Спиналонга

10.08.2013 09:37
Спиналонга

На Крит кај преубавите плажи на Елунда, наблизу до нив има еден малечок остров по име Спиналонга.

Спиналонга е познат како островот на лепрозните во минатиот век.

Грчкото кралство после Првата Светска Војна ги собрало сите лепрозни од Грција па до Велес во заднината на Македонскиот фронт и ги населила на островот Спиналонга.

Тешко ми е 40 дена да напишам за Роберто. Не можев да напишам ни еден збор од горчините македонски.

Денес се чувствувам како жител на Спиналонга.

Денес ние емигрираме, мигрираме, имигрираме од сопствената земја.

Денес ние во 2013 година имаме 400.000 жители помалку од последниот попис.

Денес ние правиме анализи дека до 2018 година од Македонија ќе се иселат уште 200.000 луѓе.

Македонија со оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ во 2018 година ќе има нешто над 1.550.000 постојани жители. Патриотски по сите прописи.

Нè затворија како лепрозни на Спиналонга. Се обидуваат младите и сите работоспособни да ја напуштат оваа земја дури овие им го читаат, врескајќи без да ги слушнат, партискиот манифест, партиската програма, библијата демек партиска. Од 2006 година до денес ова е голема Спиналонга.

Спин-држава чии столбови се шарените лаги. Спин-држава на која кога ќе падне ВМРО –ДПМНЕ тие што знаат и малку математика ќе пресметаат дека профуцкале 15-20 милијарди евра. За ништо, буквално за ништо.

До денес драги мој во нашата Спиналонга профуцкани се 10.000.000.000 евра.

Какви тоа проекти освен куп блесави фигурини и фигуретини во центарот на Скопје кои ве носат во заблуда дека еве ги парите, овде се. Некрополата Скопје. Кога се влегува во центарот на Скопје, таа Некропола буди чувство како да влегувате во антички град или некакви антички гробишта.

Скопје место метропола стана некропола. Македонија наместо Европа стана Спин-алонга.

Во земјата на лепрозните постои едно правило – се умира кога ќе ви отпадне последниот прст.

Ќе умреме кога ќе не можеме да пишуваме и да ја кажуваме вистината која огромен дел не можат да ја погледнат во очи заради ситната корупција која им ги купува душите. Душите затворени во Спин-алонга.

Роберто, продолжуваме, за децата се работи.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографија: Ванчо Џамбаски