДЕН
  • ФОРУМ, МАКФАКС, МПМ, АЛФА – промена на сопственост
  • МРТ – Директно финансиран од влада и со тоа подложна на секаков притисок
  • Исчезнаа од екраните во 2011 покрај новинарите од А1: Оливера Трајковска, Драган Антоновски, Роберт Поповски, Александар Чомовски
  • Директна интервенција во Закон за узурпирање на Советот за радиодифузија и остварување на тотална контрола (операција договорена со ДУИ во замена за амнестијата на хашките случаи)
  • Воведување 27.000 евра нематеријална штета за клевета
  • Преку 300 тужби за клевета и навреда во последните 4 години
  • Селективни отпуштања од работа во неколку медиуми
  • Изработка на нов Закон за медиуми кој ја шири регулацијата и врз печатот и врз интернет порталите
  • Јавни повици за линч и дискредитација на новинари
  • Систематско поткупување на медиумите преку државните реклами
  • Насочување на рекламерите кон медиуми преферирани власта преку притисок врз огласувачите со инспекции и казни

Листата не е конечна – само е илустрација за „извесниот напредок во слободата на изразување“.

Слики: Свирачиња

 

ОкоБоли главаВицФото