Избори 2013

27.03.2013 13:15
Избори 2013

Во моментот во Македонија не може да има слободни и фер избори на кое било ниво без постоење на технократска влада која ќе ги организира и спроведе изборите.

Зошто?

1. За да се применат законите. Стриктната, ригидна, бескомпромисна примена на законските одредби е основен заштитен механизам кој превенира манипулација или ја казнува манипулацијата. Правилата и процедурите го стеснуваат просторот на самовластие и овозможуваат санкционирање на секое прекршување и повторување на постапките се додека дејствијата не се направат на начин кој ја гарантира слободата на избор.

2. За да се спречи притисокот врз граѓаните. Во услови кога државата е најголемиот работодавач и извор на егзистенција за огромен број граѓани, таа ги држи во свои раце дизгините на изборите и може да манипулира со гласовите на огромната армија вработени – зависни од буџетот на државата. Со издвојување на сите политички гарнитури од местата кои се перцепираат како места на работодавачи во рамките на државната структура се отвора простор за слободен избор на граѓаните.

3. За да се контролира власта. Во услови кога една структура (таа која е на власт) ги има во свои раце буџетските средства кои може да ги искористи по своја желба и без никаква отчетност, многу важно станува да се стави брана меѓу парите на државата/граѓаните и парите на политичката партија која се бори за власт. Ова е посебно важно ако се има предвид дека во изминатите изборни циклуси владејачките партии многу често не ги оправдаа до крај средствата кои ги користеа во изборната кампања.

4. За да се минимизира политичкото влијание врз полицијата и врз правосудните органи. Во услови кога една политичка партија е работодавец на оние кои носат оружје и кои го штитат законот, а не постои демократска традиција на поделба на власта и владеење на правото, политичката партија на власт станува имуна на законска одговорност и правно гонење.

5. За да им се овозможи на граѓаните да го направат својот избор. Секое тврдење дека граѓаните најдобро знаат и дека граѓаните го прават изборот за кој сметаат дека е најдобар за нив е невистинито. Имено, за да може некој да бира мора да бидат исполенти елементарни услови:

-Да има доволни и соодветни информации за тоа што го бира
-Да има можност да ги види спротивставените опции во директен дуел
-Да не се плаши дека изборот ќе има директно влијание врз егзистенцијата
-Да не биде изложен на измами и поткуп

Да беше Македонија демократска држава во која владее правото, сето ова ќе беше непотребно. Меѓутоа Македонија не е демократска држава во која владее правото. Македонија не е дури ни држава во која се развива демократијата и владеењето на правото. Напротив. Македонија е држава во која назадуваат и демократијата и владеењето на правото.

Имено, од 2001 година наваму евидентен е надолен тренд кој се манифестира на различни начини. Само како пример: на локалните избори 2005 година мониторингот беше концентриран на руралните подрачја и подрачјата кои беа претходно зафатени од конфликтот во 2001. Апсолутно незамисливо беше какво било лажирање на изборите во општини како Центар – Скопје. Денес, ниту една општина не е имуна на можен фалсификат, а законите едноставно не постојат во свеста на тие кои ги спроведуваат изборите.

Заради ова сметам дека сите наредни избори мора да бидат спроведени од технократска влада сè додека не се изградат темелите на демократијата и владеењето на правото врз кои единствено може да се издигне зданието на слободни и фер избори.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слики: Мајкл Најт