Бисери и анегдоти на добитниците на Нобел

06.10.2009 13:06
126405-004-7B9FBF46.jpg

Сезоната на доделување на Нобеловите награди за оваа година започна вчера, со објавувањето на добитниците на наградата за медицина,

Сезоната на доделување на Нобеловите награди за оваа година започна вчера, со објавувањето на добитниците на наградата за медицина,

и завршува на 12 октомври, до кога ќе се знаат наградените за најистакнати достигнувања од областа на хемијата, физиката, книжевноста, економијата и унапредување на мирот во светот.

Шесте Нобелови комитети ги држат во строга тајност имињата на кандидатите до објавувањето на добитниците, но како и секоја година, ниту оваа не изостануваат претпоставките за можните добитници.

Меѓутоа, самите лауреати често се затечени кога ќе им се соопшти таа вест која комитетите треба да им ја соопштат неколку минути пред официјалната објава. Повици добивале среде ноќ, на пат кон забарот или преку пилотот на авионот.

Добитникот на наградата за медицина во 1998 г., Американецот Луис Игнаро, мислел дека се работи за шега кога стјуардесата пред влегувањето во авионот во Ница му донела телефон и му рекла дека има важен повик од САД. Неговиот колега, шегаџија, бил на врска и прво започнал да го прашува за здравјето и времето, но кога Игнаро рекол дека се брза, тој му соопштил дека ја добил Нобеловата награда и ја прекинал врската. Веста се потврдила како точна дури кога Игнаро слетал во Неапол.

Швајцарецот Ричард Ернст (хемија, 1991) веста ја слушнал на летот од Москва до Њујорк од пилотот на авионот.

Гинтер Грас во 1999 г. не сакал да ја откаже закажената посета кај забарот и покрај веста дека ја добил наградата за книжевност. „Тоа можеби малку ќе ми ги смири нервите“, се пошегувал тој.

Италијанецот Дарио Фо (книжевност 1997) бил следен од еден новинар со кола на автопат кој, откако го претекнал, му покажал картон на кој пишувало „Дарио, доби Нобел“.

Повеќето лауреати веста ја дознаваат десетина минути пред официјалната објава преку телефонски повик од Стокхолм или Осло, во време кога обично се спие од другата страна на Атлантикот.

„Кој ме бара волку доцна“, се прашувал турскиот писател Орхан Памук во 2005 кој тогаш се наоѓал во Њујорк.

Германецот Рајхард Зелтен, кој ја добил наградата за економија во 1994 г., бил недостапен преку телефон бидејќи се наоѓал во продавница, а кога се вратил, се исплашил дека му ја ограбиле куќата кога видел еден куп насобрани луѓе пред неа. „Излегов од колата и некој дојде да ми рече ’Ви честитам’, а јас прашав ’зошто’?“

Американецот Мартин Чалфи не го слушнал повикот кога минатата година се обиделе да му јават дека станал добитник на Нобеловата награда за хемија. Следното утро се разбудил, сфатил дека веќе биле одредени добитниците за хемија и си рекол: „сега ќе видам кој шутрак овојпат ја доби наградата“. На компјутерот видел дека шутракот е самиот тој.

Наградите за физика, хемија и медицина обично не предизвикуваат никакви протести кај владите во светот, но често поттикнуваат жестоки дискусии во научните кругови. Меѓутоа, посебно престижната Нобелова награда за мир, често се гледа низ политичката призма. Комитетот за наградата за мир, која ќе биде објавена на 9 октомври во Осло, тврди дека сè уште не е направен избор меѓу овогодинешните рекордни 205 кандидати.

Многумина сметаат дека веројатно годинава Комитетот ќе се определи за „традиционален“ кандидат, за разлика од минатите години кога имало кандидати од областа за зачувување на животната средина или борба против климатското затоплување.

Иако меѓу предложените кандидати се наоѓаат и американскиот и францускиот претседател, Барак Обама и Николас Саркози, како и бившата заложничка во Колумбија, Ингрид Бетанкур, тие не се сметаа за овогодишни фаворити.

Меѓу кандидатите се и лекарот Денис Муквеге, основач на болницата за жртви од сексуалното насилство во една провинција на Конго, како и Коалицијата против касетното оружје (СМС) и невладината организација Handicap international.

Некои оценуваат дека комитетот оваа година, на 20-годишнината од Тјенанмен, би можел да ја „укори“ Кина со доделување награда на некој кинески дисидент и борците за човекови права.

Со Нобел за книжевност, кој ќе биде објавен на 8 октомври, за првпат по 1996 г. би можел да биде награден некој поет, се проценува во книжевните кругови. Се споменуваат Швеѓанецот Томас Транстроемер, Сириецот Адонис и Јужнокореецот Ко Ун.

Професорката по данска книжевност Ан Мари Маи откри дека таа го кандидирала Боб Дилан за таа награда, сметајќи дека тој е еден од врвните поети.

Доделувањето на Нобеловата награда го вовел шведскиот индустријалец Алфред Нобел, пронаоѓач на динамитот, а првата награда е доделена во 1901 г. Наградените добиваат по 10 милони шведски круни (980 000 евра) и карта за Стокхолм или Осло каде на лауреатите им се врачуваат признанијата за свечената церемонија.

 

Слични статии:

Нобеловата награда за книжевност

Десет куриозитети поврзани со Нобеловата награда

Twitter треба да добие Нобелова награда