Цевковод за мед и млеко од ЕУ инсталиран на границата со Хрватска

01.07.2013 09:14
Цевковод за мед и млеко од ЕУ инсталиран на границата со Хрватска

Загреб, 1 јули 2013

Цевката која ќе почне да носи мед и млеко од ЕУ официјално е инсталирана на хрватската граница еден ден пред официјалниот влез на земјата во европската заедница.

Цевководот кој од Брисел води кон сите земји од Европската унија во Хрватска ќе влезе преку Словенија, а првите количини мед и млеко се очекуваат веднаш по официјалното пристапување кон Унијата.

„Пречникот на цевката изнесува осум метри, за целата количина мед и млеко, некаде околу милион тони на час, да може непречено да протекува во сите правци. Тврдењата кои се појавија кај народот, дека во ЕУ не тече мед и млеко, не можат да бидат подалеку од вистината, и тоа ќе се покаже уште денес, кога овие две драгоцени течности обилно ќе потечат во Хрватска “, вели Весна Пусиќ, министерката за надворешни и европски работи и една од главните заговорници за воведување на цевководот во Хрватска.

Таа додава дека мешавината од мед и млеко е еден од најзначајните течности во европската цивилизација, а сега конечно и Хрватска ќе може да се напојува со тој напиток.

Граѓаните на Хрватска уште неколку месеци ќе мораат да живеат со недостиг на мед и млеко, а лекарите советуваат дека не смее да се претерува со конзумација на производот во првите денови, затоа што последиците се далекусежни и можат да доведат до трајна зависност од овој производ.

Цевката низ која тече мешавината од мед и млеко е пуштена во погон уште во далечната 1958 година, кога низ неа првобитно се пуштени јаглен и челик. По придружувањето на голем број членки и падот на побарувачката, јагленот и челикот постепено се заменети со производите кои и денес течат кон сè поголем број членки. Хрватска се обврза дека нема да прави пречки цевката со мед и млеко да помине преку нејзината територија кога ќе дојде време и останатите балкански земји да пристапат кон ЕУ.

Извор: www.njuz.net