Пријателите и роднините се собраа на гробот на Роберто Беличанец по повод 40 дена од неговата смрт

09.08.2013 11:27
Пријателите и роднините се собраа на гробот на Роберто Беличанец по повод 40 дена од неговата смрт

Денеска пријателите и роднините на Роберто Беличанец го посетија неговиот вечен дом на градските гробишта во Прилеп. Сè уште можеше да се забележи неверување и болка на лицата на присутните поради големата загуба.

Инаку, на седенката потоа во домот на Роберто беа евоцирани спомени од неговите родители за детството и животот на Роберто. Дури тие, иако скршени од болка, најдоа сили да споменат и некои анегдоти со Роберто во главна улога. Во една прилика Роберто изјавил дека татко не му е Тито Беличанец и тој не е син на висок поранешен комунист, туку е син на обичен пумпаш од бензиска пумпа. На тоа татко му Љупчо реагирал многу бесно и му се јавил да му потенцира дека тој не е обичен пумпаш, туку е шеф на бензиска пумпа :D 

На моето прашање до Вера Беличанец, мајка му на Роберто, како се одлучиле за тоа не баш стандардно име, таа на сите ни раскажа интересна приказна. Имено, Роберто имал баба која некаде во 1920-та заминала за Аргентина за да се мажи со Прилепчанец емигрант во таа земја. Таа имала син Роберто кој бил жесток левичар и борец и кој загинал во борбите со воените диктатори во Аргентина. Во негова чест дедото и бабата на Роберто посакале нивниот новороден внук да го носи името на загинатиот внук од Аргентина. Судбината на името Роберто по сè изгледа била предодредена за двајцата братучеди. Едниот да го даде животот во вооружената битка со диктаторите во Аргентина, другиот да попушти во стресната и тотално бескомпромисна борба за правда и слобода; можеби Роберто го уби немирот кој изгледа им е зададен на силите кои ја замислуваат Македонија поинаку од сегашниов ужас.

Инаку, се случи и една интересна коинциденција која мене ми се виде трогателна. За време на литургијата на свештеникот, присутните забележаа гулаб на соседното највисоко дрво веднаш над гробот на Роберто. Тоа беше навистина интересна симболика, со оглед на тоа што Роберто цело време инсистираше и се бореше за слобода; а гулабот ја симболизира токму слободата.

Извор: maktel.mk
Автор на првата фотографија: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото