Белото здание на Кале

17.06.2013 08:29
Белото здание на Кале

Реч при отворањето на зградата на Музејот на современата уметност на 13 ноември 1970 г.

Во последниве години повеќе пати сме присуствувале на овој ден на полагање темели или на откривање на нови згради за културни институции во Скопје. Се создава со тоа скоро еден убав обичај и секогаш наново доаѓа преку тоа до израз желбата да се збогати симболичната содржина на датумот што го обележува ослободувањето на овој град. Како што во споменот на одделниот човек живеат празнични мигови, кои го затоплуваат неговото срце, така и во историската свест на народот остануваат со трајна порака деновите на нова надеж. И заправо ништо не може да го замрачи нивниот светол подем. До толку повеќе чувствуваме задоволство кога имаме можност да го истакнеме видно значењето на таквите празници, како денеска со откривањето на новата зграда на Музејот на современата уметност.

Навистина ретко се случува да е една зграда поникната од толку единствена и благородна идеја. Страшниот земјотрес во 1963 година не ја парализира културната дејност во нашата средина. Не треба никогаш да заборавиме дека токму во тие тешки денови се јавија дури и нови иницијативи во културниот живот, и такви што дадоа видни резултати. Спонтаната акција на голем број ликовни уметници од Југославија, да ја изразат својата солидарност спрема настраданиот град со подарување на свои творби, се посретна тогаш со акција за создавање во Скопје на една установа за современата ликовна уметност. А тоа имаше толку широк одглас, што во еден краток временски срок се најдоа во фондот на Музејот на современата уметност над две илјади дела од повеќе стотини уметници, граѓани на околу четириесет земји во светот.

И така, уште пред да почне да се ѕида оваа зграда, таа беше создавана од невидливите нишки на симпатија и човечка солидарност, во еден момент на остра свест, наднесена и над судбината на нашиот град како и над бездната на страдањата во целиот свет, на свест дека само во чувството на таква симпатија и солидарност имаме залога за иднината на човештвото. И тогаш, како убав свод над оваа пријателска соработка, отворен за светлоста во која треба живеат скулптурите и сликите, беше замислено и изградено ова бело здание. Проектот за него, избран на национален конкурс на полските архитекти, дело на В. Клишевски, Ј. Мокшински и Е. Вјежбицки, е подарок, навистина извонреден, на Владата на НР Полска на градот Скопје.

Длабоко е чувството на нашата благодарност спрема сите оние што уште повеќе со дух и срце, отколку со материјалниот придонес, ја создавале оваа зграда и овој дом на уметноста. Длабоко е и нашето чувство на одговорност спрема самата идеја на братство и солидарност меѓу луѓето во нашата земја и во целиот свет. Една ваква зграда се прави за широка комуникација со светот. Таа не е забутана во балканско сокаче, ами е исправена на овој брег откаде што со еден широк поглед се опфаќа и старото и новото Скопје и широките предели наоколу. Во вакви светли зданија нема место за лилјаците на еснафштината и не треба да има катчиња каде што ќе можат да се бесат. Вакво здраво тело бара здрав дух. Од таков дух тоа е и зачнато - од чувството за соработка и солидарност во културната акција за утврдување на човечките вредности. Како бел лебед нека се раскрилува оваа зграда на мирниот брег на градот Скопје.

Слични содржини

Скопје 1963-2013 / Историја
Јавни простори / Скопје 1963-2013 / Историја
Јавни простори / Теорија / Историја
Јавни простори / Историја
Јавни простори / Книжевност
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото